ДЕНКО МАЛЕСКИ
Кога би вложиле само малку напор да ја разбереме улогата на оваа светска сила во процесот на нашето мирољубиво конституирање во суверена држава, и ние не би можеле никогаш да ѝ кажеме „не“ на Америка
Како можам на Америка да ѝ кажам „не“, јавно прашува премиерот на Албанија Рама, за барањето неговата земја да прими бегалци од Авганистан. Само уште да додаде, после сè она што оваа голоема сила го направи за Албанците, и се би било појасно.
Од истата причина, раката на албанскиот претставник во ОН беше најбрза во гласање „за“ резолуции спонзорирани од САД. А, ние Македонците?
Растени во духот на отпорот кон големите сили и Титовото „не“ на Сталин, никако не ја разбираме новата реалност на нашата земја, а уште помалку улогата на Америка во нејзиното конституирање како суверена држава. Американската надворешна политика лесно може да се „прочита“, ми вели Лорд Карингтон, претседавачот со Конференцијата за Југославија, платформа поддржана од Америка која ги крена македонските политички претставници на светската сцена и им даде еднаков глас со посилните републики на федерацијата.
Американците, рече тој, секогаш застануваат на страната на послабите. Дека е така тие покажаа не само на примерот на Албанците, туку и на примерот на независната македонска држава. На самиот почеток, без, макар и со еден збор, да го проблематизираат нашето комунистичко минато, верувајќи во нашите зборови дека сакаме да станеме дел од демократскиот свет, застанаа одлучно зад оспоруваната од соседите „творба на Коминтерна“.
Апсолутно не ги интересираше нашето минато. Се раководеа од девизата дека на сè што е животоспособно треба да му се даде шанса. Дарежливи во големата победа над комунизмот на СССР, ги интересираше само демократската иднина на нашата земја. Застанаа во поддршка на македонската држава која како последица на историските јазли беше наречена „бебе од катран“ на Балканот. Претставниците на Америка, тоа бенигно чудовиште со страотна моќ, беа луѓе полни со разбирање за нашите маки. Не третираа со респект кој го заслужуваат сите разумни човечки суштества. Не, не можеа секогаш да ни помогнат зашто секаде владеат истите закони на политиката, но знам сега дека сторија многу да опстанеме и да дочекаме да не примат во НАТО алијансата за која можевме само да сонуваме тогаш.
Како и кај поединците и кај државите важи правилот a friend in need is a friend indeed (пријател во невоља е вистински пријател). Денес Америка е во невоља и потребна ѝ е наша поддршка.
Кога би вложиле само малку напор да ја разбереме улогата на оваа светска сила во процесот на нашето мирољубиво конституирање во суверена држава, и ние не би можеле никогаш да ѝ кажеме „не“ на Америка.