АНА ЧУПЕСКА
Во нашата ситуација, имено, не смее да се релативизира АСНОМ, а секако најмалку смее АСНОМ да се присвојува за сосем спротивните – фашистички цели. Фашистичката камуфлажа, другар(ки), мора да биде разоткриена
Без разлика на импулсите за релативизација на антифашистичката борба, зајакната сега, особено во дезинформациските напади и руската инвазија на Украина. Без разлика на целосното апроприирање, присвојување и ликување со антифашизмот – што се манифестира преку лажните приказни за „денацификацијата” (Путин) па се до наводната одбрана на македонството од т.н. „бугарски фашизам” (од тукашните реакционерни сили – што, се разбира, се во спрега со личноста погоре), сепак, сакам да споделам став со кој целсно можам да се идентификувам, а кој воедно го сметам, нескромно можеби, за патриотски.
…„Блајбург е голема трагедија, но НДХ е најголемата трагедија на хрватскиот народ…
Казната е казна, злосторството е злосторство и тоа треба да се именува со вистинско име…
Тоа е трагича работа, но, тоа не ја намалува вредноста на НОБ. …
Тоа беше злосторство и не е оправдано.
Но, со тоа не се доведува во прашање оправданоста на антифашистичката борба.
Исто така, ни НОБ неможе да се доведува во прашање заради Блајбург.
Се знае што е кокошка а што јајце”…
Ова се зборовите на Будимир Лончар, славен партизан и МНР на СФРЈ; преземени од книгата на Тврдко Јаковина посветена токму нему.
Во нашата ситуација, слично, кога станува збор на НОБ, треба да се знае што е кокошка, а што е јајце.
И во нашата ситуација, имено, не смее да се релативизира АСНОМ, а секако најмалку смее АСНОМ да се присвојува за сосем спротивните – фашистички цели.
Фашистичката камуфлажа, другар(ки), мора да биде разоткриена. Нашата ситуација изискува едно радикално вистинито комеморирање на НОБ, што би подразбирало, пред се, изворен антифашистички рефлекс соодветен на актуелните глобални, регионални, национални и локални околности. Изискува одговорност!
Присетувајќи се на 11ти Октомври, всушност имаме одговорност да се присетиме на борбата за слобода и суверенитет остварена преку антифашистичката коалиција на прогресивните сили. Но, уште поважно е да се присетиме и на тоа дека таа борба никојпат не била борба против конкретни нации, против некој културен идентитет, против некоја етничка група.
Во тоа е впрочем клучната разлика меѓу фашизмот и антифашизмот!
Затоа што фашизмот ги мрази разликите, а антифашизмот ги слави и ги обединува во хуманистички корпус на вредности. Антифашизмот ослободен е од приказните за супериорност на едни народи во однос на други. Фашизмот тоа не е, напротив!
Затоа и 11 Октомври. не може и не смее да биде толкуван ниту како просрпски, ниту како антибугарски… Нападот врз полицискиот участок се случил не затоа што внатре во полициската станица имало „Бугари”, туку затоа што тие лица таму биле фашисти, биле агресори, биле окупатори… Тоа е таа битна финеса на која треба да и се посветиме.
Што е поентата, да скратам.
Антифашистичкиот 11ти Октомври, е цивилизациски блесок поврзан со заштитата и одбрана на македонската држава. А како таква, македонската држава не била концепирана и замислена да го третира било кој етнички идентитет како супериорен или инфериорен.
Антифашистичката борба и денес е нужност, и таа ќе треба да вклучи сериозна и сеопфатна декамуфлажа на фашизмот (осоебно кај дезинформациите). Мора да се знае, што е кокошка а што јајце, Другар(к)и. Неможе да се нарекувате антифашисти ако мразите други народи, нации и култури. Не може да се нарекувате антифашисти ако сте суперматисти, ако блуете говор на омраза, ако ширите дезинформации со кои поттикувате ксенофобија, или конспирирате инциденти како кумановскиот, бекатонскиот или оној 27ми Април…Камуфлираниот фашизам, да заклучам, не може и не смее да биде опција за македонската држава. Да ни е вечен празникот, а борбата успешна.