ПИТЕР ГУДМЕН
Богатите земји ја прифатија придобивката за себе. Само 0,3 проценти од вакцините дадени на глобално ниво се администрирани во 29 најсиромашни земји, каде живеат околу девет проценти од светската популација
Со брзото производство на вакцини, фармацевтските компании – потпомогнати од монументални владини инвестиции – му дадоа на човештвото чудесна можност да се ослободи од најлошата пандемија на векот зад нас. Но, богатите земји ја прифатија придобивката за себе. Само 0,3 проценти од вакцините дадени на глобално ниво се администрирани во 29 најсиромашни земји, каде живеат околу девет проценти од светската популација.
Производителите на вакцини тврдат дека ова наскоро ќе се подобри, бидејќи тие агресивно ги прошируваат своите производствени линии и постигнуваат договори со владите ширум светот за да обезбедат милијарди дополнителни дози. Месечно се произведуваат помеѓу 400 и 500 милиони дози на вакцини Модерна, Фајзер и Џонсон и Џонсон, вели американски официјален претставник, запознат со глобалната дистрибуција.
Но, далеку од тоа дека на планетата има доволно вакцини. Потребни се околу 11 милијарди дози за вакцинирање на 70 проценти од светската популација, што е, грубо кажано, долниот праг за стекнување на имунитет на стадо, според истражувачите од Универзитетот Дјук во Северна Каролина. Но, досега, само мал процент од тој број е на запишан. И иако е тешко да се измери глобалното производство, аналитичарите од Airfinity проценуваат дека досега се работи за околу 1,7 милијарди дадени дози.
Проблемот е што недостасува многу суровина и клучна опрема. И глобалната потреба за вакцини може да биде дури и поголема од сегашните проценки, бидејќи, коронавирусот е постојана цел: ако се појават нови опасни варијанти за кои е потребна дополнителна инокулација и вакцини направени со нови формули, побарувачката драматично ќе се зголеми. И тоа може да значи дека секоја земја ќе се кандидира за да обезбеди материјали за своите граѓани.
Единствениот начин да се избегне трка за дози е да се прошири глобалното снабдување со вакцини. Но, кој е најбрзиот начин да се направи тоа?
Некои експерти сметаат дека единствениот начин да се избегне катастрофа би било да се принудат фармацевтските гиганти да ги откриваат своите тајни и да вклучуваат се повеќе фабрики во производството на вакцини. Наместо постојниот аранжман – според кој фармацевтските компании формираат партнерства по своја волја и утврдуваат колку ќе чинат нивните вакцини – светските лидери може да ги принудат или да ги убедат да работат со повеќе компании за да направат доволно прифатливи вакцини за сиромашните земји.
Застапниците на ваквата интервенција се насочија на два пристапа: отстранување на патентите за повеќе производители да можат да ги копираат постојните вакцини и да бараат од фармацевтските компании да ја пренесат својата технологија – односно да им помогнат на другите производители да ги имитираат производите.
Светската трговска организација – де факто судија во меѓународните трговски спорови – е место каде се решаваат такви работи. Но, оваа институција се заснова на консензус. И тој во моментот не е на повидок.
Администрацијата на Бајден неодамна се приклучи на група од околу сто земји кои апелираа до СЗО делумно да ги укине патентите за вакцини.
Но, отпорот доаѓа од Европската унија. ЕУ само ќе го поддржи доброволниот трансфер на знаење и технологија, што значи дека Брисел застана на страната на фармацевтската индустрија.
Некои експерти предупредуваат дека бришењето на правилата за интелектуална сопственост може да ја разниша индустријата и да ги забави напорите за доставување вакцини.
Други тврдат дека само да се дозволи фармацевтската индустрија да му дава вакцини на светот довело до јазот меѓу оние кои сакаат да примаат вакцини и оние кои им се спротивставуваат.
Светот не треба да ги става сиромашните земји „во позиција да питачат, или да чекаат донации на мали количини вакцини“, рече д-р Крис Бејрер, виш научен советник во мрежата за превенција Ковид-19. „Сметам дека моделот на добротворна организација е неприфатлив“.
Многу експерти за јавно здравје велат дека одземањето на патентите нема да има ефект освен ако производителите на вакцини не се согласат да ги споделат и нивните методи на производство.
„Ако сакате да направите вакцини, потребни ви се неколку работи одеднаш“, им рече неодамна на новинарите генералниот директор на СТО, Нгози Окоњо-Ивеала. „И ако нема трансфер на технологија, тоа едноставно нема да успее“. Дури и со патенти, трансфер на технологија и пристап до суровини, може да потрае повеќе од шест месеци за нови погони да започнат да лансираат вакцини. Единствениот излез, велат тие, и европските лидери се согласуваат, е богатите земји да донираат и да извезуваат повеќе вакцини во остатокот од светот. Европската унија дозволи извоз на стотици милиони дози, додека САД неодамна објавија дека ќе испратат дваесет милиони дози во странство во текот на јуни.
Но, ова исто така може да претставува ризик. Индија оваа година испрати повеќе од 60 милиони дози во странство, пред да биде запрен извозот. Потоа дојде бран на смртни случаи што го погоди главно невакцинираното население во Индија, па владата е нападната за давање дози на некој друг.
Две години претходно СЗО отиде чекор подалеку кога станува збор за лекови против ХИВ. Тие ги отстранија патентите и им дозволија на сиромашните земји да увезуваат генерички верзии на лекови произведени во Тајланд, Јужна Африка и Индија. Сега, со ковидот, барањето за одземање на патентот дојде од Јужна Африка и Индија, кои се надеваат дека историјата може да се повтори. Но, спротивно на иницијативата, фармацевтската индустрија ги користеше истите аргументи како и пред неколку децении: секое слабеење на интелектуалната сопственост – на англиски јазик IP – ги обесхрабрува инвестициите што доведуваат до заштеда на иновации.
(Авторот е дописник од Лондон на Еујорк Тајмс за економски теми)