Годинава главните награди на Кроазета заминаа во помалку познати кинематографии

Филмот на иранскиот режисер Џафар Панахи за корупцијата во Иран ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал. Панахи беше апсен неколку пати поради неговата креативност
Иранскиот режисер и дисидент Џафар Панахи ја освои Златната палма на 78-от Меѓународен филмски фестивал во Кан за „Беше само несреќа“, кој беше снимен во тајност.
Ова е неговата втора „Златна палма“.
Панахи, кој е апсен неколку пати во Иран поради неговото снимање филмови, последен пат лично присуствуваше на фестивалот во 2003 година, кога филмот „Crimson Gold“ беше прикажан во категоријата „Извесен поглед“.
Во 2010 година, Панахи беше уапсен заедно со неговата ќерка, сопругата и 15 пријатели, и иако бројни уметнички здруженија и организации на филмски режисери и борци за човекови права му дадоа поддршка на овој режисер, тој беше осуден на шест години затвор и дваесетгодишна забрана за режирање филмови, пишување сценарија, давање интервјуа и напуштање на земјата освен за медицински третман или поклонение во Мека.
Додека го чекаше исходот од жалбата, Панахи направи документарец со видео дневник, „Ова не е филм“, кој беше прокриумчарен од Иран на USB стик скриен во торта и прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2011 година.
На 63-от Берлински филмски фестивал за филмот „Затворена завеса“ ја освои Сребрената мечка за најдобро сценарио, а на 65-то Берлинале, неговиот „Такси“ ја освои Златната мечка за најдобар филм.
„Беше само несреќа“ е драма за корупцијата во Иран, а го следи Вахид, кој една вечер удира и убива куче на патот, а штетата нанесена на неговиот автомобил го води до гаражата, каде што го среќава човекот за кој верува дека го мачел во затвор.

По добивањето на наградата во Кан, режисерот рече дека најважно е слободата на неговата земја.
Панахи објави дека ќе се врати дома по Канскиот фестивал и покрај ризикот од неповолна реакција од властите.
Гран при, втората најважна награда по Златната палма, му беше доделена на филмот „Сентиментална вредност“ од норвешкиот режисер Јоаким Трир.
Бразилскиот политички трилер „Таен агент“ му ја донесе наградата за најдобар режисер на Клебер Мендоза Фиљо, додека Вагнер Мур беше прогласен за најдобар актер, а наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Надија Мелита за драмата за созревање на Хафсија Херци „Мала сестра“.
Филмовите „Сираче“ од француско-шпанскиот режисер Оливер Лакс и „Звукот на паѓањето“ од Маша Шилински беа наградени со заедничка награда од жирито, а браќата Жан-Лик и Пјер Дарден од Белгија ја освоија наградата за најдобро сценарио за „Млади мајки“.
Наградата за најдобар дебитантски филм му припадна на Хасан Хади за ирачкиот филм „Тортата на претседателот“, додека Златната палма за најдобар краток филм ја доби „Мило ми е што сега си мртов“ од Тавфик Бархом.