ЛИНДИТА КАДРИУ
Причината зошто не ја следам емисијата Вин Вин, не е затоа што немам телевизор, ниту, пак, интернет во станот во Тетово, ами затоа што насловот врска нема со третирањето на гостите, атмосферата и доминантниот тон
Неделава ја изгледав поради гостувањето на народниот пратеник Халил Снопче. Неговиот научен дискурс, хуманистички приод и духовитост потсетуваат на собранискиот претседател Љупчо Јордановски, исто така угледен професор посветен на науката, Европеец, државник – го запознав случајно, премина во долго попладне, Плоштад 2008, па во незаборавно дружење, хемија… Да поживееше, изгледите беа дека ќе се вљубев, а претпоставувам дека бил обожаван од жените.
Да замислиме пријателство што се памети или, пак, љубов, НЕКЛИЕНТЕЛИСТИЧКА, без моќта како афродизијак:
со прототип на македонски политичар (претставен овде од Звонко Давидовиќ), со Рашко (исто така одлично портретиран од Јанаки, како и во интервјуто во последниот „Фокус“) Бог да чува од одговорите, па оди вљуби се! Има ли шанси за импресивно попладне како со Јордановски!?
Посочените три текста би ги обработувала со студентите по новинарство, по основ на анализа на проблем, негување стил, поставување вистински прашања… Конкретизиравме домашни и странски новинари, креатори на јавното мислење, а Оливера Трајковска ја земав за пример како не треба да се води интервју.
Во семинарскиот труд за ТВ дебати, еден студент напиша, му паметам и други цитати: И покрај добрата продукција, нејзината емисија Светла точка во основа има провинцијален дух.
Трајковска не е добра модераторка, ништо не ѝ е ОК, освен подготвеноста, што е недоволно за вкупната импресија.
Да не одиме посеверно, во ХТВ не би можела да работи. Илустрација: Александар Станковиќ, автор на култната Недељом у 2, која се емитува 21 година, во време на Мирко Галиќ, преку Советот за етика бил казнет со 20 отсто од платата затоа што двапати едноподруго му поставил исто прашање на гостинот!
Јавниот сервис со меѓународен углед едноставно се води од професионални норми, деловен бонтон, одржува и поставува стандарди на јавната комуникација. Една реченица во Ваш стил Оливера: таму не би ви дале да правите емисии, евентуално само кафе. Факт е, ама звучи малку токсично. Такви ви се емисиите чии точни називи би биле Темна точка и Lost Lost.
Злоупотреба на телевизиската минутажа за лични експликации (има ТВ-автори кои се и публицисти и не се распостелуваат на 20-тина минути од секоја емисија(!). Уфрлување сред реченица на соговорникот, без мера и без зборчето Простете што не се прави ни на кафеанска маса.
Непријатно нагласување на одредени слогови и зборови (во обуките на Бранка Станковска за правоговор така не би поминале).
Постојана желба да се биде во центарот на вниманието, не се изморивте!? Екранот, посебно на долги патеки, не трпи нагласена суета, гримаси и невербална комуникација, која вклучува и наслада од збунетоста на гостинот: како да не се збуни кога постојано го прекинувате, а претходно сте му поставиле километарско прашање, па тој на крајот заборава што беше таму далеку, на почетокот на реченицата!
Халил Снопче Ви одржа лекција, не може(в)те да го струполите, ниеден новинар или политичар не можел. Струполувањето на гостинот не е еднакво на поставување тешки прашања, тоа само ве прави лош домаќин.
Имам работен стаж колку и вие, и тврдам дека можете многу подобро.
(Fokus)