БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Ако сте пораснале со Марко Цепенко, тогаш ја знаете и приказната за „Тројцата другари: Трескаио, Ќелешо и Мрсулаио”. Сеедно, можеби само сте чуле за неа, убава е таа приказна, како сите негови други, кратки доволно, заразно забавни, остроумни. Иако приказнава нема никаква врска со Заев и мајтапчиите, има сепак поука, затоа што во секој мајтап, Цепенко бара излез, затоа мора да се дојде до некој разумен исход, смисол, некаква чесна завршница, на крајот на денот
Имаме ние подобар збор од оној кој го употребуваат македонските медиуми- пренкови, кога ги опишуваат руските кловнови кои низ неколку телефонски епизоди му се претставувале на Заев како Порошенко и Столтенберг.
На убав, чист прилепски, нема поубав јазик, Цепенко го минал векот раскажувајќи разни шеги, анегдоти, собирал мудрости, пословици, сказни и приказни за да научиме нешто, од него, од народот, само за тоа бил тој тука. И насекаде ги има нив- значи, мајтапчиите.
Ако сте пораснале со Марко Цепенко, тогаш ја знаете и приказната за „Тројцата другари: Трескаио, Ќелешо и Мрсулаио”. Сеедно, можеби само сте чуле за неа, убава е таа приказна, како сите негови други, кратки доволно, заразно забавни, остроумни. Иако приказнава нема никаква врска со Заев и мајтапчиите, има сепак поука, затоа што во секој мајтап, Цепенко бара излез, затоа мора да се дојде до некој разумен исход, смисол, некаква чесна завршница, на крајот на денот.
Што да прави друго Цепенко, смее ли да крене раце од нас, вакви наивни, непромислени, сакаат да сторат сè, а не можат, кратко е времето а и векот, а Цепенко сака да го продолжи секогаш тој краток наш век со тоа кутро наравоучение.
Така, тој морал да оди од куќа до куќа, да ги запишува старите приказни, низ вековите раскажувани, осмислувани, дополнувани подоцна од него, со лекцијата која еднаш мора да се научи, макар преку потешкиот пат, со стапот на Цепенко.
Идејата е таа- нашиов прилепчанец сака да ни објасни дека сепак мора да се има план во целата фарса, апсурдна ситуација, поинаку нема да можеме да се извлечеме. Исто како и Заев што треба да го најде сега излезот после оние двајца циркузанти. Ако некаде на крајот одите, таму е лекцијата: “Што ти велаат: маката го учи човека”.
Слично некако и Заев, оваа мака со мајтапов сега ќе мора да го научи на вистинските траги на науката- да се биде по професија политичар.
Во ред, не мора да го познавате Заев за да заклучите- тој длабоко во срцето им верува на своите советници, или можеби до крај и не, но она што тој не сака да го признае, е сопствениот пораз во градењето на советничкото царство, од кое или тој бегал, или можеби предоцна ја гледа трулоста.
Тие пак, нашиве советници, којзнае дали се баш сите до еден за безрезервно верување, но можеби има и позадина која ја комплицира сета оваа луда приказна- којзнае дали воопшто сè знаат, за секој чекор и потег, низ годиниве поминати со него, со нас.
Претпоставувам дека најмногу тој си верува на себе, иако таа длабока верба во себе секако дека мора биде со секојдневно преиспитување, резерва и дистанца, но кој да има време за такви политички изострени финеси и вратоломии, стратегии и длабински самоанализи, можеби си вели сега тој.
Се нема време кога телефоните постојано ѕвонат, посетите се трупаат, должностите се редат, се станува ужасно премногу после извесно време, се нема време за едно подолго издишување од туѓиот воздух кој нападнал од сите страни.
Конечно, врвот нуди позиција која е најнеблагодарна, а за која многу политичари залажувајќи се, ви велат дека се имуни: да се оттргнете од реалноста, затоа што никој не ви кажува дека некогаш лошо изгледаат работите околу вас, но со вас. Се кажува, но никогаш докрај не се завршува реченицата која станува непријатна, претешки се тие зборови, никој не знае од каде да почне, а однапред знае дека крајот ќе биде изоставен.
Дури и некои од новинарите стануваат стопени во честа да се биде во кругот, или можеби немаат срце, или имаат интерес, или го немаат конечно воопшто, или биваат одбивани да бидат слушнати, но така и заедно се создава пеколот. Тоа е најлесниот, најбрзиот пат до него.
Но, нема никогаш кој ова да му го каже, што е штета, подоцна ќе се испостави дека била една од поголемите штети, направена можеби на почетокот и со чесни, отворени мисли.
Поплочен со добри намери е тој пат, но начинот на кој го поминува Заев ќе мора да го преиспита, овојпат сосема сам. Зашто само така изгледа вистинскиот пат во политиката, која мора да се знае дека е сериозна и мачна професија, а тој пат, кога е веќе започнат, мора по најтешкиот начин да се изодува, за да се успее.