ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
„Во секој агол од светот, слободата на печатот е нападната. Вистината е под закана од дезинформации и говор на омраза кои настојуваат да ги заматат линиите помеѓу фактот и фикцијата, помеѓу науката и коспирацијата“ (од пораката на секретарот на Обединетите Нации Антонио Гутереш за 3 мај 2023)
Контаминацијата на медиумите со лажни содржини и пропаганда беше во фокусот на овогодишниот извештај на Репортери без граници за слободата на печатот (2023), кој го промовираше изразот „fake content industry“ (индустрија за лажни содржини) како закана за новинарството.
Согледувањата на „Репортери без граници“ се дека медиумскиот пејзаж драматично се менува, меѓу другото, како последица на подемот на индустрија за лажни содржини „која произведува и дистрибуира дезинформации и обезбедува алатки за нивно производство“.
Дел од таа индустрија за лажни содржини е несомнено политичко-пропагандна. Во 118 од 180 земји рангирани на Индексот во 2023 година биле забележани масовни политички кампањи со дезинформации и пропаганда.
Но, посебно место во извештајот има ширењето на лажни содржини на Твитер по преземањето од страна на Маск, како и виралното ширење на содржини генерирани од вештачка интелигенција, како што беа, на пример, виралните фотографии генерирани од AI со Макрон, папата и Доналд Трамп.
Извештајот на „Репортери без граници“ предупредува на последиците од индустријата за лажни содржини во дигиталниот еко-систем, кои се закана за квалитетното новинарство: „Се замаглува разликата помеѓу вистинитата и лагата, реалното и вештачкото, фактите и изопачувањата, со што се загрозува правото на информации“.
„Репортери без граници“ предупредуваат на масовно ширење на манипулативни содржини од страна на „индустријата за дезинформации“, најмногу на социјалните платформи.
Добар дел од таа индустрија е воено-пропагандната машинерија, чии ефекти се особено видливи во Европа по инвазијата на Русија врз Украина. Но, не само во Европа – Кина, на пример, е на претпоследно место во Индексот, не само поради тоа што најмногу затвора новинари, туку и како најголем извозник на пропагандни содржини.
За жал, кинескиот случај на еднопартиско уредувачка политика, каде што режимот ги признава медиумите и новинарите само како гласноговорници на ККП и државната пропаганда, не е осамен. Зад Кина на Индексот на Репортери без граници е Северна Кореја каде што може да те испратат во концентрационен камп не само заради критика на режимот, туку и заради гледање на странски онлајн медиуми. Пред Кина на Индексот е Виетнам, каде што медиумите се исто така контролирани од единствената комунистичка партија, која тероризира независни новинари и блогери.
На овие земји им се приближува и Русија, која откако изврши инвазија врз Украина, ги забрани или блокираше речиси сите независни медиуми, воведувајќи драконски казни до 15 години затвор за ширење на „лажни информации“ за руските вооружени сили.
Имајќи предвид дека годинава само во 8 земји ситуацијата е оценета како „добра“ (исто како и минатата), а бројот на земји каде што ситуацијата е многу сериозна е зголемен од 28 на 31, скокот на Македонија за 19 места на Индексот на слободата на печатот е изненадувачки добар показател. Но, не треба да се паѓа во некаква еуфорија, затоа што ситуацијата кај нас не е оценета како добра, туку како „задоволителна“.
Воопшто не треба да се занемарува детектираниот проблем на ширење дезинформации и сајбер-закани на социјалните мрежи и во дигиталната сфера.
Како да се спречат кај нас штетите од индустријата за дезинформации – е прашање со кое сериозно треба да се позанимаваат државните институции, кои се честопати мета на кампањи со дезинформации и хибридни закани.
Секако, битката со дезинформациите е предизвик и за медиумите и новинарите, кои се соочуваат со намалена доверба како последица на нивната непрофесионалност и немањето капацитети да се спротивстават на индустријата со дезинформации.
За жал, и државата засега не покажува доволно капацитети „да ги детектира непријателските извори на пропаганда, дезинформации и лажни вести, за да може ефикасно да ги неутрализира нивните негативни ефекти“, иако веќе стратешки се определи да гради такви капацитети (на пример, во „Стратегијата за градење отпорност и справување со хибридни закани“, за која јавноста нема доволно информации како се спроведува, и дали воопшто се спроведува).
„Стратегијата за градење отпорност и справување со хибридни закани“ предвидуваше „создавање способност за детекција на дезинформативни и психолошки операции, како и способност за справување со интернет „тролови” и користење вештачка интелигенција во процесот на ширење лажни вести и дезинформации“, преку „создавање постојан и ефективен систем за стратегиска комуникација“. Засега, не можеме да детектираме таков ефективен систем за стратегиска комуникација против дезинформативни и психолошки операции, ниту пак траги на користење вештачка интелигенција против ширењето дезинформации.
За да се изгради ефикасен систем против дезинформации, неопходно е прво детално да се мапира индустријата за лажни и манипулативни содржини, и нејзините ефекти врз општеството. Дури откако ќе се мапираат „индустријалците“, „фабриките“, „фабричките ленти“, „трудбениците“, „дистрибутивните мрежи“ и ќе се профилираат „консументите“, може да се пристапи кон дизајнирање на конкретен план за акција.
Овој план за акција би требало да содржи конкретни мерки за намалување на производството на дезинформации, за ограничување на дистрибуцијата на дезинформации и за создавање имунитет и отпорност кај публиката. Но, таков ефективен план за акција можат да создадат само власти и институции кои имаат капацитети и политичка волја за борба против индустријата за дезинформации.
А има ли политичка волја за борба против индустријата за дезинформации – имајќи предвид дека најголемите партии кај нас не се само мета, туку и производители на манипулативни, пропагандни и лажни содржини?
(Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)