Во рамките на случајот „Титаник“ беа сослушани службени лица кои биле одговорни за процедурата на давање на лични документи во МВР. Мунир Пепиќ – клучен човек за оваа махинација
Во Кривичниот суд Скопје се одржа ново рочиште за предметот „Титаник” кој го води судијата Осман Шабани а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Лиле Стефанова.
Сите странки беа на време пристигнати и рочиштето започна без задоцнување.
На главната расправа се продолжи со доказната постапка, сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Вкупно петмина сведоци дадоа исказ пред судот за незаконското издавање на лични карти во периодот 2012/2013 година.
Првиот сведок беше Виолета Димитровска, која до 2017 била вработена во МВР, матично работење и во својот исказ пред судот кој траеше повеќе од еден час, детално ја објаснуваше постапката, процедурата за стекнување на државјанство.
Сведокот изјави дека обвинетиот Мунир Пепиќ и кажал дека имало неколку лица кои не можеле лично да дојдат поради својата тешка материјална состојба во која се наоѓале, па нивни претставник ќе ги доставел нивните барања а таа истите да ги прими иако за тоа било потребно лично доставување од странката која го поднесува барањето.
Сведокот се обратила веднаш до Началничката Надица Велевска за да ја информира за целата ситуација,но на тоа таа и се обратила со зборовите :
– Што да ти кажам, штоп да ти речам.
Сведокот ги примала барањата и ги предавала, но не вршела целосен увид во поднесената документација.
Одбраната вкрстено го испитуваше овој сведок.
Адвокатот Еленко Миланов постави неколку вкрстени прашања на сведокот за тоа дали обвинетиот Пепиќ кој тој го застапува во овој предмет и наредил или само ја известил за начинот на кој ќе се примаат тие барања од нејзина страна, сведокот одговори дека тој само ја известил.
Во тој момент обвинетата Билјана Бришковска Бошковски беше јавно опомената на записник од Судијата Шабани со опомена доколку продолжи со попречување на работата и редот во судницата истата ќе биде отстранета во ходникот до крајот на рочиштето.
Адвокатот Димитар Дангов со прашање до сведокот дали таа чувствува одговорност, таа одговори дека се чувствувала повредена и навредена за начинот на кој требала да постапи но така и било кажано.
Адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ го повлекоа предлогот за директно испитување на овој сведок.
Вториот сведок беше Оливера Димчева, Советник во Одделението за управни работи – Скопје.
Сведокот во својот исказ пред судот, кој траеше 40 минути објасни за постапката за поднесување на барање за издавање на лична карта.
Таа била повикана од Јадранка Гулевска, за да и пренесе дека ќе има луѓе кои треба да се евидентираат но нема да ја поседуваат целосно потребната документација а како одговорно лице ќе биде сега веќе обвинетиот Мунир Пепиќ.
Сведокот изјави дека воопшто не и било лесно да ја прифати таа информација.
Одбраната вкрстено го испитуваше овој сведок.
Адвокатот Еленко Миланов со прашања до сведокот, дали таа лично контактирала и добила некакви насоки од Мунир Пепиќ, таа одговори “НЕ”.
И за овој сведок адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ го повлекоа предлогот за директно испитување.
Судот одреди пауза од 30 минути.
По паузата пред судот пристапи и третиот сведок, Дафинка Петковска, вработена во МВР која беше со најкраток исказ од 10 минути.
Таа ја објасни процедурата за определување на матичен број.
Потврди пред судот дека понекогаш постоеле “ургенции” од различни профили на луѓе меѓу кои и сега обвинетиот Мунир Пепиќ.
Адвокатот Еленко Миланов со само едно вкрстено прашање до овој сведок, дали тие “ургенции” биле само за забрзување на постапката, сведокот одговори „да”.
Адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ и за овој сведок го повлекоа предлогот за директно испитување.
Четвртиот сведок кој пристапи кон судот беше Енес Али, вработен во МВР.
Во неговиот исказ пред судот, кој траеше 30 минути тој го објасни почетокот на своето работење во МВР и начинот на одобрување и издавање на лични карти.
На прашање од јавниот обвинител, Лиле Стефанова дали секогаш се работело по закон и се почитувала процедурата, сведокот одговори:
– Се до крајот на 2012 година, потоа се работело на малку поинаков начин”.
Во плик му се доставувале барања и апликации од лица кои требало да бидат сликани, но истите не поседувале целосна потребна документација, за која, како што бил информиран од Оливера Димчева. накнадно ќе била доставена.
Првите барања биле од Гора, потоа и од Пустец. Се издавале и лични карти за Општина Центар, по барање на лица од општина Гази Баба.
Ваквите изготвени лични карти ги предавал лично на Мунир Пепиќ кој се потпишувал на обрасците.
Координатор на пунктот „Беко“ бил неговиот колега, кој бил на боледување, па тој го заменувал.
Адвокатот Еленко Миланов со едно прашање до сведокот, дали му е земен отисок на Мунир Пепиќ при подигање на личните карти, сведокот одговори „не“.
Адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ го повлекоа предлогот за директно испитување и на овој сведок.
