БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Едно е факт- Ивона, Латас и Славица Арсова барем не се лицемери, како што сега во тоа се претворија нивните нови следбеници. Оваа тројка никогаш не се извини, никогаш не понуди објаснување со наведната глава- за омразата која ја сееја, за линчот и хајките кон новинарите, активистите, интелигенцијата од спротивната страна
Погледнете ги само последните обвинувања за предавство, повиците за патриотизам. Сите оние што заминуваат во Србија и се враќаат вакцинирани, мора да се предавници на својата земја, на својот народ, петта колона која мора да биде обележана со жолта лента.
Кукавици кои одбиваат да умрат, додека со последните сили, на смртна постела чекаат Ковид вакцина и се крстат во лидерските потези на оваа Влада, која досега можеше да набави барем една, единствена вакцина, која не е донација, и тоа од Вучиќ. Неблагодарноста кон лидерството во оваа земја, што не подразбира традиционална, историска затапеност, значи да се одбива да се чека додека не се умре, додека не дојде навистина крај, во кој ништо не се сторило, ништо не се посакало повеќе, од она што не се понудило- најчесто едно големо, блескаво ништо.
Таа плачлива мелодрама со ужас без крај многу пати е опеана и напишана во македонскиот фоклор како неминовно, последно збогум за спружените во постела, кои ништо не прават, освен што чекаат да дојде судниот час. Трпението како спасение е најголемиот, врвен дострел на македонската покорна извежбана кичма, тоа е една трагична, анегдотална научна дисциплина, тесна и усовршена специјалност на овие простори.
За жал, отпорот кон повиците за предавничката кауза буквално го сфатија некои од медиумските работници, и во јуриш и се придружија на револуционерната лидерка Ивона Талевска, која ги поведе во спасоносна операција на вакцинирање во пријателската, братска Србија.
Краткото паметење е еднакво значајна карактеристика на македонската покорна култура – во име на опортунизмот и конформизмот, се прегазуваат принципите и идеалите, кои, се разбира дека и воопшто не постоеле, што со задоволство го докажуваат.
Се прескокнуваат и лешеви, се забодуваат и ножеви во сопствениот грб, затоа што важно е само да се преживее, макар биле помилувани од довчерашната рака која претходно ви пресудувала на јавна сцена, перфидно, студено, како што и сега ги мести камчињата во истите тие, кутри и самооплакувани судбини.
Но едно е факт- Ивона, Латас и Славица Арсова барем не се лицемери, како што сега во тоа се претворија нивните нови следбеници. Оваа тројка никогаш не се извини, никогаш не понуди објаснување со наведната глава- за омразата која ја сееја, за линчот и хајките кон новинарите, активистите, интелигенцијата од спротивната страна, никогаш не се покајаа за активното учество во злосторствата за време на груевизмот.
Никогаш не е доцна да го сторат тоа, но не верувам и дека некогаш и ќе помислат дека би требало да се извинат, за секој напишан збор, за секоја буква, која водеше кон бескрајно долги години на нови и нови нетрпеливости, омраза и терор. Не верувам, затоа што оние кои ја следеа Ивона во вакцинирањето во Србија, ни потврдија дека стојат зад секој нејзин напишан збор, дека го потпишуваат со две раце, а ако треба ќе пресечат и туѓи, за да и ги приложат како врвен доказ за лојалност, и се разбира, само го потврдија своето соучесништво.