БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Сите Албанци заедно немаат украдено ниту десет отсто од тоа што во Унгарија го однесе Груевски. Тој интерес ќе го одреди и нивното политичко учество во власта и во општите процеси
Откако Албанија се чекираше на летот за Брисел, а Македонија за штипско Ново село, сосема на место е прашањето како тоа ќе се одрази на внатрешните состојби во земјата која четите на вмро ја претворија во пиринпланинско село.
Албанците имаат во Македонија потреби од здравствената и друга инфраструктура. Имаат интерес и во последната прераспределба на националното богатство во кое реално се значајно ускратени во однос на Македонците. Сите Албанци заедно немаат украдено ниту десет отсто од тоа што во Унгарија го однесе Груевски. Тој интерес ќе го одреди и нивното политичко учество во власта и во општите процеси. Во тие општи процеси ќе влезе изградбата на посебен статус за една нација која е европска во однос на балканската кал во која се препелкаат луѓето што до скоро беа Македонци и доминантна вертикала на државата и општеството. Таа разлика во статусите сигурно ќе води кон некаков посебен ентитет, можеби федерален или конфедерален, во крајна линија, можеби и сепаратен.
Не гледам друг заеднички интерес кој би можеле да го споделуваат европските Албанци и балканските Македонци.
Тоа во поблага форма ќе води кон јакнење на позициите на Албанците и катастрофирање на моќите на Македонците кон нивно дематеријализирање и десубјективизирање, односно кон целите на вмро, со агонични, повремено кризни или, дури, насилни моменти. Но крајната опција ќе биде дисолуцијата на Македонија и обединување на Албанците.
Таквиот развој може, по висока цена за Македонците, да го спречи меѓународната заедница затоа што обединувањето на Албанците ќе ја наруши рамнотежата на силите во регионот и ќе предизвика други реакции. Што ќе нѐ доведе до заклучок дека Македонија е нераспадлива во физичка смисла, но внатрешно ќе се распадне на милион единици.
Европа беше единствената цел и идеја која можеше да нѐ обедини и организациски и вредносно и политички.
И геополитички.
Орбанистичко-руската ориентација на Мицко и водоводџијата од Куманово, ја зголемува таа дистанца меѓу двата етницитети, на штета на Македонците. Никаква државна сила не може да ја држи ситуацијата под контрола без нато или друга меѓународна интервенција. Ни полицијата ни арм, ни паравоените структури на вмро кои ми се чини дека постојат, ни Стојан Че, можат да направат нешто друго освен да се изглупираат, испозагинат и бидат поразени.
Тоа е, драги браќа и сестри.
Горе високо – долу длабоко.
Што баравте – тоа добивте.
Или ве излажаа.
Слушајте го сега ова и научете се дека треба да читате и да учите, а не по цел ден да ги слушате говњарите на вмро.
Држава со „Нешто ќе те питам бабо“, ракијади и литии не се прави.
Духот е зрел за нешто што е различно од благите радости што обично си ги допушта.
Тоа е единствениот начин со кој може во своја корист да го сврти идеалното мноштво настани со кои е оптоварен.
Според формулата на Новалис „постојат низи од настани кои одат паралелно со стварните“. Луѓето и околностите обично го преиначувааат идеалниот тек на настаните, така што тој изгледа несовршен. Како и неговите последици.
Новалис се аргументира со ставот за Реформацијата: наместо протестантизам, вели тој, се случи лутеранство.
Ние во Македонија тоа преиначување на идеалниот тек на настаните и паралелната стварност, најдраматично го почувствувавме преку делувањето на вмро: Наместо Европа, ја добивме Унгарија, а наместо гордост, ни се случи смрт.
И трето, наместо соживот ги загубивме Албанците.
Не ги загубивме, луѓето отидоа во Европа.
И се загубивме себе.
(frontline.mk)