Еуфоријата со „Рекет“ како да се успокојува, заради смиреноста на ЈО и како се’ да се враќа на јазолот околу Законот за обвинители. Иницијаторот на аферата Камчев по долго отсуство се појави некаде од Медитеранот за да сведочи по втор пат кај обвинителката Рускоска. Него никој не го чува, ниту кога наводно дава како рекет милиони евра и кога необични посетители му влегуваат во станот а тој е пак наводно во домашен притвор! Или… тој е во домашен притвор ама може да биде со јахтата низ Медитеранот
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Нашата правна држава е „решето“. Структурите на старата власт со сите сили и вгнездени во сите пори на општеството, особено во Сваровски правосудството, се трудат да ги спасат главните босови на македонската полит-мафија, преку рушење на обвинителските механизми, бидејќи. во однос на делителите на правдата дури и со растурениот параакмис систем имаат добра почва да се надеваат на задржување на сите здобиени привилигии и богатства. Формално, лидерот на тоа криминално друштво во земјата и столб на преселувањата на капиталот во Ростов, Русија – Јордан Камчев на актуелната афера Рекет гледа спокојно од местото на својот престој никој не гознае. Час го виделе на Хвар, каде случајно летуваше врвот на ВМРО ДПМНЕ час во Варна, па во Сандански… Потпрен на палубата, Камчев летово веројатно уживал читајќи ги вестите за аферата, бидејќи иако е тој главниот изведувач на Рекет, си седи практично на слобода, бидејќи го има пасошот во своите раце а можеби и парите што наводно ги дал на „уценувачите“.
Осомничената шефица на СЈО вели дека му го дала псошот, бидејќи, се надевала дека ќе го придобие Камчева за сведок соработник во однос на злоделата на првенецот на нашата валкана транзиција – Сашо Мијалков. Но, како можеш да направиш соработник од некој кој излегува од земјаа кога сака и оди каде сака, знае само Јанева, со своите, како што рекоа некои – „идиотски објаснувања“?!
Оваа недела започна со нови неизвесности околу носењето на измените на Законот за обвинителство, кој се однесува пред се на статусот на СЈО и предметите во него. Изгласувањето на овој закон беше и очевидно по стартот на разговорите меѓу позицијата и опозицијата, ќе биде посебен предизвик затоа што гласови и поддршка треба да се добие од лица што се осомничени или обвинети за кривични дела, или од политички партии против чии членови на раководства се водат судски постапки! При тоа веќе како проблем и камен на сопнување во преговорите не е Катица Јанева, бидејќи, нејзиниот мандат истекува на 15 септември а згора таа се наоѓа во затворот Шутка.
Политичката клима за носење на Законот за обвинители, од кого зависи нашиот старт на преговорите со Брисел никогаш не беше добра, повтори пред неколку денови во интервјуто за „Независен“ министерката за правда Дескоска. Таа потсети дека уште на почетокот на мандатот кажала дека посебен предизвик ќе биде носењето на Законот за јавното обвинителство.
– Политичката клима во текот на сите разговори за законот беше лоша. Но, во исто време, таквата состојба можеше да се третира и како добра клима во која сите политички партии и пратенички групи со својата поддршка имаа шанса да покажат дека навистина се посветени на борбата против криминалот и корупцијата. За жал, таква волја во редовите на најголемата опозициска партија не видовме. А, кога нема волја нешто да се направи – секогаш може да се бараат различни причини за оправдување, а најлесно е да се „набеди политичката клима“ – вели Дескоска.
За неутралните стручњаци и за мал дел од медиумите на кои им е совршено јасен проблемот, каменот на сопнување во текот на преговорите за законот е барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики, вели и министерката. Другите прашања се прашања за кои има мегдан за разговор, оценува таа. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО да се спојат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи, мандатот ѝ истекува на 15 септември.
Името на компромитираната Јанева се користи од страна на опозицијата, поконкретно од Христијан Мицковски и неговата камарила за да го разниша кредибилитетот на обвинителската фела, но и на владата на Заев во целина. Се работи за замена на индивидуалната одговорност, што е единствено логична и дозволена мерка за одредување на одговорноста во демократските општества, со колективна одговорност на што поширока основа, политичка пред се, колку и да е тоа погрешно како принцип а и нема врска со дозволените методи на политичката игра. Аферата Рекет не може – освен со вложената медиумска стратегија и енергија – да биде никаков основ да го преврти сето она што се случувше во земјава во периодот од 2006 до 20017 година! Уште повеќе што сега редовното обвинителство со својата експозитура за гонење на организираниот криминал, ако се изземе годишноодморската сиеста, засега си ја води постапката во аферата „Рекет“ добро. Дури можеби отповеќе внимава на формата, за да нема дофрлувања дека е под нечиј патронат, но еве, мислам дека и целата светска јавност е сведок за тоа дека правната држава, иако грогирана може да се поврати и дека за кусо време оваа афера, а тоа го најави и претседателот Пендаровски и министерот за надворешни работи Думитров, нема да биде услов за наш просперитет во Брисел. Остануваме на јазолот наречен Закон за обвинители.