Оваа партија го поддржа ВМРО-ДПМНЕ и помогна да се изгласа законот од „Безбеден град“. И обратно – власта не ги поддржа амандманите на оваа партија кај промените на КЗ

Системот „Безбеден град“ ќе почне да се применува од 1 февруари. Ѓо би се рекло – предлог-законот помина „на рсти“. „Тврдата“ опозициска партија Левица најде заеднички јазик со владините партнери. Односно
Левица и ВМРО-ДПМНЕ во петокот се најдоа на иста страна за еден многу битен закон со кој може да стартува проектот.
Собранието со 81 глас „за“ и 19 „против“ а имаше и воздржани го изгласа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова се отвора патот за почеток на системот за автоматско снимање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари. По барање на координаторката на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше поединечно со изјаснување на секој пратеник.
За законот беше потребно двотретинско мнозинство, а тоа го овозможи пратеничката група на Левица. Тоа и се очекуваше по неодамнешната лидерска средба свикана од премиерот Христијан Мицкоски, на која учествуваше и лидерот на оваа партија – Димитар Апасиев. По средбата Апасиев изјави дека бил изненаден од „конструктивноста“ на разговорите.
Борислав Крмов од Левица објаснувајќи на говорницата како ќе гласаат рече дека законот има многу слабости, но тие ја гледале поголемата слика, дека тој ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот.
Пратениците на СДСМ, ДУИ и Алијансата беа против Законот за прекршоци бидејќи се сомневаат дека податоците што ќе бидат прибрани од електронските уреди не се заштитени и може да има сериозна злоупотреба. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, пред гласањето рече дека тие се против ваквиот закон затоа што се многу загрижени за безбедноста на податоците.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање.
Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци.
Инаку, читателите треба да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ на последната седница на Комисијата за политички систем, на која на дневен ред беше амандманска расправа за Предлог-измените на Кривичниот законик, гласаше против амандманите предложени од Левица, со кои се бараше заострување на казнената политика за кривичните дела сторени од страна на службени и одговорни лица кои вршат јавни функции.
Пратеничката Мојсоска посочи дека основата на проблемот е во тоа што функционерите се недопирливи за законот, додека обичниот човек завршува со години зад решетки и за украдени ќебапи. „Ова е држава каде застаруваат криминали на високи функционери, ама никогаш не застаруваат криминали за кражба на ќебапи. Не верувам во намерата на власта. 35 години гледаме како функционерите ги трошат милионите дали во Будимпешта, дали во Монако или во Дубаи“, истакна пратеничката.
Колку оваа „борба“ ќе фрли чадна бомба за срамното гласање за проектот „Безбеден град“ за кои и тие имаа исти забелешки како и оние партии кои не гласаа за проектот? Многумина го оврзуваат ова гласање со фактот дека на еден виден член на оваа партија треба да мусе суди за сериозен сообраќаен прекршок!




