ДРАГАН ПОПОВСКИ
„Гоце Делчев бил Бугарин“- пишувало црно на бело во неговите документи. Тоа биле факти! А без притоа да се дообјасни дали тоа значело припадност на државата (државјанство) или на нацијата (националност).
Во природните науки, со кои сум го поминал мојот професионален век, нема простор за слободно толкување на вистината: се’ е егзактно и однапред дефинирано со формули базирани врз законите на физиката, хемијата и т.н.
Во хуманитарните науки, не постојат закони и формули, со што, кај многумина квази стручњаци ( а честопати и кај професионални стручни лица – научници), се отвора простор за слободно толкување на работите „како се мени чини“. Тоа кај нас беше прилично присутно во толкувањето на археологијата, а деновиве е актуелна историјата. Секој си дава право да верификува свои вистини, цитирајќи некакви записи од пред многу години, запишани од било кој и во било кој контекст и во било какви историски и социолошки случувања. Невидена рашомонијада!
„Гоце Делчев бил Бугарин“- пишувало црно на бело во неговите документи. Тоа биле факти! А без притоа да се дообјасни дали тоа значело припадност на државата (државјанство) или на нацијата (националност). Љубопитен сум да дознам што им пишувало во документите на сите наши претци кои живееле во Отоманска Турција, Србија, Русија, Франција. А, впрочем, баш ми е гајле. За мене единствено важно е да се знае за која кауза и за кое добро работеле или се бореле.
Инаку, самиот термин „ ИСТОРИЈА“ значи наука за развојот на општествата и случувањата во минатото, но во исто време значи и „приказна“, што е присутно во повеќето светски јазици.
Се плашам дека ове две значења кај нас се целосно испретплетени. А вистината? Па, „како се мени чини“…