Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КАКВИ МЕРКИ ПРЕДЛАГААТ ЕКСПЕРТИТЕ ВО ВРЕМЕ НА ЕНЕРГЕТСКА КРИЗА

March 31, 2026 Filed Under: Македонија

Кризата во Заливот може да ја погоди Македонија со нов инфлаторен бран. Експертите предлагаат помош за најранливите категории, да се намали товарот од акцизи, антимонополска контрола и инспекциски надзор

НАЈНИСКА ПЛАТА Сега и 600 евра не се доволни

ДАНИЕЛА ТРПЧЕВСКА -ЗАФИРОВСКА

Македонија ќе биде ранлива доколку продолжи кризата и потрае војната во Заливот. Во претходната енергетска криза земјата ја имаше највисоката стапка на инфлација во регионот, а поради големата увозна зависност ризикот од нови ценовни шокови е значително висок.

Поради кризата на Блискиот исток, која трае веќе неколку недели, се очекува натамошен раст на цената на храната, бидејќи речиси една третина од глобалната трговија со ѓубрива поминува преку Персискиот Залив. Економските експерти предлагаат Владата да обезбеди дополнителна поддршка за ранливите категории граѓани, да го намали товарот од акцизи и да ја засили антимонополската контрола и инспекцискиот надзор.

На тркалезната маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси“, експертите оценија дека нов инфлаторен бран е неизбежен. Иако не се очекува нагло зголемување, инфлацијата ќе продолжи со ползечка динамика. Неизвесноста ја отежнува и проценката за економскиот раст.

Таки Фити: намалување акцизи, штедење и координација на политики

Академик Таки Фити смета дека намалувањето на акцизата би имало директен ефект врз цената на нафтените деривати. Според него, потребно е да се засили антимонополската контрола, бидејќи дел од компаниите под изговор на глобалниот раст на цените ги зголемуваат сопствените производни цени.

Фити вели дека, ако кризата продолжи, ќе бидат неопходни ребаланс на буџетот, штедење и максимално намалување на непродуктивните трошоци. Тој оцени дека цената на нафтата нема брзо да опаѓа, а за уништената инфраструктура за нафта и гас во Катар и Иран ќе бидат потребни месеци за обновување.

Ванчо Узунов: Владата доцни, инфлацијата е хронична

Професорот Ванчо Узунов смета дека мерките на Владата се задоцнети и недоволни, особено во услови кога цената на дизелот веќе предизвика раст на трошоците во повеќето сектори.

„Најранливите категории се веќе осиромашени, а дел од граѓаните кои не биле под линијата на сиромаштија наскоро може да се најдат таму“,предупреди Узунов. Тој бара селективни мерки и јасен план, а не, како што рече, пораки „не се секирајте, следиме“.

Според него, инфлацијата во земјата стана хронична и државата не презема доволно за да го сопре трендот.

Борче Треновски: секоја мерка има цена

Професорот Борче Треновски предупредува дека секоја антикризна мерка има финансиски товар: „Каква мерка и да преземете, некој мора да го плати трошокот, или државата преку даноците на сите граѓани или бизнисот, преку зголемување на нивните цени или граѓаните со намалување на нивниот стандард“, вели тој.

Според професорот, најдобро сценарио е секој да учествува во својот дел и секој да понесе дел од ризикот во кој се наоѓаме. Тој повикува на внимателно користење на јавните средства и ефикасна држава и пазар. Неизвесноста околу цените на енергенсите, каматните стапки и европскиот раст ја отежнуваат секоја економска проекција.

Премиерот смирува: состојбата е стабилна, обезбедени се резерви

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека енергетската состојба е стабилна, и покрај глобалната криза. Според него, обезбедени се околу 165.000 тони јаглен, хидроакумулациите се исполнети 40%, а гас има до крајот на април. Тој од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, оцени дека државата „извезува стабилност“, бидејќи снабдува повеќе странски аеродроми со керозин.

И министерот за економија, Бесар Дурмиши, смета дека државата навреме реагирала со намалување на ДДВ на нафтата од 18% на 10% и со континуирано следење на цените на основните производи. Тој информира дека се распоредени 30 мобилни тимови на пазарниот инспекторат, кои засилено го следат синџирот на снабдување. Засега, според него, не се утврдени нелогични покачувања.

Дурмиши смета дека инфлацијата во последните два месеца е во опаѓање, што укажува на стабилизација.

 

 

 

Filed Under: Македонија

2026: ГОДИНА СО ЛОША КАРМА
ДИК: ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ТРЕБА ДА ГАРАНТИРА ФЕР ИЗБОРИ, ОПТОВАРЕНА СО БРОЈНИ СЛАБОСТИ
АНТИВОЕНИ ПРОТЕСТИ ВО САД И ЗАПАДНА ЕВРОПА: ВРЕМЕТО НА КРАЛЕВИТЕ ПОМИНА
ТАМАРА КОТЕВСКА СНИМА НОВ ДОКУМЕНТАРЕЦ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (172) КАКО РУСИЈА ГО УНИШТУВА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО УКРАИНА

Најново

  • 2026: ГОДИНА СО ЛОША КАРМА
  • ДИК: ИНСТИТУЦИЈА КОЈА ТРЕБА ДА ГАРАНТИРА ФЕР ИЗБОРИ, ОПТОВАРЕНА СО БРОЈНИ СЛАБОСТИ
  • АНТИВОЕНИ ПРОТЕСТИ ВО САД И ЗАПАДНА ЕВРОПА: ВРЕМЕТО НА КРАЛЕВИТЕ ПОМИНА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet