Во земјава како да недостасува „петтиот елемент“, оној кој треба да е интелектуалниот сврзник на потенцијалите. Затоа ни се случува да купиме канадери ама да немаме „чесен“ сервисер, да се двоумиме околу некои минимални пробиви во парламентарната работа…
ЉУБOМИР КОСТОВСКИ
Пред можеби и две децении, во миг кога печатарите беа енормно скапи и за правни лица а особено и хартијата за печатење, на пазарот се појавија такви апарати во практични димензии, погодни за нашите мали станови. Беа многу ефтини и многумина, па и јас побрзавме да ги купиме. Речиси не се слушнаа гласовите на разумот кој велеа дека во евтината цена има и трик: она што ќе го добиеш во цената на апаратот ќе се изгуѕби во цената на бојата за полнење. Имено, полнењето (кертриџот) е поторошувачка каде се надиоместува „попустот“ кај машината. Па има боја, нема боја … ако нема една боја не можеш да печатиш и во црно-бела варијанта (сосема доволна, инаку…). Многу бргу таа трка да се купи бојата за печатарот која може да ја снема набргу се претвори во сушење на истата и до констатација за фрлање на пари. И ене, кај мене и кај многумина тие апарати само го пополнуваат домашниот простор со својата неупотребливост!
Ово ј пример произлегува од совремието, ама не од констатацијата за печатарите туку за нешто покабасто: дознавме дека среде сезоната на пожарите ние не можеме да ги користиме нашите два канадери (ер трактори). И дека тоа се случува подолго време. Надлежните велат дека
продавачите на овие авиони главната добивка ја имаат пост фестум – сте ја изнеле стоката (авионите) од продавницата,ама кога таа ќе се расипат или ќе мора да се сервисираат (тоа е многу важно кај воздухопловите) ќе сватите во која грмушка лежи диносаурусот!
Државата сега бара сервиоер, ама и последната јавна набавка пропаднала откако се јавиле добавувачи (сервисери) со енормно високи суми за сервис на леталата.
„Немам намера да кршам закон, а ни Бирото за јавни набавки не дозволува да ја платиме сумата што ја бара сервисерот. На пример, за услугата бара сума која што е дури над 40 отсто повисока од таа што ја овозможува Законот за јавни набавки. Во моментов тече рокот за жалби по објавениот тендер. За една недела Државната комисија за жалби по јавни набавки ќе одлучи што да правиме понатаму“, вели за медиумите директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Беким Максути.
Зад нас се веќе два пропаднати тендера, се отвора патот за наоѓање сервисер со директно преговарање. Со оглед на тоа дека изборот е мал, ДЗС ќе мора ако сака да ги оспособи авионите, да преговара со истиот добавувач, и ќе мора да ја плати превисоката сума што ја бара. Но, засега според Законот за јавни набавки, тоа е невозможно, незаконски е. Мора уште еднаш да се остави да падне тендерот поради превисоката сума – проценува порталот СДК.
Генералот Стојанче Ангелов вели дека авионите „Ер Трактор“ не работат од лани. Има пожари, вели, цело време. Засега се крпи работата со пожарникари-пешадинци, со вработени од Македонски шуми и со армискиот хеликоптер, кој има енормно мала носивост на вода за гасење!
Ова секако е за споредба како нашиот консумеристички дух кај печатарите (имало тука и потреба секако ) и се отсликува во потребата на државата да обезбеди своја „флота“ за гасење на пожари. Се прават истите грешки во погледите нанапред. Но, додека грешката на поединецот се плаќа од сопствениот џеб, овие грешки со канадерите ќе треба да ги платиме од џебовите на сите даночни обврзници.
И покрај огромниот државен апарат, ние немаме аналитичари кои добро го држат сметачот во своите раце.
Така е и кај посериозните, алармантни настани како што е ковидот-19, каде аналитиката треба да е подлабока и подалекусежна, особено по искуството кое го имаме изминатите година и пол. Последното интервју на министерот Филипче за Глас на Америка покажува дека во однос на борбата со вирусот ние, така да се каже, вртиме танкер нагло, среде океанот за 180 степени! Практично, место да сме се уште претпазливи, заради делта вирусот кој стапна и на наше тло, се поддржува „британската одбрана“ која значи: се отвораме кон целиот свет па што ќе биде, нека биде!
„Корона вирусот е од типот на вируси РНКА и карактеристично за тој тип на вируси е дека може да мутира, секогаш кога ќе наиде на некоја препрека, дали тоа што одреден број се веќе заразени во некоја средина или има некакви превентивни мерки, тој мутира. И ,тоа е нешто што не е неочекувано. И, за тоа кога разговараме што треба да препорачаме, какви мерки треба да се преземат, на прво место се карактеристиките на предизвкувачот. И, во таа смисла во овој момент, сметаме дека она што сега го имаме како мерки и препораки за собири на отворено, собири на затворено, задолжително носење на маски во затворен простор, посебно сега кога во летните месеци, луѓето се повеќе надвор се сосема доволно. Со акцент на тоа што повеќе граѓани треба да се вакцинираат, зошто, поради тоа што каква и да биде мутацијата на вирусот и во следниот период и во есенските месеци, доколку имаме доволен процент на вакцинирано население, нема да имаме проблем со затрупани болници и голем број на пациенти. Можно е да се заразат и граѓани кои се вакцинирани, меѓутоа сигурно дека формата на болеста нема да биде тешка“.
Професорот Пановски рече дека сепак треба да се бараат некои тестови на граница и дека е опасно во овој миг ние да бидеме небранета земја, бидејќи делат вирусот е многу лесно пренослив и ние од речиси нулта ситуација во однос на основната верзија сега добиваме реплика која може да не врати со месеци наназад.
Всушност, според загрепски Глобус Индија на 10 јуни го достигна неславниот светски рекорд со најголем број умрени од ковид-19.во еден ден. Тој ден умреле 6.148 лица, главно лежејќи по тремовите на куќите, пред тремовите на болниците или дури и на пазарите. Досегашниот рекорд беше оној во САД – 5.444 од 12 февруари. Индија има повеќе од 1,3 милијарди жители а од починале 400 илјади од ковидот.
Изгледа далеку таа опасност иако кога ги добивме првите двајца со овој, делта сој бргу стигнавме до 11м заболени а веќе имаме и 3 во Тетово за кои се думаме дали се заболени од најопасниот сој – јужноамериканскиот (се уште не го знаеме неговото име според грчаката алфавита).
Она што секако го прави Министерството за здравство брзоплето, рефлексивно во предлагање на мерките се честите погледи од прозорецот. Па се случуваше да ги копираме мерките на Белград на пример, каде, сега постои индолентност кон делта вирусот, иако таму ситуација е полоша од кај нас. Дури молчешкум се гледа на наездата на граѓани на Индија кои одат во здравствен туризам во Србија, бидејќи кај нив или нема вакцини или корупцијата ги прави недостижни!
Разбирлива е грижата на здравствените власти за потребите на стопанството, па и на потенцијалните инвеститори, но последниве секако на проблемот со здравјето на населението тие не го ценат само во однос на постојните мерки, туку на здравјето на нацијата пошироко а тоа значи дека не им е сеедно, ако изградат фабрика во подрачје каде населнието се помасовно легнува во кревет со топломер во устата, бидејќи ќе нема ни доволно работници, ни доволно потрошувачи!
Ете колку ни фали реално предвидување на настаните. И одговорите на постојните дилеми и планови треба да ги бараме во сопствените анализи. За да не се изненадиме што потоа нема да имаме усогласеност меѓу есапот и пазарот. Сето ова што ни се случува е одраз на она – го немаме „петтиот елемент“ во реакција на околностите.