Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КАНТАРОТ НА АХМЕТИ ИМА ПОГОЛЕМА „ТЕЖИНА“ ОД РЕАКЦИИТЕ НА НЕЗАДОВОЛНИТЕ ЗА ИЗБОРОТ НА ХОЏА ЗА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ

February 10, 2026 Filed Under: Македонија

Поделени се мислењата дали именувањето на Хоџа на висока позиција во партијата ќе предизвика нови поделби во ДУИ. Според едни, Ахмети го пресметал револтот што ќе се јави кај дел од сопартијците, а според други, очекувано е да има реакции, но тие нема да предизвикаат посериозни потреси во ДУИ

ХОЏА И АХМЕТИ Критика дека е поставен „само одозгора“

Именувањето на Аријанит Хоџа за шести потпретседател на ДУИ предизвика нови бранувања во партијата на Али Ахмети. Хоџа неодамна ја претопи неговата Европска демократска партија во ДУИ, а изминатиот викенд, на предлог на Ахмети, највисокиот партиски орган, Генералниот совет, беше избран за потпретседател, што кај дел сопартијци предизвика бурни реакции и незадоволство.
Поделени се мислењата дали Хоџа ќе предизвика нови поделби во ДУИ. Според едни, Ахмети при назначувањето на Хоџа во највисокото партиско раководство го пресметал револтот што ќе се јави кај дел од сопартијците. Според други, очекувано е да има реакции, но не и дека тие ќе предизвикаат посериозни потреси во ДУИ.

Според партиски извори, на состанокот на Генералниот совет, Хоџа без ниту еден глас против бил избран за потпретседател на партијата. Со тоа ДУИ сега има шест потпретседатели – Бујар Османи, Фатон Ахмети, Арта Биљали Зендели, Арбана Пашоли, Еркан Арифи и Аријанит Хоџа. Осуммина од раководството на ЕДП станале дел од партиските тела на ДУИ.

Веднаш по изборот на Хоџа, дел од сопартијците бурно реагираа на социјалните мрежи. Поранешниот градоначалник на Желино, Фатмир Изаири, е загрижен за политичкиот правец и за составот на раководните структури. Повикувајќи се на еден негов напис од 2016 година, Изаири верува дека истиот проблем останува релевантен и денес. Тој вели дека последните случувања ја вратиле дилемата за иднината на партијата.

„Помина доста време откако ДУИ повеќе не се идентификува во своето јадро и, освен претседателот и неколку други околу него, беше узурпирана од луѓе од други политички партии. Не е лесно за една организација да прифаќа туѓинци. Веќе не е луксуз да им се наметнуваат на луѓето, луѓе што не ги сакаат“, пишува Изаири.

Според него, врвот на незадоволството е достигнат со напредувањето на поединци кои, како што вели, претходно ја напаѓале ДУИ.

„На лидерски позиции ги имаме оние што, под закрила на други партии, нè оцрнуваа, нè навредуваа, а денес тие не само што се рехабилитирани, туку и нè водат“, додава Изаири.

Со реакција на социјалните мрежи излезе и поранешниот градоначалник на Сарај, Беким Мурати.

„Ако Аријанит стана потпретседател на ДУИ со одлука што падна од небо, тогаш се поставува логично прашање – зошто Зејд да не стане генерален секретар? Ако се станува потпретседател со ‘одлука одозгора’, зошто секретарот да не биде избран со иста логика?
Зејд не е случајно име, ниту декоративна фигура, барем има структура која е млада и е производ на долга политичка битка. Ако партијата се отвора за ‘нови лица’ на врвот, тогаш да го направиме тоа без двојни стандарди. Ако Аријанит може да се ‘увезе’ преку ноќ, тогаш зошто Скендер Реџепи-Зејд треба да помине низ филтрите на лицемерието“, смета Мурати.

Во друга објава Мурати вели дека Хоџа не влегува во ДУИ со идеи, со изборни или со политичка тежина,туку со биографија полна со пропусници.

„Долга прошетка без трага, без придонес, без добиена битка. Фигура која ја пробала секоја врата, затоа што никаде не успеала да изгради политичка куќа. Што добива ДУИ со претопувањето на Аријан Хоџа во своите редови? Ништо. Апсолутно ништо. Покрај јавното запечатување на фактот дека влезе во најниската фаза од своето политичко постоење: фазата на рециклирање.
ДУИ, прифаќајќи го ова претопување, не добива сила, туку ја признава својата слабост. Докажува дека веќе нема капацитет да изнесе лидерство од внатре, признава дека зависи од потрошените фигури кои бараат засолниште, а не одговорност. Партијата која некогаш тврдеше дека е политичка оска денес се претвора во азил за неуспешни.
Овој потег не убедува никој. Не ја мобилизира базата. Не носи надеж. Наместо тоа, испраќа јасна порака до јавноста дека ДУИ не се менува, туку преживува. А преживеањето преку амбисот не е стратегија – тоа е знак на неповратен пад“, напиша Мурати.

