Корупцијата се толкува како расипаност. Но очигледно на луѓето тоа не им значи ништо. На нив им е полесно да ја покажат својата нечовечност, отколку човечност – велат учениците од едно охридско училиште
МИКИ ТРАЈКОСКИ
Ние децата не бараме ништо. Само од возрасните, од нашите родители и државните институции бараме правда, порачуваат учениците од основното училиште Братство и единство во Охрид кои поминаа предавања за препознавање и сузбивање корупција.
„Јас како дете неможам да преземам ништо. Корупција не треба да има, тоа сите го знаеме. Затоа им упатувам на возрасните порака дека корупцијата штети, дека не е доцна за ништо и оти иднината е во нивни раце“, вели Андреjа Динева, ученичка во деветто одделение во основното училиште, „Братство и единство“ во Охрид.
Андреја беше дел од кампањата „Бидете херои на чесноста“, со која Државната комисија за спречување на корупција, посети десеттина училишта низ државата.
„Сакам колку можеме да им помогнеме да препознаваат што е добро што е лошо и да знаат полесно да се справуваат со разните облици на корупцијата, затоа што кај нас корупцијата стана дури и начин на живот, дури тешко се препознава дека тоа е корупција. Дури луѓето прифаќаат дека така треба, што е многу трагично. Затоа со дечињата е крајно време да се работи“, објаснува Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Кампањата доаѓа во време, кога јавноста секојдневно е окупирана со информации за случаи дури и на висока корупција.
„Корупцијата ја прави некој кој има моќ, кој има власт, располага со државни ресурси и ги злоупотребува. Тоа е школска дефиниција за корупција. Новите генерации треба да се спротистават на ваквото однесување“, додава Ивановска.
Наставниците велат дека преку наставната програма се обидуваат на децата да им укажат на последиците од корупцијата. По предметите историја и општество и граѓанско образование се обработуваат овие теми.
„Мислам дека најдобар начин да се искоренат одредени пороци е уште од најмала возраст децата да бидат информирани и да знаат. Но што е уште поважно да стапат во акција кон спречување на корупција. Мислам дека децата ако квалитетно се едуцираат на оваа тема, мислам дека и најдолгото патување започнува со првиот чекор“, смета Џемал Мехмед, директор на ОУ „Братство и единство“ во Охрид.
Ивановска, пак, вели дека анкетите кои ги спровеле меѓу учениците, покажувале интересни ставови.
„Најголем процент околу 80-90 посто одговараат дека се сведоци на незаслужени оценки. Многу висок процент е одговорот дека родителите фаќаат врски. На прашањето што ќе направите ако видите дека некој краде, некој на некоја бабичка и украде новчаник, дел од децата велат дека ќе си поминат, нема ни да пријават оти се плашат дека тој можеби носел нож. Имаше одговор дека ако им дадат пола од парите нема да го пријават“, истакна Ивановска.
Во училиштето „Братство и единство“, каде настава се изведува на македонски, албански и турски јазик, иако од различна етничка заедница, сите делат слични мислења за корупцијата.
„Ние децата не бараме ништо од возрасните. Само од возрасните, од нашите родители и државните институции бараме правда. Само без корупција една држава може да не однесе напред“, вели ученичката Азра Абаз.
„Корупцијата се толкува како расипаност. Но очигледно на луѓето тоа не им значи ништо. На нив им е полесно да ја покажат својата нечовечност, отколку човечност. Нивната казна може да биде затворска дури и многу полоша и затоа треба да се бориме тоа да се спречи“, додава ученичката Еда Аго-ученичка.
Aнтикорупциската комисија, кампањата низ која поминаа стотина деца ја спроведува со помош на УСАИД и е прва од ваков вид во Северна Македонија.
(voa)