Инфектологот од ГОБ „8 Септември“ на својот Фејсбук профил говори колку се разочарани лекарите кои секое деноноќие трошат многу труд и внимание , целосно ги занемариле своите семејства за некој да шири пораки дека вирусот не постои?
Треба ли да има помор на целиот народ за да сфатите дека вирусот е тука и е помеѓу нас?, пишува Каламарас на Фејсбук.
Инфектологот Патриција Каламарас, вработенa во Инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“ на својот Фејсбук статус упати неколку пораки до сите оние кои не ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Дали мислите дека со негирање за постоење на вирусот ќе го избегнете вирусот? Дали мислите дека со вашето надмудрување и непочитување на препораките ќе го избегнете вируост?
Дали мислите дека е во ред да го уништите наш макотрпен труд, одрекување од фамилиите, одрекување од нормален живот со обвиненија дека се е измислица и дека ќе се избегне трудот?
Дали мислите дека го заслужуваме ова ние кои постојано бдееме над вас?
Дали мислите дека мерките кои се донесуваат се против вас и дека некој сака да ви наштети?
Дали сте свесни дека со непочитувањето на мерките еден ден ќе не убие сите нас?
Уште колку време треба да помине за да се уверите дека над сите нас виси мечот на смртта? Треба ли да има помор на целиот народ за да сфатите дека вирусот е тука и е помеѓу нас?
Дали сте свесни дека здравствениот персонал е на работ на силите?
Ќе се лечите сами? А лекови? Заштитна опрема?
Почна да се разболува персоналот.
А зошто?
Затоа што вирусот не постои?
Едно големо благодарам од името на целиот медицински персонал за вашата почит кон нас. Ете со вашите теории на заговор убијте го целиот персонал, па со вашите теории на заговор ќе се лечите сами – пишува Каламарас.
Инаку на Денот на Европа ГОБ објави дека и втор пациент заболен од КОВИД-19 е извлечен од респираторна машина. Тој е тетовец на 43 години. Претходно, на 4 мај, во истата болница од респираторна машина се опорави и маж на 37 години од Скопје.
„Многу сме среќни, радосни и задоволни што имаме втор пациент кој се лекуваше од КОВИД-19 кој веќе не е на респираторна машина“, вели д-р Лилјана Малиновска-Николовска, анестезиолог од Градската општа болница „8 Септември“. Д-р Калмарас беше дел од таа екипа.
Доктор Николовска беше главен иницијатор да се воведе озонска терапија за заболените пациенти со КОВИД-19 во нејзината матична болница.
Во разговор за Сакам да кажам.мк таа инсистира дека опоравувањето на овој пациент, како третманот и на сите други што лежат на интензивната нега зависи исклучиво од тимска работа на анестезиолози, инфектолози, интернисти и медицински сестри.
Пациентот бил примен на 6 мај во многу тешка состојба предизвикана од компликации на коронавирусот. Тој немал историја на други болести. На респираторна машина бил 12 дена.
„Денес се разбуди, свесен е и веќе јадеше“, вели д-р Малиновска-Николовска.
Пациентот бил лекуван со озонска терапија и со „тоцилизумаб“, и како што вели докторката, тој постојано бил одржуван во полусвесна состојба, и повремено ги отворал очите.
„Знаете, тоа не е баш како на филм, да се разбуди и веднаш да почне да разговара. Во тоа е мајсторлукот на нашата работа, анестизиолози, интернисти, инфектолози, медицински сестри – ем пациентот да ја прима терапијата, ем да не биде во длабока седација“, објаснува докторката.
Пациентот сѐ уште е на одделението за интензивна нега во старата Воена болница. По два контролни негативни теста, тој беше симнат на оделение каде нема пациенти со КОВИД-19, и како што кажа д-р Малиновска-Николовска, се надеваат дека многу брзо ќе си замине дома.
И кај овој заболен е применета сличната терапија како и кај 37 годишниот маж од Скопје, кој на 6 мај беше ослободен од респираторна машина и кој, како што ни кажаа од болницата веќе е на домашно лекување. Шефицата на Одделот за инфективни болести д-р Патриција Каламарас тогаш изјави дека дала одобрување по приемот на пациентот во многу тешка состојба, одлучила да му се даде лекот „тоцилизумаб“, зашто по резултатите, тој ги исполнувал условите.