АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Поентата беше: „Јас Ви зборувам за Франција на Волтер, на Монтењ, на Флобер и на Бодлер. Не за оваа Франција на Митеран.“ Изгледа, не му пречела на г. Да Вињ. Тој ми се заблагодари потоа со релативно долга телеграма. Ја пофали мојата „прекрасна храброт“ (votre courage magnifique). Доаѓала до израз во тешки времиња. Сè уште ја чувам.
Се сеќава ли некој денес на бурните, бучни и гневни протести од времете кога Македонија се обидуваше да стане регуларна членка на Обединетите Нации под нејзиното уставно име? Првиот обид пропадна славно. А пропадна затоа што една од петте редовни членка на Советот за безбедност ОН, Франција на Франсоа Митеран, стави вето на нејзиниот прием. И тогаш, пред нешто повеќе од 26/27 год., како и сега, големата, непреодна пречка беше името Македонија. Веќе го оспоруваше соседна Грција, а тоа го прифати и светот.
Дента кога стигна веста за ветото на Франција, нашиот тогашан дневен печат („Вечер“, “Нова Македонија“) застана едноглсно и сложно, како и многумина од обичниот свет, во одбрана на нашите национални права. Од тоа не се воздржаа ни некои видни интелектуалци кои важат за франкофони и кои, како стипендисти на француската влада, поминале година или две во Франција. Се сеќавам добро дека писателот Јован Павловски напиша и една колумна во која рече дека се откажува од „желевцата на Франција“, медали што ги доделува француската влада за придонес во ширењето на франкофонијата. Некои други како, на пример, Матеја Матевски, Благоја Иванов, Влада Урошевиќ, Катица Ќулафкова итн. се повлекоа во дискретна, тивка илегала.
Токму тој ден или ден-два потоа ми се јави, по телефон, поетот Михаил Ренџов. Во тоа време беше референт или советник за култура во НУБ. Тој ме извести дека „точно напладне“ требало јас да отворам изложба на француската книга во организација на Францускиот културен центар. Имало информација за тоа во „Нова Македонија“, објавена. Не се сеќавам што точно му одговорив. Се сеќавам добро, меѓутоа, дека отрчав најбрзо што можам до првата трафика за да проверам што пишува во „Нова Македонија.“ Оттаму, во облека „за по дома,“ веднаш во НУБ. Сакав да го „расчистам“ брзо тој случај. Го сметав за долна, подла местенка. Или за „цуцулење,“ како што популарно се вели. Оти, што друго да си помисли човек кога дознава дека треба да отвора изложба на денот кога се отвора? Kога никој не го прашал (како што е обичај!) дали се согласува или не до го прави тоа? Кога, згора на сето, треба да отвора изложба за културата на земја која ставила вето на прием во ОН – на неговата?
Веројатно сум бил цврсто решен да го расчистам „на највисоко ниво“ тој крајно необичен случај во околности кога Македонија протестира против гест на голема земја и особено, на нејзината култура, која важи за водечка во светот. Затоа не се упатив кон кабинетот на Ренџов туку направо кон оној на тогашната директорка на НУБ (не се сеќавам на нејзиното име). Таму беа веќе Ренџов и директорот на Францускиот центар г. Де Вињ со неговите бели кломпи. На мојот дискретно кисел поздрав тие одговорија тивко и збунето. Барем така мене ми се чинеше. Атмосферата беше како на закоп.
Уште неседнат, на вратата се појави д-р Михаило Георгиевски, подоцна пратеник на ВМРО-ДПМЕ. Беше на чело од одбрана група „вработени“ кои, како што подоцна разбрав, била овластена да „преговара“ од сите оние од НУБ кои протестираа против гестот на Франција. Очигледно беше дека тој знаел веќе дека јас треба да отворам изложба. Впрочем, нели за тоа известуваше и „Нова Македонија?“ Затоа и ми се обрати директно. Тоа требаше да каже дека другите не ги есапи ни под разно. „Јас мислам,“ рече со полуспуштен поглед кон земјата Михаило, „дека ти треба да ја затвориш таа изложба, а не да ја отвораш. Добро знаеш зошто, не треба јас да ти кажувам!“
Јас го разбрав неговиот полуспуштен поглед и тревливото тремоло на неговиот глас како колебање. Токму тоа колебање го разбуди мојот заспан агон кој, како од пушка, му одговори остро на Михаило: „за тоа дали ќе отворам или затворам изложба, решавам јас, Михаило, а не ти!“ По налог на тој тукушто разбуден агон, одморен и свеж како и секој агон по здрав сон, јас се откажав од својата намера да „расчистувам случај.“ Веднаш решив да прифатам фрлена нараквица в лице од тој д-р М. Георгиевски и да ја отворам таа изложба. Иако директорот на Центарот г. Де Вињ веќе беше предложил да не се отвора. Беше сфатил дека ќе дојде до протести “од вработените во НУБ.“
Отворањето, како и мојот ангажман токму јас да го направам тоа (подоцна дознав: изборот паднал на мене откако одбиле М. Матевски, В, Урошевиќ и К. Ќулавкова) помина крајно необично. Кога се појавивме во холот директрката на НУБ, г. Де Вињ и јас, имаше солидна маса “од вработените.“ Но и многу читатели на спратот. Најверојатно, исчекува нешто крупно. Само што отворив уста да го прочитам својот говор, вработените, како под команда, ни свртија грб и се разотидоа тивко. Во таа непријатна ситуација ми падна на ум спасоносна идеја. Се свртив кон оние читатели на спратот кои исчекуваа нешто крупно. Ним им го прочитав својот набрзинка напишан говор. Поентата беше: „Јас Ви зборувам за Франција на Волтер, на Монтењ, на Флобер и на Бодлер. Не за оваа Франција на Митеран.“ Изгледа, не му пречела на г. Да Вињ. Тој ми се заблагодари потоа со релативно долга телеграма. Ја пофали мојата „прекрасна храброт“ (votre courage magnifique). Доаѓала до израз во тешки времиња. Сè уште ја чувам.
Утредента доживеав нешто како јавен, еднодушен линч кој го очекував. Како по договор, сите дневни весници прашуваа во своите наслови со крупни, масни букви: „За кого работи Вангелов?“ Одговорот беше повеќе од јасен затоа што прашањето беше реторичко: „Тој работи за Франција! Земја која блокира влез во ОН на мала земја. Не за интересите на својата понижена и згазена земја! Знае ли тој што е патриотизам?“ Ете, господа мои, така јас станав – предавник! Вистина, тоа не траеше долго ама ете – станав!