ВЛАДИМИР ПАВЛОВСКИ
Тој не беше револтиран поради тоа што не го избраа него, туку поради тоа што Комисијата воопшто не ги разгледала неговите дела. Беше гневен што пликот му го вратиле, како што рече, без да го отворат
Пред многу години, мојот пријател, големиот мајстор во ликовната уметност, Владимир Георгиевски, ме покани во неговото ателје во Дом на млади во Скопје за да му позирам. Ми рече дека сака да направи скица за портрет која што ќе ја искористел за изработка на некоја голема композиција со библиски мотиви (мислам дека ми рече Оплакување ). Му требал мојот лик.
Отидов, и низ разговор и дружење, скицата ја направи при што ми рече дека откако ќе ја искористи, истата и ќе ми ја подари.
Така и се случи. По извесно време повторно ме повика и скицата ми ја подари.
Патем, сакам да потенцирам дека Владимир Георгиевски беше редок познавач на Светото Писмо и Светото Предание, житијата на светиите (светителите), и на Православната вера и на теологијата воопшто.
И уште нешто. Во тоа време, Соборниот храм „Св. Климент Охридски ” во Скопје беше во завршна фаза и веќе беше распишан конкурс за избор на уметник кој што ќе го направи фрескоживописот во црквата. На конкурсот, со свои дела, слики, цртежи и скици, учествувал и тој, но Комисијата одбра други. Тој не беше револтиран поради тоа што не го избраа него, туку поради тоа што Комисијата воопшто не ги разгледала неговите дела. Беше гневен што пликот му го вратиле, како што рече, без да го отворат.
Знам дека имаше голема желба да направи фрескоживопис на црква.
Јас уште повеќе, но, за жал тоа не се случи.
(Насловот е редакциски)