Неизлегувањето на гласање не е политичка порака, туку, согласно објаснувачкиот меморандум на споменатиот Кодексот за добри практики на референдум на Венецијанската комисија, индикација за нездрава демократија. Во слободен превод, тоа е или незаинтересираност за прашањето за кое се гласа, или политичка калкулација во интерес на поединци, а и доказ дека македонското општество се` уште не е во состојба да креира силна политичка култура на проактивност
Референдумот беше услов без кој не се може токму за најголемата опозициска партија, чија пратеничка група веќе нема да има изговори за неприфаќање на уставните измени кои претстојат. Впрочем, обидот на било кој политички субјект во земјата да се спротивстави на 600 илјади гласачи кои дале поддршка на референдум кој е консултативен, не би бил ништо друго освен обид за политичко самоубиство, особено во светло на отворената можност за предвремени парламентарни избори.
Референдумот не го постигна процедуралниот минимум во контекст на формалниот легалитет, но во голема мера ја постигна целта нa легитимитетот – над 600 илјади граѓани дадоа своја поддршка на договорот со Грција, за што упати честитка и еврокомесарот Јоханес Хан и други значајни личности за земјата од меѓународната заедница. Податоците што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница велат дека на гласање излегле 36,91 проценти односно 666.743 гласачи. На референдумското прашање гласале „за“ 609.813 граѓани, а против се изјасниле 37.700 гласачи.
Цензусот не е апсолутно препорачана референца
Со оглед на тоа дека по природа овој референдум е консултативен, во голема мера ќе даде ветер во едрата на владината коалиција која го предводи. Изјавите на челникот на ВМРО-ДПМНЕ бојкотот да го прикаже како силно „не“ е само уште еден обид за политичка малверзација и купување време и поени за лична политичка факторизација. Од друга страна, не смее да се заборави дека Kодексот за добри практики за референдуми на Венецијанската комисија кој беше толку прозиван во последно време, не ги препорачува цензусите како референца. За уставните измени во секој случај ќе беше неопходно двотретинско мнозинство во парламентот, со или без референдум, а единствен начин да се минира Преспанскиот договор ќе беше огромно мнозинство гласачи да одговореа негативно на референдумското прашање, што не се случи. Неизлегувањето на гласање не е политичка порака, туку, согласно објаснувачкиот меморандум на споменатиот Кодекс, индикација за нездрава демократија. Во слободен превод, тоа е или незаинтересираност за прашањето за кое се гласа, или политичка калкулација во интерес на поединци, а и доказ дека македонското општество се` уште не е во состојба да креира силна политичка култура на проактивност. Согласно законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, одлуката на консултативниот референдум секако не е задолжителна, но за да се третира дека е донесена одлука, потребно е да се постигне цензусот. Одлука не се донесува со апстинирање, во никој случај.
Во ваква констелација, исходот од референдумот може да се третира како охрабрувачки во повеќе конотации. Од организациска гледна точка, референдумот е првата организирана изборна активност која помина без низа инциденти, залутани возови и пустечани, сериозни индиции за изборни фалсификати и малверзации. Тоа е посилната порака која веројатно сакаше да ја испрати македонската власт кон запад – дека во државата се вратени во некаква функционалност демократските капацитети и тоа е успешна мисија за која треба да им се честита на Заев, Димитров, Спасовски и Османи, за маратонот кој го истрчаа под рафални истрели.
Бојкот или избегнување одговорност?
Резултатите можеа и требаше да бидат многу подобри. Ако се земат предвид резултатите од веб страницата на Државната изборна комисија за излезноста по избирачки места, тешко можат да се извлечат конвергентни заклучоци.
