Генералштабот на вооружените сили на Украина, како што пренесува Newsweek, на својата Фејсбук страница навел дека „значителните загуби и неподготвеноста за борба“ придонесуваат за влошување на „моралната и психолошката состојба“ на окупаторските руски војници. Се зголемува и бројот на дезертери
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во понеделникот го подигна знамето на таа земја во неодамна ослободениот и стратешки важен град Изум во областа Харков. Недолго потоа, овој град го посети и тимот на Би-Би-Си.
Како што се приближувате до Изум, се поочигледни се знаците за брзо повлекување на руската армија.
Украинските војници главно се групирани околу патот надвор од градот и со насмеани лица гледаат во воениот плен. Оставени се два руски тенкови – на едниот има украинско знаме. Војниците се прегрнуваат и слават, користејќи еден тенк за да се обидат да го извлечат другиот од ровот. Малку надвор од градот, уште еден тенк е оставен на патот и делува како споменик на рускиот пораз. Еден локален минувач застанал за момент да направи селфи на кое покажувал надолу со палецот. Се појавуваат и две жени кои излегуваат од камионот, носејќи неколку мали торби, во кои главно има намирници.
Лариса која има 61 година и Викторија по долго време за прв пат се враќаат во градот. Лариса вели дека го напуштиле градот кога почнала војната и сега се среќни што се вратиле. Но, ситуацијата е комплицирана, бидејќи, нејзиниот роден град е уништен.
По разговорот со новинарите на Би-Би-Си, двете го продолжија патувањето пеш за да се сретнат со своите пријатели.
Истражувајќи го градот, видовме многу гранатирани и оштетени згради.
Од другата страна на улицата од оштетената општинска зграда, неколку десетици луѓе тивко чекаат да добијат хуманитарна помош на попладневниот дожд. Пакетите за помош вклучуваат кисели краставички, сува храна и флаширана вода.
Во градот моментално нема вода, струја и греење.
Сè уште не е познат точниот број на жртви, но локалните власти соопштија дека 47 лица, меѓу кои и деца, загинале во бомбардирањето на петкатниот станбен комплекс во март.
Една од бомбите направи огромен кратер во земјата меѓу зградите.
Во една од зградите јасно се гледа како изгледаат становите. Во станот на горниот кат има масичка со ТВ. Неколку ката подолу, облеката сè уште уредно виси од закачалките во гардеробата, како да чекаат сопственикот повторно да ги облече.
Три насмеани жени гледаат фотографија од мал албум што го пронашле во урнатините. Татјана (69) која живеела во зградата 22 години покажува кон својот балкон на вториот кат. Таа вели дека зградата била бомбардирана утрото.
Татјана не била таму, бидејќи претходно отиде во засолништето со нејзините соседи. Ракетата го погодила само центарот на зградата.
Надвор од општинската зграда, која Русите ја користеле како команден центар, на вратата сè уште виси рускиот знак, но знамето на државата е фрлено во канта. Канцелариите во зградата се полни со расфрлани кутии со папки. Во полициска станица во близина, каде што Русите држеле затвореници во ќелии, најдовме куп украински пасоши.
Локалната полиција соопшти дека пасошите Русите ги одзеле во претходните месеци од окупацијата.
Украинските власти тврдат дека ќе докажат дека луѓето биле мачени и намерно убиени во Изум, каде по повлекувањето на руските сили биле пронајдени околу 450 гробници.
Во боровата шума на работ на Изум, смрдеата на смртта го исполни воздухот додека започна масовната ексхумација
Украинските власти веруваат дека се извршени воени злосторства, кои се решени да ги документираат.
Околу 100 украински работници за итна помош облечени во сини пластични прекривки копаа импровизирани гробници. Тие се обидуваат да ја утврдат причината за смртта на стотици луѓе закопани во шумата на периферијата на градот, неодамна ослободен од украинските сили.
Изум, нападнат во април, Русија го користеше како клучен воен центар за снабдување на своите сили од истокот.
Ексхумацијата беше извршена главно во тишина, додека полицијата и обвинителството следеа. Регионалниот обвинител во Харков, Олександар Иљенков, вели дека нема сомнеж дека овде биле извршени воени злосторства.
„Во првата гробница има цивил со јаже преку вратот. Значи, гледаме знаци на тортура“, изјави тој за Би-Би-Си.
Тој рече дека „речиси сите биле убиени од руски војници“.
„Некои од нив биле убиени, некои биле измачувани, некои биле убиени во воздушни и артилериски напади на руските сили. Украина беше решена да му ја покаже на светот оваа вознемирувачка сцена.
Гробовите се обележани со дрвени крстови. На неколку беа напишани имиња, но повеќето беа означени само со број. Погребувањата овде биле извршени по наредба на Русите кога тие имале контрола.
Украинската полиција соопшти дека на местото има 445 нови гробници, но во некои има повеќе тела. Не е познато како сите загинале. Се вели дека меѓу нив има цивили, жени и деца. Обвинителите велат дека некои загинале во руско гранатирање, а други биле жртви на руски воздушен напад врз станбен блок во март, во кој загинаа 47 луѓе.
Официјални лица велат дека имало околу 20 војници во еден гроб, некои со врзани раце и еден со јамка околу вратот. Телото на маж во воена униформа беше ексхумирано и закопано во бела вреќа.
Додека се отвораа гробовите, спорадични експлозии можеа да се слушнат во далечината додека безбедносните сили работеа на деминирање на областа.
Григориј (72) дошол да го види гробот на сопругата Људмила. Ни кажа дека таа била убиена на 7 март при силно гранатирање во Изум.
Прво мораше да ја закопа во дворот на нивниот дом, а потоа повторно беше погребана на ново место во август. Сега нејзините останки повторно ќе бидат вознемирени.
Дури сега, бидејќи Русите се истиснати, Украина може овде да спроведе детални истраги и да утврди колку жртви оставиле окупаторите.
Една жена што живееше преку шумата ни кажа дека руските трупи ги држат мештаните подалеку од гробиштата.
Еден локален човек по име Максим се појави на погребот, барајќи од новинарите да ја снимат неговата приказна за тортурата.
Тој рече дека Русите го уапсиле на почетокот на септември, а украинските сили го ослободиле кога пристигнале во Изју минатата сабота (10 септември). Ни покажа траги од лисици на зглобовите и рече дека бил подложен на струен удар.
Во меѓувреме Русија распореди хеликоптери во окупираната украинска област Херсон во обид да собере војници кои ги напуштија своите позиции, соопштија украинските власти.
Генералштабот на вооружените сили на Украина, како што пренесува Newsweek, на својата Фејсбук страница навел дека „значителните загуби и неподготвеноста за борба“ придонесуваат за влошување на „моралната и психолошката состојба“ на окупаторските руски војници. Се зголемува и бројот на дезертери, се наведува.
На привремено окупираната територија на регионот Керсон, во областа на втората населба Бабенкивка, непријателот мора да распореди хеликоптери и оружје за да ги принуди дезертерите и да ги врати на нивните борбени позиции. Дополнително, евидентирано е интензивно движење на невооружени руски војници по Каланчак, во правец на привремено окупираниот Крим, се додава во соопштението.
И претходно имаше неколку индикации дека моралот меѓу овие војници е намален, вклучително и извештајот на британското разузнавање оваа недела во кој се вели дека руските војници доживуваат „морални и дисциплински проблеми“ во Украина.
(екипа на Би-Би-Си)