АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Дали можат луѓе од форматот на Тодорова, Дичев и Дечев да се најдат во комисија на ултранационалистот Ангел Димитров? Тој Ангел беше, едно време, амбасадор на Бугарија во РМ. Како амбасадор доби многу простор во тогашен „Дневник“ ја сее, жнее и вее својата ултранационалистичка идеологија
Во подолга статија на новинарот Симеон Јанев, објавена на бугарскиот портал News.bg, може да се прочита дека македонската владина комисија денес (каква коинциденција; денешен „Фокус“ oбјавува долго интервју со мене) расправа со соодветна на бугарската влада на тема „заедничка историја“ и, уште, дека „скопската страна“ сменила некој член на својата комисија за да назначи, на негово место, друг „от когото медиите могат да се ужаснат.“
Не е некоја тајна за оние што редовно или повремено ја следат работата на тие две владини комисии дека тој член од кој бугарските медиуми „могат да се ужаснат“ е Огнен Вангелов, по случај мој син, како што би рекол славниот автор на „Духот на законите“ Монтескје, по природа – човек, а по животен избор политиколог кој одбранил докторска дисертација на универизитет Кингстон во Канада, земја во која работи и Марија Тодорова, историчарка како и Стефан Дечев, односно филозофот Ивајло Дичев, од кои бугарските медиуми „могат да се ужаснат“ исто толку колку и од тој нов член на скопската владина комисија.
А зошто „могат да се ужаснат?“ Затоа што тие луѓе веќе јавно тврдат дека и бугарскиот литературен јазик (како и секој друг литературан јазик под капата небеска) е исто толку „искуствен“ (вештачки) колку и македонскиот, службена теорија на бугарското „езиковедсение,“ но и на актуелната влада на г. Бојко Борислов за која тој македонски јазик и „втора кодификација“ на бугарскиот литературен јазик, како што напиша во нејзиниот „Разяснителен меморандум“, упатен до сите земји членки на Европсклата Унија.
Дали можат луѓе од форматот на Тодорова, Дичев и Дечев да се најдат во комисија на ултранационалистот Ангел Димитров? Тој Ангел беше, едно време, амбасадор на Бугарија во РМ. Како амбасадор доби многу простор во тогашен „Дневник“ ја сее, жнее и вее својата ултранационалистичка идеологија. Ако не Каракачанов, тогаш тој Димитров би спуштил рампа за луѓето од таков „сој“ во комисија на бај Борис. Значи, за нив не може да стане збор ни “под разно!“ Зошто? Затоа што тие луѓе, по случај да се најдат во таа комисија, брзо би нашле заеднички јазик со оној член од скопската комисија која го назначила владата на Заев. Ако најдат (како што ќе најдат!), тогаш не може да покаже дека и „Герб“ на г. Борисов, и “Вемерето“ на г. Каракачанов живеаат од „фълшива фабрикация ежедневни спънки между София и Скопие,“ а по причина што нема подобар начин од тој да се одржат на – власт.
А кои се тие луѓе од кои бугарските медиуми „могат да се ужаснат“ исто толку колку и од оној неименуван член на скопската комисија чие семејно стебло, по сè изгледа, мошне добро го познава првиот човек на бугарското „Вемере,“ импозантниот г. Каракачанов? Тие луѓе се добро известени и учени следбеници на еден натурализиран Француз од бугарско етничко потекло кој до 1989 беше „апатрид и родоотстъпник.“ Збор е Цветан Тодоров кој токму во таа 1989 година беше прогласен за doctor honoris causa на софискиот универзитет. Како следбеници на тој „апостол на хуманизмот“ (така Европа и светот го титулираат Тодоров) тие луѓе ја корнат “коренската“ теорија и практика на нашите „братя българи,“ а ја корнат затоа што таа теорија е анахрона, многу повеќе национална митолкогија отколку идеологија, а пак како идеологија уште и – тоталитарна!
А зошто тоталитарна?
Затоа што нема разлика меѓу идеологија која се базира врз категоријата нација – еден народ, еден јазик и еден водач (цар или фирер), и друга која се базира врз категоријата класа – „пролетери од сите земји соединетиете се!“ како што напиша, во својот Комунистички манифест Каркл Маркс во 1848. Тие две работи се од „еден дол дренки“, омилена изрека на покојниот акд. Гане Тодо-ровски. Кога сме веќе кај тој покоен академик, можеме да потсетиме дека тој, своевремено, изјави дека бил „националист по професија.“ Се разбира, на еден вообичаен, двосмислен начин, во духот на неговиот животен стил. Велам дво- смислен затоа што веднаш додеде дека неговата проофесија била да предава национална, македонска литература на скопскиот универзитет.
За крај, останува уште да се прашаме: зошто импозантниот Каракачанов има толку насушна потреба да се занимава со семејното стебло на членови на комисија од земја со која преговара неговата влада? Затоа што тој не гледа начин да се решат македонско-бугарските „междусобици“ ако не избере членови и на двете комисии Тој. А не гледа начин, затоа што нема доверба во никого. најмалку во Заев! Нема, затоа што ни себеси не си верува! Како што рече и славниот поет Димчо Дебелјанов: „и във свойта вяра сам не вярвам аз.“