Според партиски извори, незадоволните по изборот на Хоџа за потпретседател не се моќни да предизвикаат поголем потрес во партијата. Дури се коментира дека тие што сега јавно изразуваат незадоволство, за локалните избори „работеле во корист на Вреди“.
ДУИ по конгресот ги повика сите политички партии во земјава што се блиски до нивната визија, како и интелектуалните, социјалните и професионалните капацитети, да се приклучат во нивната партија. По повикот, партијата на Хоџа донесе одлука да се претопи во ДУИ.
ЕДП, предводена од Хоџа, пред парламентарните избори во 2024 година стана дел од Европскиот фронт, предводен од ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори. Хоџа политички првпат се активира во ПДП, тогаш предводена од Абдулади Вејсели која беше во коалиција со ДПА, предводена од Арбен Џафери. Потоа тој беше дел од Нова демократија на Имер Селмани, кој, пак, се отцепи од ДПА. Набргу премина во Беса и беше генерален секретар и потпретседател на партијата на Билал Касами.
Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 година.

Европската демократска партија на Аријанит Хоџа се спојува со ДУИ.

Централното собрание на Европската демократска партија оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија

Европската демократска партија предводена од Аријанит Хоџа се спојува со ДУИ на Али Ахмети. Централното собрание на партијата ја разгледало поканата на ДУИ за обединување на политичките сили, информира партијата на Фејсбук.

– Сметајќи го политичкиот моментум како важен во однос на најголемото можно политичко обединување на Албанците и за што посилно артикулирање во рамките на политичкиот глас, особено по Конгресот на ДУИ, промените што се случија и усвоените резолуции, Централното собрание на Европската демократска партија оцени дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија што ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија – соопшти партијата.

Од ЕДП додаваат дека Централното собрание го овластило претседателот на партијата Хоџа да ги продолжи разговорите со претседателот на ДУИ и да најде најдобра форма и модел за заокружување на овој процес.

ЕДП предводена од Хоџа пред парламентарните избори во 2024 година станаа дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори.
Хоџа политички првпат се активира во ДПА тогаш предводена од Арбен Џафери, за потоа да стане дел од партијата Нова демократија на Имер Селмани кој исто така се отцепи од ДПА. Потоа премина во Беса и беше генерален секретар и потпретседател на партијата на Билал Касами.
Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 година.

Генералното собрание на ДУИ на состанокот пред два дена ги повика сите политички партии во земјава кои се блиски до визијата на ДУИ, како и интелектуалните, социјалните и професионалните капацитети, да се приклучат во нивната партија,

– ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на сите интелектуални и политички потенцијали во земјата, со цел унапредување на политиките и визијата кои се во интерес на државата и на сите граѓани. Овој повик е упатен до сите политички субјекти, социјални, интелектуални и стручни здруженија, да станат дел од ДУИ и нашата заедничка визија за стабилна држава – соопшти ДУИ.

(slobodenpecat.mk)

Filed Under: Македонија

ЈАН БЖЕЖИНСКИ: АКО РУСИЈА ЈА ПОБЕДИ УКРАИНА, НЕКА СЕ ПОДГОТВИ ЗАПАДЕН БАЛКАН
РИСТОСКА: ОЧЕКУВАМ ДА БИДАМ ИЗБРАНА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
EЛИС ДАГНИС: ТРАМП ИМА ПОДДРШКА НА 32 ОТСТО ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО А ТОА НЕ Е МНОЗИНСТВО
БАЛАБАНОВ ЈА ОТВОРИ НАШАТА КУЛТУРНА РИЗНИЦА КОН СВЕТОТ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (165): РУСКИ ГЕНЕРАЛИ ГИНАТ НА ФРОНТОТ АМА МНОГУ ПОВЕЌЕ ПРЕД ДОМАШНИТЕ ПОРТИ

Најново

  • ЈАН БЖЕЖИНСКИ: АКО РУСИЈА ЈА ПОБЕДИ УКРАИНА, НЕКА СЕ ПОДГОТВИ ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • РИСТОСКА: ОЧЕКУВАМ ДА БИДАМ ИЗБРАНА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
  • EЛИС ДАГНИС: ТРАМП ИМА ПОДДРШКА НА 32 ОТСТО ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО А ТОА НЕ Е МНОЗИНСТВО

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet