Колку повеќе заедници во кои човекот се чувствува индивидуализиран и признат, толку подалеку сме од војни, ослободувања и автономии и толку потешко тие му штетат на големиот граѓански идентитет. Нели изгледа чудно што за 20-те илјади Бугари останати во западните покраини по војните, национал-популистите се грижат повеќе, одошто за два милиони Бугари раселени низ светот, за кои многумина се спремни дури и да им го одземат правото на глас?
ИВАЈЛО ДИЧЕВ
Една реплика на српскиот вицепремиер Ивица Дачиќ деновиве ги распали страстите во бугарските медиуми. Всушност, тој сакаше да ја обвини ЕУ поради разликите во правата на Србите во Црна Гора, под напад (според него) од законот за слобода на вероисповед со која Српската православна црква треба да ја докажува сопственоста на имотите стекнати по 1918 година. За да произведе контраст, Дачиќ како пример ја наведе Бугарија која ревносно си го заштитувала своето малцинство во неговата земја, иако тоа било само 0,26 отсто од населението, а за многу поголем процент Срби во Црна Гора немало грижа.
Во Бугарија некои тоа го прочитаа, како што ВМРО ја чита Истанбулската конвенција (доколку ја парафразирам приказната за ѓаволот и Евангелието), и наместо да застанат зад своите православни братучеди, се нафрлија против Дачиќ со обвинување дека се обидува да ги заплаши западните покраини. А Красимир Каракачанов стигна и до Договорот од Нојли со што темата го доби омилениот апсурден тоналитет.
ИЗДРЖАНА ЛИ Е „МАЛЦИНСКАТА ПАНИКА“? Се разбира, подобро е кога националистичката пареа ќе заврши во медиумски врисоци одошто да предизвика крвопролевања како што беше пред еден век. Но, брзото распламтување на скандалот покажа дека страстите тлеат. Стравовите на националните мнозинства се хранат од кризата на националните држави, истовремено хомогенизирани од глобализацијата и нагризани од центрифугалните сили на автономистите како Каталонците, Шкотланѓаните, Косовците или босанските Срби.
Надразнетоста и конфликтите ги породува самиот недостаток на заеднички принцип за конструирање на идентитетот во развиениот свет. На едниот крај е политичката нација од француски тип која волунтаристички ја уредува државата одгоре, на другиот- културната нација по германски образец, која ги обединува веќе постојните културни карактеристики; од една страна е канадската нација-мозаик на различности, од друга – хомогените Полска или Јапонија.
За волја на вистината, државите од Балканот ја потпишаа (или беа притиснати да ја потпишат) Рамковната конвенција на Советот на Европа, повикана да ги заштити принципите на либералната демократија со што не се обезбедува само власта на мнозинството, туку и се штити правото на малцинствата. Само што таа конвенција е „рамковна“ и во неа отсуствува самата дефиниција за национално малцинство. Поради различните традиции, на одделните држави им беше оставено самите да дефинираат што е точно тоа.
Откако се потпиша конвенцијата, бугарските политичари долго повторуваа дека би ги почитувале правата на националните малцинства, доколку имало такви во земјата, но работата е што немало – имало само етнички. Официјална Софија тогаш декларираше дека конвенцијата претставува опасност за промена на територијалната целовитост, што тогаш прозвучи малку параноично. А кој говори за промени на границите во документот? Но со тек на време разбравме како може да се искористи тој став: да се забрани регистрацијата на различни невладини организации на Македонците од Пиринскиот крај со образложение дека се закана за територијалниот интегритет.
Тој страв не е за потценување доколку ја погледнеме историјата. Хитлер ги искористи германските малцинства во Судетите и Гдањск за да ги нападне Чехословачка и Полска. Малцинствата на тој начин денес ги користат Русите во Балтикот и во Украина. А и да не заборавиме дека во Бугарија се регистрирани околу 300 илјади руски имоти- теоретски постојат услови за нешто слично на обидот за пуч во Црна Гора. Со турското малцинство не плашат од времето на кипарската криза во 1974 година, кога Турција окупираше една третина од островот. Но да се плашиме дека ќе нѐ завладее минијатурната Северна Македонија е смешно. Во случајот станува збор за нешто друго. 0% македонско малцинство во Бугарија, 0% бугарско таму: за голем дел од моите сонародници тоа е доказ дека сите Македонци се Бугари; и обратно, за Скопје тоа е безусловен доказ дека немаат ништо заедничко со Бугарите. Потпишавме договори, направивме комисии, а политичкиот надреализам продолжува.
Околу ратификувањето на конвенцијата многу се зборуваше и за претпоставената разлика меѓу етничко и национално малцинство- второто било поврзано со соседните држави и автоматски- поопасно. Но, се пошарениот современ свет постепено го отфрла таквиот поглед. Нели изгледа чудно што за 20-те илјади Бугари останати во западните покраини по војните, национал-популистите се грижат повеќе, одошто за два милиони Бугари раселени низ светот, за кои многумина се спремни дури и да им го одземат правото на глас?
КОЛКУ ПОВЕЌЕ МАЛЦИНСТВО, ТОЛКУ ПОДОБРО Предрасудите кон малцинските групи одат дотаму што често ги сметаме за привилегирани. Особено кога ќе успеат да се организираат, како што сторија бугарските Турци околу Движењето за права и слободи, кое веќе 30 години ем се грижи за нивните права, ем создава регионални клиентелизми, гради кадри и испраќа деца да се школуваат во Турција. Не говорам за грантовите и помошта која некои ја добиваат, тоа се ситни пари. Станува збор за солидарноста, довербата и меѓусебната помош, благодарение на која одредени заедници монополизираат сектори од економијата не само во Бугарија, туку и насекаде низ светот. На тој начин, старите политичко-воени несогласувања околу малцинствата полека се трансформираат во конкуренција меѓу бизнис-мрежи.
Групните права на малцинствата ја ставаат либералната мисла пред сложен проблем. Од една страна – поединецот слободно избира да биде дел од заедницата со која се идентификува. Од друга – таа заедница често му ги ограничува правата и му налага политички дневен ред (малцинствата се често единствени при гласањето).
Јас би тргнал кон проблемот со малцинството не по патот на асимилацијата, туку обратно, по патот на фрагментирањето. Нека цутат сто цветови, како што рекол „големиот водач“ Мао. Би ги признал културните особености на Гагаузите, на Власите и Куцовласите. Би ги разграничил со внимание Турците од источните Родопи од оние во Делиорман, Кардерашите од Јаорлиите… Нека секој си го претвори дијалектот во јазик, нека пишува стихови на него, нека измисли празници и традиции, какви што сака! Претставете си колку шарен би станал Балканот на тој начин? Во Унгарија во 90-те еден народ посака да биде признат како хунско малцинство и дури добија и некакви финансии. Во Обединетото кралство овој месец судот го прогласи етичкото веганство за религија.
Сфаќате ли во кој правец одам? Колку повеќе такви топли заедници во кои човекот се чувствува индивидуализиран и признат, толку подалеку сме од војни, ослободувања и автономии. Затоа што колку помали се идентитетите, толку потешко ќе можат да му наштетат на големиот граѓански идентитет во кој учествуваме сите ние.
(Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција).