До власта стигнуваат сигнали дека „трпел бизнисот“ во земјава и дека требале да се прифатат понудените 14 милиони евра „кауција“ за затвореникот Камчев кој на свое име ја вкнижува безмалку половина Македонија. Во тек беше и неговото селење на капацитетите надвор од земјава
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
За двоецот Мијалков – Камчев постои распространето мислење дека тие безмалку ја поседуваат половината од економијата на земјава. Ако директно не станува збор за посед врз јавните сегменти на економијата, сето друго беше систематски присвојувано. Формално повеќе пати тие постапки на преземање зад себе го имаа името на Јордан Камчев, иако ретко кој веруваше дека тоа е само затоа што Мијалков повеќе сакаше да не биде директно посочуван како „бизнисмен“. Впрочем, тој се до случајот „Дивље насеље“ и официјално беше јавен функционер.
Со апсењето на Камчев а потоа и на Мијалков, дел од таа нивна империја сигурно си има и некакви проблеми, бидејќи, нели, не е се исто како кога има кој да газдува. Зато пак веднаш се јавија душегрижници дека барем Камчев требало да се пушти од притвор и да се прифати неговата кауција од 14 милиони евра.
Овие гласови укажуваат дека кон зградата на Илинденска број 2 дури имало и такви аларми и од Комората! Ова, како противмерка произведе и пуштена вест, која ја објави Макфакс за тоа како и зошто Камчев се најде „на сигурно“, односно во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
По таа информација која доаѓа од СЈО, Камчев има фирми во Русија, Бугарија, Холандија, Косово, Србија и Хрватска и офшор компании во даночните раеви. Тој е краен сопственик на офшор фирмата „Финзи“, стои во решението на притвор за бизнисменот Камчев. Имотот што го поседува, како и бугарското државјанство се само една од причините зошто на бизнисменот му беше продолжен притворот за уште 30 дена.
Во решението стои дека „сите овие околности укажувале дека доколку осомничениот Камчев се брани од слобода, тој лесно ќе се даде во бегство во која било држава надвор од Македонија, особено во Бугарија, каде што има развиен бизнис и стан, а како државјанин на Република Бугарија нема да биде екстрадиран во Македонија“. Да не заборавиме дека него Бугарија го предложи за почесен конзул на оваа земја во Македонија!
Можноста за бегство судот ја гледа и во фактот што Камчев последнава година 80 пати ја преминал државната граница. Не се отфрла ниту можноста за влијание врз сведоците бидејќи, како што ценел судијата на претходна постапка, голем дел од нив се вработени во неговите фирми, а тој често ги менувал управителите и седиштата на правните лица кои се дел од истрагата.
Руската фирма „Здравје оптима“ во Ростов на Дон е една од фирмите што се поврзуваат со бизнисменот Орце Камчев. Уделите во фирмата во март годинава тој ги пренел на „Орка холдинг“ АД Скопје, а во април годинава уплатил 100.000 евра на име инвестиција во истата компанија. Сопствеништвото во оваа руска компанија „Орка холдинг“ го дели со Јован Дабевски, поранешен генерален менаџер на „Здравје Радово“ и извесен Антон Георгиевиќ. Втората руска фирма, отворена во 2015 година, „Семимол“, освен со Дабевски, Камчев ја дели со бизнисменот Сергеј Самсоненко.
Според решението за притвор, Камчев се јавува и како краен сопственик на фирмата „Финзи“, иако неговото име не се појавува во документите на оваа офшор компанија со седиште во Албани, САД. Предистражната постапка наводно покажала дека Камчев бил краен сопственик од отворањето на сметката на „Финзи“ во 2009 до 2012 година.
Деновиве руската новинарка Александра Соколова објави текст со наслов „Пудинг по македонски – кој отвори во Ростов ново млечно претпријатие“. Се работи за компанијата „Семимол“ која е во сопственост на „Бетсити“ и со која, како што вели Соколова, започнува балканизација на млечното производство во Русија.
„Семимол“ започнала со производство минатиот месец и доби голем простор во угледниот „Комерсант“. Ќе произведува млеко, кефир, дури и пудинг. На сајтот на фирмата стои дека овие производи по многу елементи немаат свои конкуренти во земјата и дека тие влечат свои корени од искуствата во млечната индустрија на Македонија и Србија. Практично, таму се пренесува технологијата на нашето „Здравје“ од Радово и српската фирма „Беоинокс“.
Обемот на производство кој сега изнесува 20 тони млечни преработки до третиот квартал следната година ќе достигне 200 тони. Според еден од директорите – Николај Оганзов, фирмата во првата етапа е инвестиција вредна 80 милиони рубљи. Следува и втората етапа со имнвестиција од 10 милиони рубљи. Таа етапа ќе значи отворање на производни капацитети за сирење и кашкавал.
Но кој е вистинскиот сопственик на „Семимол“ – се прашува и новинарката. Истрагата окрив дека како газди се јавуваат Сергеј Самсоненко, Антон Мачвариани и Јордан Камчев (сите по 30 отсто) и Јован Дабевски (10 отсто од акциите).
Медиумот ги запознава читателите дека Сергеј Самсоненко е домашен бизнисмен кој последните години живее во Македонија, каде е спонзор на три спортски клубови, изградил една спортска арена, подигнал и два хотели („Русија“ и „Marriott Courtyard“), создал авио компанија за деловни клиенти „СИС авиејшн“) и дека сега е преокупиран со изградба на тениски клуб.
Не се споменуваат скопските кладилници, но се признава дека големата мрежа на кладилници „Бетсити“ во Русија е негова. Годинава се очекува дека таа заработува 18 милијарди рубљи и дека според проценки на Берзата таа е меѓу 500-те најголеми компании во Русија. Во мигот Самсоненко гради на левиот брег на Дон, во Ростов, хотел кој исто така се вика како и скопскиот „Мериот“. Ќе проработи догодина во декември а ќе чини 950 милиони рубљи (да нема забуни – една рубља вреди 0,013 евра) или 16,14 милиони евра.
Антон Мачавариани, вториот сопственик е претприемач истот така од Ростов. Бил сопственик на фабриката за чевли „Рафо“. Во последно веме се префрлил на масла за јадење од растително потекло („Пик“).
Во април 2017 година тој отвора пат за влез на „Здравје“ од Радово во Ростов. Се формира „Здравје Оптима“ за производство на млечни производи. Дури 99,9 отсто е во сопственост на Орха холдингот од Скопје. На Мачавариани му припаѓа 0,09 отсто а на Јован Дабевски остатокот од 0,01 отсто). Последниот нели беше директор на „Здравје Радово“ и со себе ги носи рецептите.
Сергеј Самсоненко за руските медиуми рекол дека Камчев му е најдобар пријател во Македонија. Тие обајцата наскоро на веќе споменатиот брег на Дон, освен хотел, ќе градат и нова болница (да бидеме злобни и да речеме – нова Систина!) која ќе чини 6-7 милијарди рубљи (околу 130 милиони евра) и ќе има работна површина од 48.000 квадратни метри.
Ростов треба да биде некое ново Скопје – дали во него ќе живеат сите идејни творци на таа преселба или барем на тој копи-пејст?Има ли тоа врска со притворот на Камчев? Какви се врски со опцијата Б на избеганиот Груевски?