Трагедијата во Кочани требаше да биде момент на национална саморефексија, потсетник дека институционалната негрижа може да има фатални последици. Наместо тоа, таа беше претворена во медиумска сцена за самопромоција на власта

ЖАНЕТА ЌОСЕ
Во физиката, ентропијата го означува постепеното распаѓање на системите, нивната неминовна деградација кон хаос кога ќе исчезне редот што ги одржува. Во политиката, ентропијата се појавува тогаш кога институциите престануваат да служат на јавниот интерес, кога политичката комуникација се сведува на пропаганда, а јавниот простор се претвора во поле за манипулација со емоциите на граѓаните. Тоа е моментот кога власта повеќе не се однесува како сервис на општеството, туку како центар на сопствена самопромоција.
Тезата дека личниот рејтинг на политичарите е поважен од судбината на граѓаните денес не е апстрактна политиколошка формулација, туку конкретна реалност. Најилустративен пример за тоа се случувањата деновиве, кога наместо достоинствено одбележување на трагедијата во кочанскиот клуб „Пулс“, каде пред една година загинаа 63 претежно млади луѓе, трагедија што ја разоткри нефункционалноста на институциите и системските пропусти на државата, јавноста беше сведок на нешто сосема друго – на политичка сцена на самопромоција.
Наместо тишина, солидарност и институционална саморефлексија, јавниот простор беше исполнет со „конференции“, говори и медиумски настапи на функционери од власта, особено од ВМРО-ДПМНЕ, во кои трагедијата беше инструментализирана како повод за политичко позиционирање. Тоа е најгрубата форма на злоупотреба на емоциите во политичката комуникација, моментот кога човечката болка се претвора во сценографија за политички маркетинг.
Во такви ситуации се открива суштината на начинот на владеење – власта зборува од позиција на моќ, со видлива ароганција и елитизам, на ниво на политичка култура што е спротивно на демократските стандарди. Наместо одговорност, се понуди лажно емпатичен наратив, а наместо институционална правда, комуникациски спектакл.
Овој модел на политичко дејствување не е случаен. Тој е дел од поширок регионален тренд во кој манипулацијата со информативната средина станува клучна алатка за одржување на власта. Токму затоа американскиот Конгрес во септември 2025 година го усвои законот H.R. 5274 за поттикнување на трговијата и инвестициите со земјите од Западен Балкан, во кој што посебно внимание им се посветува на злонамерните операции на влијание во регионот.
Во членот 12 од законот експлицитно се бара редовно известување за кампањите на влијание на Русија и Кина во Западен Балкан, чија цел е поткопување на демократските институции, поттикнување политичка нестабилност и манипулирање со информативната средина. Овој дел од законот не е дипломатска формалност, туку признание дека информациските операции – дезинформации, медиумска манипулација и дигитална пропаганда – претставуваат реална закана за демократските процеси.
Но парадоксот на балканските демократии е што најголемата штета врз институциите не доаѓа само од надворешни актери, туку и од домашните политички елити кои ги усвојуваат истите методи на манипулација. Кога политичката комуникација се сведува на контрола врз информациите, на ботови, фабрики за содржина и координирани кампањи на социјалните мрежи, демократијата почнува да ја губи својата суштина.
Регионалните примери го потврдуваат тоа. Во Србија, истражувања на технолошки компании и академски институции открија организирани мрежи од илјадници лажни профили кои координирано работеле на промоција на власта и дискредитација на критичарите. Социјалните платформи отстранија илјадници такви профили, кои произведувале десетици милиони објави со цел создавање привид на масовна поддршка.
Овој модел не се состои само од агресивна пропаганда. Неговата најопасна форма е суптилната манипулација, создавање атмосфера на дефетизам, наратив дека „сите се исти“, дека „нема надеж“, дека секоја промена е залудна. Така се уништува јавниот разум и се создава апатија кај гласачите. Во таква средина, дигиталниот простор станува продолжение на политичката арена. Ботови, фарми на тролови и координирани профили создаваат илузија на консензус, ги напаѓаат демократски ориентираните новинари и активисти и ја потиснуваат автентичната јавна дебата.
Балканот веќе одамна е дел од оваа дигитална геополитика. Од „фармите за кликови“ во Велес до регионалните медиумски мрежи финансирани со политички капитал, информативниот простор се претвора во поле на борба за перцепцијата на граѓаните.
Кога ќе се поврзат сите овие елементи, контролата врз медиумите, координираните онлајн кампањи, политичката пропаганда и манипулацијата со емоциите, се добива јасна слика за начинот на владеење. Тоа е систем во кој демократијата формално постои, но суштински е еродирана.
Во таков систем трагедиите не се повод за одговорност, туку за политичка инструментализација.
Трагедијата во Кочани требаше да биде момент на национална саморефлексија, потсетник дека институционалната негрижа може да има фатални последици. Наместо тоа, таа беше претворена во медиумска сцена за самопромоција на власта.
Токму тука се открива вистинската природа на политичката ентропија, кога власта ја губи способноста за емпатија и самокритика, а комуникацијата се сведува на спектакл.
Но политичката ентропија има уште една карактеристика – таа често се обидува да ја прикрие сопствената слабост преку агресија кон опозицијата.
Последните месеци сведочиме на необична појава, на директно мешање на премиерот и владејачката партија во внатрешните процеси на опозициската СДСМ. По обелоденувањето на дел од бизнис релациите поврзани со енергетскиот сектор и компаниите што се доведуваат во врска со премиерот, од регионални партнери до структури околу „Руднап“, почна поинтензивна кампања за дискредитација и политичко разорување на опозицијата.
Сега веќе е јасно дека станува збор за политичка тактика, ако не можеш да ја победиш опозицијата во демократска дебата, обиди се да ја урнеш одвнатре.
Но тука власта направи сериозна политичка грешка. Историјата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека фракционерството е дел од сопственото политичко искуство. Токму затоа сегашниот обид за мешање во внатрешните процеси на друга партија изгледа повеќе како одмазда отколку како политичка стратегија. Одмазда на сосема погрешна адреса.
И токму тука се враќаме на метафората од насловот.
Во политиката, како и во животот, каменот најчесто доаѓа одблиску. Не од опозицијата, не од медиумите, туку од сопствените противречности.
Кога власта ќе почне да верува дека јавниот простор е нејзина приватна сцена, кога трагедиите ќе се претвораат во комуникациски алатки, а политичката дебата во пропаганден механизам, тогаш процесот на ентропија веќе е почнат.
И како во секој систем што се распаѓа, најголемата закана не доаѓа однадвор.
Таа доаѓа одвнатре.