Излезноста по избирачки места генерално се движела од 31 до 33 отсто. Некои од помалите градови каде има и голем број на иселени лица и печалбари како Берово и Дебар имаат излезност од 38 проценти, Крива Паланка и Македонски Брод нешто над 40 отсто. додека пак Битола има излезност од 33 насто. Од друга страна, Босилово и Ново Село се со излезност од 24 проценти односно 17 отсто, Дојран, Гевгелија и Богданци имаат повисока излезност од просечната и тоа од 38 до 44 проценти. Изненадувачки е што поголема излезност е постигната во дел од помалите места, наместо, на пример, во Скопје, Битола и Прилеп. Штип и Куманово се малку над просекот со 35 проценти, односно 36.48 отсто. Гласачките места во северозападниот дел каде има доминантно гласачко население со албанско етничко потекло покажуваат само на некои места тенденција за значително поголема излезност, како што се 65 односно 68 отсто во Липково и Сарај. Во Тетово и Струга, излезноста е на околу 40 проценти што дава сериозни индиции дека голем дел од гласачите од албанско етничко потекло не излегле на гласање, особено во контекст на изјавите дека „Албанците во Македонија ќе одат во НАТО и ЕУ со неа или без неа“. Врапчиште се издвојува малку над просекот со 36 насто што веројатно се должи на значајниот процент на граѓани од турска националност во општината.
Ова укажува дека незаинтересираноста да се излезе на гласање може да се должи на многу повеќе диверзифицирани фактори независно од опозицискиот бојкот, кои во себе ги вклучуваат: консултативната природа на референдумот, несоодветната информираност и потфрлањето на пиар службите во тој дел, пониската излезност на добар дел од албанскиот електорат, но и тивкото незадоволство на дел од партиското членство, како на СДСМ така и на дел од помалите партии, за прашања кои не се директно поврзани со референдумот, а на кои апсолутно не им беше време и место да бидат изразени на таков начин. Мобилизирањето на членството и кадровската политика во тој дел е активност на која ќе треба сериозно да ѝ се посвети премиерот во својство на претседател на партијата доколку предвремените парламентарни избори бидат единствена опција, а воедно тоа ќе биде шанса и за ремоделирање на партијата и политичкиот живот во земјата во насока на ослободување од клиентелзимот и прилепувањето на вечните ешалони медокритети кои се на власт, со секоја власт. Иако некој ќе рече дека не е време за да се одвои време за партијата, не смее да се заборави дека партијата и партиите генерално се клучните актери на политичкиот живот во Македонија и од нивните демократски капацитети и деформитети зависат многу клучни фактори на севкупниот општествен напредок.
Дополнително, иако на гласачките списоци се евидентирани околу 1,8 милиони избирачи, во отсуство на реален попис тешко дека може да се потврди легитимноста на таа бројка. На последните локални и парламентарни избори кои се манифестираа со релативно висока излезност, бројот на гласачи се движеше на малку повеќе од еден милион на последните локални избори, што дава сериозна индиција дека повикот за бојкот не беше ништо друго туку несериозна политичка калкулација и брана од евентуален пораз. Впрочем, референдумот беше sine qua non или „услов без кој не се може“ токму за најголемата опозициска партија, чија пратеничка група веќе нема да има изговори за неприфаќање на уставните измени кои претстојат. Впрочем, обидот на било кој политички субјект во земјата да се спротивстави на 600 илјади гласачи кои дале поддршка на референдум кој е консултативен по природа, не би бил ништо друго освен обид за политичко самоубиство, особено во светло на отворената можност за предвремени парламентарни избори.
Неопходна е храброст за тешки одлуки
Од фактичка реалност – следат уставните измени. Времето е кратко и треба да се искористи моментот. Актуелната опозиција беше на власт повеќе од една деценија и предизвика очигледна штета, а ниту денес не нуди алтернатива. Најмалку што може да направи е да не одмогнува на процесите кои испишуваат нова историја и даваат шанса за спас на многуте изгубени генерации, за сметка на интересите на поединци, кои ја доведоа партијата на дното, вплеткувајќи ја во скандали од најразличен карактер. Многу е можно веќе следната пролет или најдоцна, следната есен во Грција да има нова влада, благодарејќи меѓу другото и на Преспанскиот договор и прифаќањето на фактот дека има Македонија и надвор од Грција. Кај нас, следат и претседателски избори. Во контекст на претседателските избори и легитимитетот, колку за компарација треба да се напомене фактот дека актуелниот Претседател на Републиката и во двата изборни циклуса, освои далеку помалку гласови отколку референдумското прашање.
На крајот од денот, гледано во историски контекст, Македонија им ја должи својата државност на оние кои имале храброст да донесат тешки одлуки спремни да се соочат со последиците, активно играјќи на терен, а не на оние кои активно бараат начини да се амнестираат од преземање одговорност во било кој контекст.
(http://respublica.edu.mk/blog/2018-10-02-09-03-26)