Оркестрираните напади врз неколку милијардери, познати филантропи, како заговорници на смалување на популацијата не е нова. Имаше свој извор во работата на група интелектуалци од т.н. Римски клуб во 60-тите години, на теориско ниво. Но, оваа интрига, како и короната, има пандемиско ниво и се чини дека го има својот центар на некои поисточни координати, кои долго не можеа да се сокријат. Колку за нас, за таа кампања и тука постојат многубројни „курири“
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Меѓу многуте наводни непријатели на земјава во последните месеци е инаугуриран и еден од најбогатите луѓе на планетата – Бил Гејтс. Неговото име се појавува главно на социјалните мрежи, иако е сосема јасно дека се работи за оркестрација: неколку креирани „сознанија“ во некој центар едноставно се повторуваат, се шират и патем доживуваат некакви апликации, во зависнот од фантазијата и амбициите на сопственикот на сајтот од каде се јавува истрелувањето на „отровната стрела“ кон споменатиот бизнисмен и филантроп,како што ретко постои во мигот на планетата. И самиот добив неколку пораки од тој тип од луѓе од кои не би очекувал дека би наседнале на ваквите кампањи. Тоа беа телефонски разговори – луѓето не сакаат да бидат видливи ако своето мислење го стават на интернет ама затоа на елефон можат да ги изнесат своите ставови?!
Врзувањето на Бил Гејтс за актуелните пораки поврзани за некаква црна иднина на планетата е дел од кампањата која поаѓа од наводното сознание дека пандемијата со ковид-19 е дел од калифорниската лабораторија, која има цел да донесе големо богатство на еден или група Амриканци (под „а“) односно да го намали населението за да се намали притисокот врз планетарние ресурси (под „б“). Кампањата многу наликува на онаа која се врзуваше со Сорош и неговата Фондација, која имаше политичка заднина а сега постои проста замена на името на овој филантроп во групата на наводните сеопшти непријатели. Со тоа што, веројатно, и по инерција и двете имиња често се врзуваат заедно! Еве еден пример на Фејсбук:
„Пазете Македонци имаат и друг план. – присилно да ве тестираат и закаонски тестовите да покажуваат дека 90 отсто сте позитивни. Ќе прават раздор меѓу народот – пожелни и непожелни. Не дозволете да ве тестираат и да ве стават во регистер за тестирање. Бидете претпазливи – тактиката на Сорос и Гејтс е на добар начин ова да го изведат ….Не им верувајте на платените Соросови национални медиуми, тие се соучесници во оваа ујдурма…“.
Нема се разбира никаква логика во сето ова (големите и мали букви и точките се наши – текстот е бланко со големи букви и без интерпукциски знаци), но тоа е само дел од вистинската наезда на беснислени обвинувања за како настанал вирусот, што е целта на „создавачите“ при што соединетите имиња на Сорос и Гејтс само го издаваат изворот на овие налудничави пропаганди.
Во нашиот „Репортер“ објавен е текст (https://reporter.mk/zagovor/koronavirusot-e-delo-na-milijarderite-bil-gejts-blumberg-i-noviot-soros-pjer-omidjar/) кој говори за некаков светски заговор кој го водат „милијрдерите Бил Гејтс, Мајкл Блумберг и новиот Сорос Пјер Омедијар“ „Репортер“ вели дека „низ светот простриуи молскавично навидум неверојатна, но како што се покажа, поткрепена и со докази и сосема реална теорија, според која коронавирусот е дело на група милијардери“. Без да се испорачаат доказите и фактите „Репортер“ продолжува со нафрлувањата од типот дека оваа група требала да го сруши Трамп и да поклаже дека е неспособен дури и со пандемијата!
Се споменуваат „заверениците“ – глобалистички организации – Институтот Џон Хопкинс“, здравствениот форум на Блумберг и економскиот форум на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Се споменува дека Гејтс некогаш рекол дека популацијате во светот е преголема, но никаде нема ниту еден цитат или нешто поблиско од обичното уфрлување на таа „констатација“, која како и другие нема никаде било каков корен. Малку познатиот Пјер Омедијар е тука како сопственик на интернет провајдерска мрежа. И воедно е син на професорот Хопкинс. И што тоа докажува? Дека биле подржувачи на Бил Клинтон (!) а овој бил создавач на т.н. длабока држава. Да не одиме во детали, да речеме дека зад овие тези има многу инвенција на ексбезбедњаци од Белград а впрочем и целито текст е преземен од весникот „Телеграф“ од српската престолнина кој воопшто не важи за медиум кој е релеватен и наслонет на факти. Едноставно е дел од „жолтото друштво“.