Адвокатот Тасевски приговараше на објективноста на исказот на овој сведок, бидејќи, во претходниот негов даден исказ бил во својство на осомничен а денес е во својство на сведок.
Петтиот сведок кој пристапи пред судот беше Ферху Сали, вработен во МВР, Одделение за управни работи – Скопје.
Во исказот пред судот кој траеше 40 минути сведокот го опиша своето работно место како одговорен на пунктот „Беко”.
Тој потврди дека секогаш се работело по закон и процедура освен во 2012/2013 кога советничката Оливера Димчева го информирала дека кај него ќе дојде сега обвинетиот Мунир Пепиќ кој требало да се слика за лична карта.
Пепиќ пристигнал со 2-3 лица кои биле со него и му дал документи и му кажал дека треба да бидат сликани лицата за лични карти.
Сведокот извршил увид во документацијата и веднаш реагирал бидејќи не била целосна па ги упатил за истата да биде на соодветен законски начин прибавена.
На тоа обвинетиот Пепиќ му одговорил :
– Се е договорено со началничката Јадранка Гулевска.
Сведокот веднаш и се јавил и таа потврдила дека така било договорено со Министерството, да се примат тие барања без целосна документација а накнадно да се достави таа која недостасува.
По една недела му се јавила советничката Оливера Димчева и го информирала дека ќе има уште такви лица кои ќе ги носи Мунир Пепиќ.
Кога заминал на годишен одмор во февруари 2013, колегата Енес го заменувал и го информирал дека се носеле масовно луѓе од Пустец.
Кога се вратил од одмор тој потврди дека се уште се носеле луѓе од Пустец, но и од општина Гази Баба.
Сведокот изјави дека на ваков начин биле издадени околу 500 – 600 лични карти.
Адвокатот Еленко Миланов му постави неколку вкрстени прашања на овој сведок.
– дали добивал наредби од Мунир Пепиќ, за сликање на тие лица, сведокот одговори „не”.
– дали сликањето било по налог врз основа на телефонскиот разговор со началничката Јадранка Гулевска, сведокот одговори „да”.
– дали Мунир Пепиќ бил само нивна придружба, но во ниту еден случај тој не влијаел на сликањето на тие лица, сведокот одговори „да”.
Во дополнително испитување, јавниот обвинител, Лиле Стефанова со прашање до сведокот, дали имало такви ситуации да бидат сликани лица на тој начин но без придружба на Мунир Пепиќ, сведокот одговори:
– Да, но тогаш тој им кажал дека мора да бидат во придружба на Мунир Пепиќ како што било наредено.
Адвокатите Боро Тасевски и Сања Алексиќ го повлекоа предлогот за директно испитување и на овој сведок.
Адвокатот Тасевски и за овој сведок даде приговор за објективноста на неговиот исказ кој претходно бил даден во својство на осомничен а сегашниот исказ го дава во својство на сведок.
Одбраната во еден момент бурно реагираше кон судијата Осман Шабани кој за еден сведок даде појаснување на прашањето кое му беше поставено од јавниот обвинител, Лиле Стефанова, се со цел да може сведокот да даде точен одговор на поставеното прашање кое се повтори неколку пати.
Од нашиот секојдневен мониторинг може да информираме и потврдиме дека во повеќе постапки во Кривичниот суд, има сведоци кои оправдано се соочуваат со тремата кога ќе застанат во иста судница, најчесто со луѓето од кои добивале ” одредени задачи под притисок”.
Судот го има секое право да дојде до вистината според одговорите на сведоците и доказните материјали, а еден од начините е токму и тој да се помогне на сведкот да го разбере прашањето и ако е потребно да се објасни и повтори неколку пати прашањето, бидејќи токму тој Суд треба да донесе и праведна одлука.
Полицаецот Агрон Кранлиевски од Ресен во предметот „Титаник“ на СЈО сведочеше дека во 2012 година правел проверки на живеалишта на лица на неколку адреси во градот и утврдил дека лицата ги нема на адресите.
„Проверките ги вршев на наведените адреси. Во 2012 година извршив проверка кај Љупчо Поп Гошев на 40 до 45 лица на улицата Мите Богоевски. Кај Љупчо, од сите 45 луѓе, ниеден не беше пронајден“, сведочеше полицаецот. Тој рече дека вакви проверки правел и на други локации: „Кај Сандре Темелковски имаше 25-30 луѓе…“
Сведокот рече дека му било наредено да извршат дополнителни проверки, но и тогаш не биле пронајдени.
„78 луѓе од тие што ги имав за проверка не беа на адресите, а беа во Избирачкиот список“, рече полицаецот. Кранлиевски рече и дека секојдневно по 50-60 луѓе, кои не биле од Македонија, чекале пред полициската станица и дека добил наредба да ги извадат на паркингот за да не прават метеж.
„Во разговор истите тие лица рекоа дека нема да излезат надвор и дека се пуштени со нивните пасоши по наредба на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко“, се присети полицаецот.
Првото судење за „Титаник“ се одржа на 2 април 2018 година.
Во предметот „Титаник“ на СЈО, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски, за серија кривични дела поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски.
Oбвинети се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку Кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.
(Зелена лупа)