Заменик-претседателката на СДСМ вели дека секојдневно излегуваат јавно со реакции за сите погрешни политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги демонстрира, како на пример, со упадите во судството, со упадите во независните тела, несправувањето со животниот стандард и скапотијата. Дополнително, вели Каранфилова-Пановска, очекувано е новото раководство кое е воспоставено само неколку месеци по изборниот пораз да не биде толку силно артикулирано

Во овие осум месеци, а особено за овие три за кои јас можам изворно и директно да зборувам, Социјалдемократскиот сојуз прави чекори и исчекори кои можеби не се толку очигледни во јавноста, но кои ќе покажат и дадат резултати – смета заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Таа вели дека не може да се согласи дека СДСМ во моментов е млака опозиција и оти по изборите во мај минатата година, и по оставките од раководните позиции на тогашното претседателство и изборот на новиот лидер, партијата се наоѓала во ситуација како никогаш претходно – во смисла на поддршката меѓу членството преточена во комплетна разочараност и лутина, која според неа е легитимна и оправдана, но во овие осум месеци, а посебно во последните три месеци, СДСМ прави чекори и исчекори кои можеби не се толку очигледни во јавноста, но според неа ќе дадат резултати.
„Ова го говорам во контекст на тоа дека СДСМ, опоравувајќи се од пожарот, консолидирајќи ги своите редови, воспоставувајќи ново раководство, етаблирајќи ги општинските раководства и воспоставувајќи механизми на комуникација, тој систем што го воспоставуваме, кој го немаше, бидејќи почнувавме од нула, тој функционира и за да дава резултати кои ќе бидат видливи, како што се очекува и како што треба, и тоа ќе се случи наскоро“, вели Каранфилова-Пановска.
На новинарско прашање дека одредени „теории на заговор“ велат дека личи како да има договор помеѓу Филипче и Мицкоски и оти нивните поддржувачи очекуваат многу подинамична и активна СДСМ, заменик-претседателката повтори дека лично не би рекла дека СДСМ е млака опозиција и оти секојдневно излегуваат јавно со реакции за сите погрешни политики кои ВМРО-ДПМНЕ ги демонстрира, како на пример, со упадите во судството, со упадите во независните тела, несправувањето со животниот стандард и скапотијата. Дополнително, таа вели дека е очекувано новото раководство кое е воспоставено само неколку месеци по изборниот пораз да не биде толку силно артикулирано.
360°: Таа ваша активност сè уште не се рефлектира во анкетите, да речеме. Зошто е тоа така?
Каранфилова-Пановска: Па, јас мислам дека некои последни анкети поинаку би говореле, но за тоа ќе зборуваме тогаш кога ќе може да излеземе со некои цифри официјално. Мислам дека срамежливо, но сигурно има поместување.
На новинарска забелешка дека ВМРО-ДПМНЕ успешно се дистанцира од Данела Арсовска, заменик-лидерката на опозициската партија, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели: „Јас не знам зошто тоа го прават успешно кога Данела Арсовска беше нивен кандидат, со нивна поддршка дојде на градоначалничкото место, а опструкциите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот ја блокираа дополнително, суетноста помеѓу централната и локалната власт, нè доведен нас како скопјани во една ситуација во којашто градот е преполн со смет, јавниот превоз е сè само не достоинствено и хумано место да се најдат граѓаните. Градот е загаден повеќе од било кога во претходните години, јас би рекла затоа што нема контрола на клучните загадувачи. Градот не функционира, градот културно замира, градот нема никаква програма којашто ја нуди за сопствените граѓани…“

360°: Што ќе биде успех за СДСМ на локалните избори?
Каранфилова-Пановска: Секој резултат што ќе биде подобар, во апсолутни бројки од претходните, е апсолутно успех за СДСМ.
Од претходните парламентарни избори?
– Парламентарни избори во апсолутен износ.
На листите на советници би ги броеле?
– Само таму може да ги броиме во апсолутен број гласовите, да.
Можно ли е да не освоите ниедно градоначалничко место?
– Видете сега, теоретски, јас искрено не верувам и не мислам дека тоа ќе биде случај, но да оставиме да видиме, јас велам ние да работиме.
Бидејќи моделот е немилосрден – мнозински, во изборот на градоначалници, и еден глас повеќе значи победа.
