ДЕНКО МАЛЕСКИ
Она што знаеме со сигурност е дека во меѓународната политика нема гаранции за ништо. Сме се извлеке толку пати, можеби ќе се излечеме пак, е ставот на противниците на промените на уставот. Лично сметам дека без напредок кон ЕУ и самиот опстанок на македонската држава е загрозен
„Најзаедничкото нешто (што го имаат Албанците и Македонците) е Европската унија, како дома така и во регионот. Ако направиме нешто спротивно, се отвораат проблеми, идеолошки, соседски, етнички…“ вели Исмет Рамадани во емисијата на Канал 5. Добро, сакате да кажете, „она што не обединува е ЕУ“, вели водителот и лефтерно преминува преку пораката. Тука, на ова прашање требаше да се замрзне сликата на екранот. И сите да замолчиме и да се замислиме. Но, се чини, никому не му е гајле за единството на земјата. Важно е мојата страна да победи на наредните избори, па во тој контекст и провокативното прашање, дали опстанокот на оваа држава зависи од уставните промени и продолжувањето на пристапните преговори со Унијата. Излишно прашање: никој нема кристална топка за да го види тоа.
Она што знаеме со сигурност е дека во меѓународната политика нема гаранции за ништо. Сме се извлеке толку пати, можеби ќе се излечеме пак, е ставот на противниците на промените на уставот. Лично сметам дека без напредок кон ЕУ и самиот опстанок на македонската држава е загрозен. Мислам дека ѓаволот ја однесе шегата и дека ако повторно заглавиме, овој пат тешко ќе се извлечеме.Се случува нешто многу сериозно со македонското општество кое сече преку границите на партиските поделби.
Пред години, странски дипломат, во време на претходната власт, загрижено ми вели дека најстрашното што го забележува е дека општеството нема доволно „енергија“. Деновиве, познаник, познат адвокат, ми вели дека е скептичен за иднината на државата заради отсуство на „критична маса“.Тоа отсуство на „енергија“ е заедничкиот именител за сите ломови во општеството: „Онкологија“,Специјално јавно обвинителство, судство и обвинителство, лошо образование, неизградениот пат Кичево-Охрид, масовно иселување на младите… Со еден збор: немаме енергија (демократски) да се управуваме себеси. Зошто? Затоа што немаме сила да се обединиме и стратешки да мислиме за интересот на државата.
Влијанието на Западот е и благослов и проклетство. Благослов знаеме зошто (безбедност, благосостојба) а проклетство затоа што одржувајќи не во живот од независноста па до денес, ја создава лажната слика кај народот дека да се управува со држава е најлесната работа на светот. Само да ја тргнат таа безбедносна мрежа која што ја држат под акробациите на нашите националисти ќе треснеме за никогаш да не станеме. Имено, се се сведе на тридецениска битка меѓу партиите за власт преку серија избори, демократски и недемократски,без трошка стратешко и долгорочно мислење за големите теми за опстанок на државата. Затоа, општеството е папсано, исцрпено, истоштено. Има само едно место од каде што можеме да ја надоместиме таа „енергија“, таа „критична маса“: Европската унија. Во 1992, на прашањето на Лорд Карингтон, претседавачот со Конференцијата за Југославија, како ќе опстане мала , сиромашна, етнички комплексна држава без излез на море која не е „самоодржлива“, одговорив: во евроатлантските интеграции кои ќе бидат замена за југословенската. Малку знаев каков ќе биде нашиот политички систем во услови на демократија и каков пустош ќе остави зад себе дилемата на секој политичар кој е избран да го промовира општото добро и неговиот инстинкт да грабне за себе. Денес, веќе ова не е само пршање на ВМРО-ДМПМНЕ и на СДСМ, уште помалку на малите партии кои профитираат од нивниот расцеп, секогаш префрлајќи се од сплавот што тоне на сплавот на новата власт. Ова е нешто друго: соочување со самите себе како луѓе и со вредностите кои ги носиме во себе. Соочување, ако сакате, со „руското влијание“.
Со темата за „руското влијание“почна емисијата кога гостинот Македонец жестоко бараше докази од гостинот Албанец за такво нешто. Отсуството на докази беше интерпретирано како отсуство и на руско влијание. Грешка. Не го барајте руското влијание во агенти распоредени низ градовите на Македонија. Руското влијание е во нас самите.Во отсуство на волја да се менуваме за да заличиме на западните демократски општества. Сега се станува појасно од порано, од златните времиња на ЕЗ и ЕУ и пред руската агресија врз Украина. Имено, сега, после распарчувањето на Украина од моќниот сосед, живееме во време во кое завладеа логиката на Студената војна: она што е добро за Истокот е лошо за Западот. Мораме да се определиме и така да придонесеме кон својата и иднината на слободна Европа. Руската политика ни вели дека сме добри какви што сме, дека не мораме да се менуваме и дека можеме да и се придружиме такви какви што сме. Западот ни поставува услови за да бидеме партнери во ЕУ: корупција, правна држава, дијалог за разбирање со соседите. Не е тешко да се погоди на која страна влече нашиот менталитет и нашето политичко наследство. Но, сакале или не, сите оние кои го кочат и го одлагаат процесот на интегрирање со Западот се носители на руското влијание, независно од тоа колку самите се доживуваат себеси за огнени борци за демократија.