АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Тој проблем so Bugarija, очигледно, пак ќе треба да се бара некој компромис кој, со многу негодување, би можел да го голтне македонското јавно мнение, не ќе може да се реши без активна улога на американската администрација. Само со таа, активна и делотворна улога на САД во „политичко-лингвистичкиот спор“ со Софија може да се дојде до некој „компромис,“ сега засега мислена именка, затоа што г. Бојко Борисов ни постави свој ултра-ултиматум: или со формулата од нашата Изјава во ЕУ или, збогувајте се со неа! “Трето няма!“
Познатиот загрепски македонист Златко Крамариќ кој, едно време, беше „велепосланик“ (амбасадор) на Република Хрватска (сега претседавач на ЕУ) во Македонија, напиша еден коментар кон мојата колумна „Чистиот ‘български език’ и валканиот македонски“ кој ќе го наведам во целост:
“Сето тоа го разбирам, но каков треба да биде адекватниот одговор од македонска страна на оваа лингвистичко-политичка провокација? Со апсолутно уважување на Твојата елаборација останува прашањето: сè ни е јасно, но што натаму, кој е македонскиот одговор на сето тоа? Поточно, ти покажа некои од апсурдите кои припаѓаат на лингвистичката сфера на проблемите, туку што е со политичкиот одговор затоа што е тоа, пред сè, политичко прашање завиено во лингвистички целофан.“
Сега засега, има еден добро дозиран и одмерен политички одговор на таа „лингвистичко-политичка провокација“ од Софија кој го даде нашиот министер за надворешни работи г. Никола Димитров. Во една дебатна ТВ-емисија на „Телма“ Димитров рече дека тоа било уште една „планина“ што „треба да ја изодиме“ (искачиме), со јасна сугестија дека првата „планина“ била Преспанскиот договор со Грција чиј потписник е тој од македoнска, а Никос Коѕиас од грчка страна. Притоа, нашиот министер за надворешни работи не пропушти да потсети дека двете (една на Софија и друга на Скопје) владини комисии кои ги пеглаат веќе бугарско-македонските „междусобици“ дошле до некои решенија на спорните прашање од „заедничката историја“ до 18 век, а тоа било еден успех кој сепак охрабрува затоа што сличните комисии кои ги пеглаат француско-германските „междусобици“ работат со децении.
Тој добро дозиран и одмерен одговор на најновата (малку очекувана?) софиска „лингвистичко-политичка провокација“ на нашиот министер не оди баш најдобро со некои аргументи на кои се повика како одговор на баражниот оган од нашата опозиција која тврдеше дека договорот бил „капитулантски.“ Тогаш министерот Димитров рече дека тоа било максимум што можело да се постигне; дека со тој храбар Договор, практично, сите членки на ЕУ признаваат македонски јазик, темел на македонскиот идентитет. Сега испаѓа дека не било така. Соседна Бугарија упати Изјава до Комисијата за проширување на ЕУ во која се бара ЕУ, во своите документи, да ја употребува формулата „службен јазик според уставот на РСМ“, а не формулата „македонски јазик“ кој за Бугарија и натаму си останува еден „т.н. македонски јазик.“ Очигледно е: во времето, кога Димитров зборуваше дека македонскиот јазик го признале и членките на ЕУ не очекувал Софија до го издигне тој „въпрос“ на ниво на ЕУ и затоа сега вели дека е во прашање нова „планина“ што треба да ја „изодиме.“
Дали, во времето кога, врз основа Преспанскиот договор, министерот Н. Димитров велеше дека сите членки на ЕУ признаваат македонски јазик, бил политички наивен? Дали заборавил или, уште полошо, не знаел дека блиската историја нè учи дека Софија некако лефтерно, со една „неснесителна лехкост“ (М. Кундера) „менява политически приятели, но не и нрав?“ Дали заборавил или не знаел дека ЕУ е еден ентитет од суверени држави кои отстапиле само дел од својот суверенитет на таа „наднационална“ политичка структура? Дали мислел дека оној дел од својот суверенитет кој и го отстапиле државите-членки на ЕУ е посилен од оној што го задржале? Дали, затоа што си мислел дека отстапениот дел е посилен, поверувал дека Бугарија се променила многу и дека нема да го издига прашањето за македонскиот идентитет на Евро-ниво?
Што и да мислел, како и да шестал, проблемот со македонскиот јазик е веќе на масата на ЕУ. Таа советува дека трбе да се се решат спорните прашања со Софија во духот на потпишаниот Договор, а пак на нашиот министер му е наполно јасно дека е тоа една „планина“, можеби и повисока од онаа што некако ја „искачивме“ со потписот на Преспанскиот договор. Кога е веќе на маса, многу логично е да се фрли тој „горещ“ компир „завиен во „лингвистичко-политички целофан“ и да се рече (тактички?): што ќе ни е ЕУ ако таа не нè признава? Ако, за атер на Бугарија, ЕУ не признава македонскиот јазик и нација? На што, за да биде приказната уште подраматична, некои фактори од албанскиот политички блок „промптно“ ќе одговорат дека не одобруваат политика влез во ЕУ само со признание на називот „македонски јазик,“ никако со формулата што ја предлага нашиот источен сосед во неговата Изјава.
Тој проблем за кој, очигледно, пак ќе треба да се бара некој компромис кој, со многу негодување, би можел да го голтне македонското јавно мнение, не ќе може да се реши без активна улога на американската администрација. Само со таа, активна и делотворна улога на САД во „политичко-лингвистичкиот спор“ со Софија може да се дојде до некој „компромис,“ сега засега мислена именка, затоа што г. Бојко Борисов ни постави свој ултра-ултиматум: или со формулата од нашата Изјава во ЕУ или, збогувајте се со неа! “Трето няма!“
Верувам дека на таква помош се надева, дека таква помош очекува од американската администрација и министерот Н. Димитров кога со еден дозиран оптимизам зборува за „планина“ што треба допрва да се „искачува.“ Но и за таа помош е потребен некој политички лик во Софија од форматот на Гркот Алексис Ципрас. Дали од тој фармат е актуелниот премиер на бугарската влада? Тоа ќе се види наскоро. Тоа што сега се гледа е само врв од санта лед.