– Да, така е, во вториот круг. Мислам дека граѓаните тоа и го докажале. Ако излезете со кандидати коишто нешто значат и тежат во локалната заедница, во смисла на нивна компетенција, на нивен интегритет, работливост и ако излезете со програма што ги отсликува и одговара на приоритетите и потребите на граѓаните, тогаш граѓаните тоа знаат да го ценат кога станува збор за локалните избори. Ќе работиме во тој контекст, да имаме добра програмска и кадровска понуда којашто ќе мобилизира максимален број поддржувачи. Кој ќе биде резултатот, ќе видиме.
Тоа што ќе биде интересно е да видиме прво во Скопје со каква понуда ќе настапите. Потоа, да се види дали и кој од актуелните градоначалници, каде што имате ваши упоришта на локално ниво, ќе добие нова шанса – Крива Паланка, Струмица, го имате Центар… За Скопје до каде стигнавте?
– Градот Скопје е посебна приказна или тема што ќе ја третираме посебно и поинаку, зборувам во програмскиот и кадровскиот настап, поради тоа што Градот Скопје, со градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ, од којашто тие упорно сакаат да се одлепат…
Ама успешно го прават тоа!
– Па, јас не знам зошто тоа го прават успешно кога Данела Арсовска беше нивен кандидат, со нивна поддршка дојде на градоначалничкото место, а опструкциите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот ја блокираа дополнително работата, суетноста помеѓу централната и локалната власт нè доведен нас како скопјани во една ситуација во којашто градот е преполн со смет, јавниот превоз е сè само не достоинствено и хумано место да се најдат граѓаните. Градот е загаден повеќе од било кога во претходните години, јас би рекла затоа што нема контрола на клучните загадувачи. Градот не функционира, градот културно замира, градот нема никаква програма којашто ја нуди за сопствените граѓани … И сега, апсолутно, на оваа приказна и на ова цунами што е предизвикано во изминативе три и пол години од ВМРО-ДПМНЕ за Градот Скопје, СДСМ ќе работи сериозно на програмски решенија коишто ќе го вратат, ќе понудат решенија за да се обезбеди модерен јавен превоз, чист град, град којшто нуди културни и спортски содржини на своите граѓани, но пред сè да се обидеме да го вратиме сјајот на Градот Скопје како град на солидарноста.
Го знаете ли персоналното решение?
– Немаме сè уште ниту за Градот Скопје ниту за другите општини конкретни персонални решенија коишто можам јас да ги извојам. Она што можам да ви го кажам во оваа прилика е дека за сите наши кандидати за градоначалници ќе водиме сериозни истражувања на јавното мислење и анкети коишто ќе ги рангираат и ќе ги ни покажат кои се оние што се најдобрите во средината, ќе ги избереме тие кандидати за градоначалници за коишто ќе успееме да постигнеме највисок консензус меѓу членството и симпатизерите. А апсолутно сме отворени да поканиме и да се одлучиме и за кандидати коишто не доаѓаат од партијата, значи и за некој од независните. Овој процес би требало да заврши до средината на април, така што сметаме дека крајот на април, почетокот на мај би ги имале најголем дел од имињата.
Според вас, исполнете ли се законските услови за отворање процедура за предвремено разрешување на Љупчо Коцевски, државниот јавен обвинител? Тој беше избран пред една година од мнозинството на СДСМ и ДУИ.
– Видете вака, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ прави сериозен упад во независната судска власт, иако сакаат тоа да го подведат под превезот дека се прават реформи. Во делот на постапката за разрешување на државниот обвинител…
Велат дека Обвинителството не е доволно активно и не отвора истраги за случаите во кои има корупција?
– Апсолутно, и СДСМ не е задоволен од работата на државниот јавен обвинител. Јавниот обвинител не постапи по ова што се случи со Артан Груби, јавниот обвинител не постапи по тоа што се случи со назначувањето на Бојан Христовски во Агенцијата за национална безбедност и проблемите со сертификатите и со дипломите, Јавното обвинителство не постапи по еден куп пречекорувања врзани со премините на границата и така натаму, каде што очекувавме дека ќе треба да има реакција.

Има отворени предмети за тие случаи.
