Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој беше фатен како прима мито од 400 евра од ветени 50.000 евра за да потпише документ со кој ќе обезбеди користење на финансиски средства од ИПАРД програмата на фирма која не ги исполнува условите. Ова отворив многу дилеми за Министерството за земјоделие

Големиот корупциски скандал во ИПАРД Агенцијата добива пошироки размери. Освен што е загрозена помошта од 128 милиони евра од ЕУ, денеска откриваме и информации кои се доставени до нас за директни врски со највисоките структури во Министерството за земјоделство.
Меѓу петтемина осомничени во овој случај се наоѓа и Јасмина Костадинова.
Таа е поранешна посебна советничка на Цветан Трипуновски, назначена токму во моментот кога тој ја презема функцијата дополнителен заменик-министер за земјоделство. Денес, соработничката на Трипуновски е вработена во Министерството за земјоделство за финансиски прашања во Управата за водостопанство.
Од тоа произлегува јасно прашање:
Како може министерот Трипуновски да тврди дека нема никаква врска со случајот, кога во скандалот е инволвирана негова блиска и доверлива соработничка?
Бројни фотографии со Трипуновски, но и со други високи функционери на ДПМНЕ, меѓу кои Орце Ѓорѓиевски, Даниела Иротова и Игор Миќев ја потврдуваат поврзаноста и со него и со ДПМНЕ. Се е јасно тука.
Прашањето е што знаел министерот Трипуновски за корупциските зделки? Дали тоа значи дека бил информиран за сè или делувала по негови насоки?
Од министер опкружен со изнудувачи и посредници за мито при доделување на европски средства не може да се очекува ниту развој, ниту чесна и одговорна работа во интерес на земјоделците.
За ова мора да има морална и политичка одговорност. Време е министерот Цветан Трипуновски да покаже минимум интегритет и да поднесе оставка.
Коруптивните шеми и скандали на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ја доведуваат во прашање европската поддршка за реализација на ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра.
Големиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го докажува она на што постојано укажувавме, вистинската слика за ова владеење: држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри.
Овој скандал, според информациите коишто ги имаме, веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија.
Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство.
Тоа значи дека нема повеќе нови повици, најавите за новите повици не можат да се отворат, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат.
Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања.
Губењето на правото на располагање со европските средства, кои се главен извор за модернизација на македонското земјоделство, за набавка на механизација, за опрема во преработувачките капацитети и изградба на нови, за поддршка на бизнисите во руралните средини, ќе го закочи целиот развој и ќе ја намалат конкурентноста на домашниот и европскиот пазар.
Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, поддршката од ЕУ е под знак прашање. Во 2017 година затекнавме иста состојба, државата беше на раб да го изгуби европското финансирање во земјоделството, со само 12% искористеност на средствата.
Оттогаш па наваму, седум години макотрпно работевме и со Европската унија изградивме ефикасен и професионален систем дома за поддршка и ефикасна искористеност на ИПАРД програмата. Така, од 12% стигнавме до целосна искористеност на ИПАРД-2 програмата. Станавме лидери во регионот по искористеноста на ИПАРД и во секое село може да се види таблата на еден од 2.369 реализирани проекти.
А што имаме денес? Системот што го создадовме е уништен за само една и пол година власт на ВМРО-ДПМНЕ. Од први станавме последни, и со ризик, поради овој корупциски скандал, да бидат стопирани 128 милиони евра за земјоделците.
Година и пол алармиравме дека ИПАРД-3 програмата е предмет на злоупотреби. Повеќе пати го дискутирав тоа и во Македонското собрание. Изнудувањето на пари, чувањето на предмети во фиоки и на биро, неажурноста, заминувањето на голем број професионалци и партиските унапредувања, на што реагираше Брисел, беа сè поизразени.
А завчерашната акција е само кулминација, која, за жал, не нè изненади, но последиците ќе бидат огромни.
Како земја кандидат за членство во Европската унија, која нема друга алтернатива, Македонија е должна да демонстрира транспарентност, одговорност и функционални институции.
Секое нарушување на довербата од страна на европските партнери го компромитира кредибилитетот на државата и води кон нови мерки, како: построг надзор, губење на финансиска поддршка и забавување на процесот на евроинтеграција.
Во суштина, ова не е само удар врз земјоделците, туку и врз иднината на земјата како транспарентна, модерна и европска држава.
СДСМ очекува целосна морална, политичка и кривична одговорност од секој што е вмешан во овој корупциски и криминален скандал. Одговорност мора да има и за последиците коишто ќе следат. Не може земјоделците, луѓето коишто ја хранат оваа држава и се двигател на македонската економија, да бидат жртви на корупцијата и на неспособноста на оваа власт.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски апелира случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се истражи докрај. Овој случај, според Трипуновски, е показател дека законите важат подеднакво и за сегашни и за поранешни функционери. Според Трипуновски, нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.
– Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаков активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина. Воедно, ги повикувам сите граѓани, без разлика дали се правни или физички лица, доколку имаат индиции за вакви случаи, да ги пријават затоа што само на тој начин можеме да делуваме на некакви девијантни или противзаконски дејствија, изјави денеска Трипуновски.
Во однос на барањето на опозицијата за негова оставка од функцијата министер, Трипуновски вели дека не гледа никаква поврзаност.
– Сакам да потенцирам дека Агенцијата е посебна институција, која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело така што не гледам никаква поврзаност. Затоа апелирам овој случај да се истражи докрај и доколку има одговорност да се делува согласно законот, рече Трипуновски.
Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој беше фатен како прима мито од 400 евра од ветени 50.000 евра за да потпише документ со кој ќе обезбеди користење на финансиски средства од ИПАРД програмата на фирма која не ги исполнува условите.
(користени се материјали на СДСМ и изјави на министерот за земјоделство)




