БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Неверојатна е оваа ситуација- овие луѓе не се преправаат, не глумат, нивниот шок е длабоко искрен дека некој им доделил дефиниција за корумпирана држава. Тој шок е чист како солза, бескрајно се поразени и вчудоневидени- од каде сега ова мајката, како и кога се случи без некој воопшто да знае?
Просто жалосно е како стигнавме до 111. место на Индексот на корупција на „Транспаренси интернешл”, досега најниско, безобразно ниско, некако наликува на најново, трагично дно. Но, она што сепак изгледа пожалосно, е што власта изгледа дека не разбира зошто тоа ни се случи.
А најжалосен изгледа фактот што Власта е шокирана, онака, со искрено ококорени очи, на двегодишно дете кое не разбира што од него навистина се очекува.
Неверојатна е оваа ситуација- овие луѓе не се преправаат, не глумат, нивниот шок е длабоко искрен дека некој им доделил дефиниција за корумпирана држава. Тој шок е чист како солза, бескрајно се поразени и вчудоневидени- од каде сега ова мајката, како и кога се случи без некој воопшто да знае?
За овие луѓе ваквите шлаканици не се отрезнувачки, напротив- се е неочекувано, ненадејно, ненајавено, се развртуваат околу себе и сопствената оска, бараат одговори, ја тресат главата од неверица. Зошто никој не ги предупредил, како тоа да не слушнале дека оваа листа ќе им се појави, во до вчера веселите, преполни со безгрижност животи.
Каде се советниците, таа армија неработничка, одеднаш се свестува и развртува нашава власт, во надеж дека ќе ги здогледа потрчковците, чија единствена вредна квалификација сметаат дека е партиската книшка. Каде се тие џукели, апаратчци, каде се да ги посоветуваат дека некој ја надгледувал власта, запишувал педантно, броел и множел, секој час, ден за ден, додека не се ставила црта и се испорачала оценката.
Ништо повеќе нема околу нив. Исчезнуваат сите кога е густо, или пак некои остануваат, иако подобро да ги снемало. Па, ангажирано и со сета посветеност ги тапкаат шефовите по рамо, со раката која би сакала да помилува и по коса, за да се потенцира колку е од срце извлечена таа желба за утеха. Ги убедуваат дека за се е виновна опозицијата, короната, сите, но на крај, сепак, најмалку тие.
Но, ќе ги бараат еден ден овие години и моменти- кога нивните најголеми критичари им лепеа катастрофални оценки, а тие ги затнуваа ушите и ги лепеа очите, да не чујат и не видат. Тогаш се уште им беа давани шанси за поправка. Шанси, ако не знаат, би требало да дознаат- ретко се даваат, скоро никогаш, но кога ќе се појават на видик, тие мора да се зграпчат, но со голема благодарност- особено, до нивните најголеми, најжестоки критичари.