Меркел го критикува Макрон: уморна сум од чистење на кршот кој го правите
Во дебатата околу НАТО, атмосферата меѓу Ангела Меркел и Емануел Макрон е повеќе од напната. Колку многу, покажува и извештај во Њујорк тајмс, кој предизвика интерес кај германските медиуми.
Берлинскиот дневник Тагесшпигел во врска со прекорот на Меркел кон Макрон, за кој извести Њујорк тајмс, пишува:
„Ангела Меркел всушност не е позната по остри изјави, но очигледно дека и за нејзината воздржаност постојат граници. За време на вечерата по повод 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, Меркел и францускиот претседател влегле во судир, како што известува весникот Њујорк тајмс. Според извештајот, канцеларката изјавила дека е веќе уморна од собирање на кршот што го остава Макрон зад себе, во контекст на изјавата на Макрон дека НАТО е ’клинички мртов’.
’Ја разбирам Вашата желба кон уривачка политика, но јас морам постојано да ги лепам чашите кои Вие ги кршите, за да можеме сепак да седнеме и да се напиеме чај’, му рекла наводно Меркел на Макрон.
Францускиот претседател, според Њујорк тајмс, се бранел дека не може едноставно да отиде на самитот на НАТО на почетокот на декември во Лондон и да се прави дека ништо не се случило, дека однесувањето на НАТО-партнерите, САД и Турција, во Сирија е во интерес на сите.“
Тагесшпигел ја пренесува и оценката на Жан Аселборн околу изјавата на Макрон, дадена за овој весник :
„Луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн во Макроновата критика кон НАТО гледа почеток на ’задоцнета дискусија’. ’На Европа навистина и` е потребен НАТО, зашто таа сама не може да се грижи за својата одбрана. Но, пропуштањето на секаков претходен договор, како што постапија САД и Турција, значи подривање на политичкиот сојуз. А ако политичкото сојузништво веќе не постои, кога и да е ќе биде уништен и воениот пакт. Од тој аспект, Макрон покрена една одамна потребна дискусија’, изјави Аселборн, без да влегува во детали околу изјавата на Макрон“, пишува Тагесшпигел, потсетувајќи дека германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас пред неколку дена на средба со своите ресорни колеги во НАТО, изјавата на Макрон ја искористи како повод за иницирање формирање експертска група за реформа на Алијансата, што наиде на позитивен одек. А Меркел на конгресот на Европските народни партии во Загреб истиот ден уште еднаш демонстративно застана зад НАТО.
Весникот Велт исто пренесува делови од извештајот на Њујорк тајмс, а во врска со несогласувањата меѓу Меркел и Макрон потсетува:
„И на ниво на ЕУ францускиот претседател предизвика внимание. Макрон на самитот во октомври го блокираше почетокот на пристапните разговори меѓу ЕУ и балканските земји Северна Македонија и Албанија, со образложение дека прво треба да се реформира процесот за приклучување кон ЕУ. Германската влада, Европската комисија и пред сѐ источните држави од Унијата остро го критикуваа чекорот на Макрон.“
Весникот Велт пишува дека владин портпарол во Берлин вчера одбил да даде изјава околу пишувањето на Њујорк тајмс со образложение дека во принцип не се даваат информации околу доверливи разговори, па е разбирливо дека нема ниту став за наводни цитати.
Весникот Билд пак ја пренесува изјавата на Норберт Ретген, надворешнополитички експерт во партијата на Меркел, ЦДУ, дадена во врска со контроверзната тема: „Можам многу добро да ја разберам канцеларката. Но, тоа ништо не помага, мораме односите со Франција повторно да ги доведеме на конструктивен колосек.“
Билд го цитира и шефот на германско-француската пратеничка група, Андреас Јунг од ЦДУ, кој настапува опуштено: „Народната поговорка вели: Французите ја измислиле дипломатијата, а Германците се многу директни. Реалноста покажува: за среќа, ваквите клишеа не се точни, може да биде многу поинаку. Во Париз и Берлин отсекогаш имало и различни мислења. Решавачка е желбата за постигнување заедничка линија. На таков начин можеме да ја поведеме Европа нанапред, да развиеме заеднички визии кои ќе ги реализираме со партнерите. Една од нив е заедничка европска армија. Ние планираме да одиме по овој пат. Тоа ја јакне Европа и го засилува НАТО.“
Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во неделата беше невообичаено флагрантен. По изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека „НАТО е клинички мртов“, Мас предупреди од „минирање“ на НАТО и расцеп во Европа. Во неделата Макрон во Берлин имаше мирна вечера со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел во дворецот Белви, но во изминатите недели меѓу Германија и Франција се создаде значителен конфликтен потенцијал на три пункта. Зашто, Макрон побара генерален ремонт на Пактот за стабилност на еврото и го блокираше почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Во Берлин се обидуваат да ја решат енигмата – кои се вистинските мотиви на Макрон, со оглед на тоа што францускиот претседател ги доведува во прашање старите германски основни убедувања.