Кога сме кај Белград, да реме дека од таму ни доаѓа и подолгата изјава на некогашен најблизок соработник на Бил Гејтс (https://www.b92.net/zivot/vesti.php?yyyy=2020&mm=05&dd=06&nav_id=1681323) д-р Драгослав Поповиќ. Тој се осврнува на извештаите во медиумите, каде Бил Гејтс беше обвинет за „трговија со вакцини“, за узурпирање на Светската здравствена организација, за живеење во бункер, за знаење на сè за „Ковид 19“ уште во 2015 година, кога тој предупредил дека заканата за светот не е нуклеарна војна, туку заразен вирус што би ја загрозил планетата. „Како човекот кој прв посочи на опасност од нова пандемија стана главниот виновник и омилена цел на теоретичарите на заговор“ – се прашува јавно д-р Поповиќ за утринската програма на ТВ Прва, инаку научникот кој бил консултант за УНИЦЕФ и Светска банка и претседател на Здружението за јавно здравје на Србија, човек кој работел со Фондацијата Гејтс, но и со славниот американски доктор Ентони Фаучи. „Гејтс беше еден од најсилните застапници на подготовките за оваа пандемија и тој зборуваше за тоа јавно и елоквентно наназад, но очигледно е дека оние што беа одговорни за таа подготовка ја прескокнаа таа задача, па сега не се во многу пријатна ситуација“. Овој доктор инаку работел во борбата против детската парализа и со ширењето на вакцинацијата на африканската популација на деца.
Соочен со овие напади и самиот Бил Гејтс се огласи со интервју во углдниот париски весник Ле Фигаро. Во бројот од крајот на април https://www.lefigaro.fr/international/bill-gates-nous-n-allons-pas-revenir-a-la-normale-avant-un-a-deux-ans-20200427
американскиот милијардер не испрати многу утешна порака: „Нема да се вратиме во нормалниот живот барем уште две години“, вели тој.Гејтс додава дека во првата фаза е можно да се воспостави, преку тестови, систем на мерки што ќе го спречат експоненцијалното ширење на вирусот, како што видовме првично. „Сепак, нема да биде возможно да се вратиме во нормала, бидејќи, луѓето го сменија своето однесување од страв да не бидат заразени. Дури и ако владите тоа ќе го дозволат, граѓаните нема да се вратат на стадионите додека не се докаже дека терапиите или вакцините целосно го елиминираат ризикот од смрт од инфекција “, рече Бил Гејтс.
На прашањето што мисли за оние што го обвинуваат за сопствен интерес, Гејтс тврди дека неговата поддршка за производство на вакцини е од целосно добротворна природа и дека тој сега е целосно посветен само на борбата против вирусот корона.
„Нашата фондација служи за обезбедување на пари, да спаси животи, не заработуваме од нашите проекти“, рече тој. „Ние сме во состојба да ја намалиме цената на пример кај вакцините против детска парализа затоа што гарантираме да купуваме големи количества во текот на многу години. Ова им овозможува на компаниите на кои им ја даваме оваа гаранција да градат фабрики чии производи ќе имаат загарантирана продажба “, објаснува Гејтс и додава:„ Ако тие инвестиции носат профит – тие одат во нашата фондација како целина и тоа ни дава нови пари за да ги искоренеме маларијата и детската парализа. Јас веќе не сум бизнисмен ако се работи за бизнисмен кој сака да го зголеми профитот “. „Чудно ми е што луѓето сакаат да ја искористат оваа епидемија за да ги промовираат своите идеи. За време на пандемијата, немаше прекин во снабдувањето на медицински производи на пазарот. Кина денес е најсигурен снабдувач на медицински производи, особено кога се споредува со западните земји, кои не реагираа толку брзо на кризата (…) Оваа криза не треба да служи за ширење на ксенофобијата “, рече Бил Гејтс во интервјуто за Ле Фигаро.
Но, има ли оваа теорија на заговор, растурена преку стотина илјади мали и големи „загарчиња“, курири кои се распиштолиле по социјалните мрежи а и во многу медиуми свој извор. Деновиве како таа можна централа како да се откри!
Руската државна телевизија во својата петочна дебатна емисија „Земјата и законот“ во ударен термин на 24 април објави бизарна сторија според која основачот на Мајкрософт Бил Гејтс е одговорен за пандмеијата на вирусот ковид-19. Само што тука имаме и друг „сојузник“ – Доналд Трамп.
(видеото може да се види на https://www.slobodnaevropa.mk/ a/бил-гејтс-коронавирус/30591867.html). Сторијата која трае 15 минути и се бзира на присобрани материјали одново од пишувања на медиуми и „сознанија“ на интернет доаѓа на програмата тогаш кога ЕУ ја обвини Русија дека ги превртува информацијата за потеклото на корона вирусот Се цитираат изјави без никаков контекст а во центарот на обвинението е дека Гејтс е дел од друштво кое сака да се намали бројто на жителите на планетата. Денес Русија има над 200 илјади заболени од овој вирус и во почетокот властите велеа дека тие ја контролираат ситуацијата со болеста, ама потоа излезе дека состојбата е далеку од контрола. Сега им треба виновникот…
Ова теорија инаку не е нова, бидејќи своевремено т.н. Римски клуб, основан на крајот на 60-тите, кој имаше членство на 100 еминентни научници (https://funkymem.com/zones/upoznajte-rimski-klub) објави истражување „Граници на растот“ каде се изразува загриженост дека Земјата не може со овие ресурси да издржи сегашен раст на популацијата. Но, само да напоменеме дека од тогаш бројот на жителите се зголеми за половина (за три милијарди луѓе). И никој не можеше тоа да го спречи.