„Позициите на Макрон, во поглед на НАТО, но и проширувањето, се во прва линија израз на нестрпливост и разочарување“, смета Клер Димесмеј, експерт за Франција во Германското друштво за надворешна политика. Европолитичарката од Партијата на зелените, Франциска Брантнер, одговорноста ја лоцира кај германската влада. „Кај Макрон се чувствува фрустрацијата поради тоа што Германија не учествува во многу европски интегративни чекори, на кои тој се надеваше“, вели таа.
Германската влада пак, напротив, укажува порадо на внатрешнополитичкиот притисок под кој се наоѓа Макрон, а кој го гони кон внатрешнополитички популарни, но во Европа – контроверзни позиции. Во анкетите на јавното мислење француската деснорадикална партија на неговата поранешна ривалка Марин Ле Пен доживува нов подем. Во 2020 година во Франција претстојат локални избори. Одбивањето на почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Албанија Макрон го појаснуваше со фактот што земјата е на второ место според поднесени барања за азил во Франција. На тоа, меѓутоа, се надоврзува и следното – Макрон во основа не застапува нови, туку само класичните француски позиции: и поранешните француски претседатели пледираа за полабава буџетска политика и преферираа сопствена одбрана на ЕУ наспроти, од САД доминираното, НАТО. А во врска со недоволната ефикасност на ЕУ, неговите претходници беа скептични и кон секое проширување кон исток, што повеќе ја јакне улогата на Германија, но не и на Франција во Унијата.
Брантнер меѓутоа предупредува позициите на Макрон да не се гледаат како ирационални или внатрешнополитички условени. „Германија притиска на започнување пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија од геостратешки причини“, вели таа. Но, Макрон оправдано го поставува прашањето зошто Германија превидува други геостратешки прашања, на пример тоа дека по стапувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на функцијата, расте сомнежот дали Европа воопшто може уште да се потпре на НАТО. Или зошто Берлин игра улога на кочничар кај довршувањето на банкарската унија и во поглед на крупните инвестициски програми на ЕУ. „Макрон не е помалку ’европски’ од неговите германски партнери“, истакнува Брантнер, предупредувајќи да не се етикетира францускиот претседател едноставно како „неоголист“ кој ги застапува исклучиво интересите на својата земја.
„Опасни“ изјави
Последица, според експертката Демесмеј, е невообичаено отворена дискусија меѓу двете престолнини. „По фазата на инсценирана хармонија, кулминирана со потпишувањето на Ахенскиот договор на почетокот на годината, од пролетта веќе не се трудат да ги скријат меѓусебните разлики пред јавноста“, вели таа. „И Париз и Берлин се загрижени за меѓународната ситуација, но ја гледаат низ многу различни очила. Тоа е во прва линија одраз на надворешнополитичката култура на двете земји.“
А тоа не е ништо суштински ново. Макрон предложи голем буџет на еврозоната, но беше амортизиран. А во одбранбената политика Макрон стартуваше интервенциска иницијатива, која на европско рамниште предвидува организирање трупи за брза интервенција, независно од ЕУ-структурите и со вклучување на Велика Британија без оглед на Брегзит, односно нејзиниот излез од ЕУ. Но, германската влада претпочиташе друг пат – постепено зајакнување на одбранбената соработка во рамките на ЕУ во одделни области како логистиката. На крајот, постигната е согласност за средно решение, двете земји да учествуваат во двете иницијативи. Постојано се пребродуваа разликите, не само при производство на заеднички борбени авиони и тенкови, туку и во поглед на договорените насоки за извоз на оружје.
Од аспект на дипломати во ЕУ, тука постои и еден друг мотив: По претстојното заминување на Велика Британија од ЕУ, се нарушува целокупниот баланс во Унијата. Германија постојано имаше средишна позиција меѓу двете атомски сили, било кај проширувањето на ЕУ или кај одбраната. Без Велика Британија, разликите меѓу Германија и Франција станаа повидливи. Германската влада притоа не е осамена. Во евро-дебатата ненадејно со остра критика кон Макрон се вклучија и северните и источните Европејци. Во понеделникот полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјавите на Макрон за НАТО ги оцени како „опасни“. Зашто, Источноевропејците во својот страв од Русија, во прв ред се потпираат врз САД, а не врз партнерите од ЕУ.