– Ама нема, не гледаме некакво ефикасно делување. Сакам да кажам, без разлика дали ние како СДСМ сме задоволни или не од работата на конкретниот јавен обвинител, тоа што ВМРО-ДПМНЕ го прави е упад, а не реформа. Граѓаните имаат недоверба кон целиот правосуден систем. ВМРО-ДПМНЕ со огромно мнозинство во парламентот има токму таква можност да се обиде да ги спроведе реформите коишто ќе ја вратат довербата во судството меѓу граѓаните, а не да прави вакви половични решенија коишто не покажуваат ништо друго, освен нивна интенција дека на тие места треба да дојдат нивни партиски послушници. Кога сме кај постапката за разрешување на јавниот обвинител, таа е многу децидно и темелно опишана во Законот за јавно обвинителство, во којшто апсолутно се кажува дека на предлогот на владата, согласност треба да даде самиот Совет за јавни обвинители. Да видиме дали прво во делот на постапката ќе биде испочитуван законот. Потоа вели, разрешувањето на јавниот обвинител може да се случи доколку тој е член на политичка партија или има направено тешка дисциплинска повреда – која е таа тешка дисциплинска повреда. Така што, видете, во делот на Судскиот совет, исто, вие влегувате во операција да правите интерпелација на членовите на Судскиот совет коишто се избрани од Собранието, во ситуација кога во самата Реформска агенда… Значи, ние за реформите во правосудството имаме препораки од Оценската мисија на Европската Унија. Имаме препораки коишто произлегуваат од скрининг-извештајот за поглавјето 23. Имаме наша нова национална стратегија за реформи во судскиот сектор 2024-2028, ова е се резултат на работењето на владата на СДСМ. Но, последното – Реформската агенда поврзана со Планот за раст, којашто иако во 99% беше изготвена од владата на СДСМ, примерот Мицкоски, владата на ВМРО-ДПМНЕ беше таа којашто ја потпиша и за којашто ние како држава треба да добиеме над 700 милиони евра. Секоја од реформите во таа реформска агенда има етикета, односно има цена, колку чини. Една од реформите предвидена како чекор во Реформската агенда е носење на нов закон за Судскиот совет. Тоа треба да се случи до јуни оваа година. Прашањето е – во препораките на Оценската мисија прецизно стои дека именувањето на членовите на Судскиот совет треба да бидат согласно, треба да се промени начинот којшто се именуваат и тоа треба да се направи со измена на законот. Е сега, ако ние треба да го смениме законот за да го реформираме начинот на којшто се именуваат членовите на Судскиот совет, и ако тоа се одредници од Европската Унија, зошто сега ќе ги менуваме овие членови или Собранието ќе носи интерпелација, а на нивна совест ќе биде дали ќе се повлечат од Судскиот совет, пред да направиме измени на законот. Ајде да го промениме Законот за Судски совет согласно овие препораки, па потоа да влеземе во постапка на промена. Само така, само ако се работи конзистентно, согласно тоа што вели законот и правните акти, ние може да велиме дека работиме за да ја вратиме довербата во правосудството.
Од власта велат дека треба комплементарно да се гледа на сите овие чекори коишто тие ги преземаат. Еве, во делот на интерпелација на членовите на Судскиот совет, не значи по автоматизам и нивно заминување, апел до нивната совест.
– Ама упад е. Тоа е упад во правосудниот систем. Зошто вие сега има потреба како Собрание среде некаков процес, ако правите реформи тоа не се процеси со коишто со ад-хок решение правите дисторзија на процесот. Ако сте се нафатиле да правите реформи во правосудниот систем во конкретниот случај, тоа е нешто што има утврдени чекори, план, стратегија согласно коишто треба да постапувате. Ако вие во таквата стратегија којашто не гледам дека ВМРО-ДПМНЕ ниту ја констатира, ниту па некако ја третира, влегувате со ад-хок упади за измени, тоа нема како поинаку да го кажеме, освен како упад во независноста на судството и замена на сегашните членови со некои коишто ќе бидат партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервјуто стана збор иза надворешно-политички прашања.
„Искрено да ви кажам, апсолутно ми е нејасен премиерот што сака да каже, кој тоа терен тој го запоседнува? Дали е тоа терен што го запоседнува во име на државата? Ако е така, кои се државните ставови во однос на запоседнување на теренот? Што значи тоа се редиме први во редот“, коментира Каранфилова-Пановска за изјавата на Мицкоски по враќањето од САД, во која вели дека ова е ново нормално што ќе го преплави светот и дека ние мора да бидеме дел од првите во тој бран.
СДСМ го поздравува чинот што Мицкоски учествува на различни партиски конференции и настани во Вашингтон во изминативе три месеци, вели Каранфилова-Пановска, но додава дека не е јасно дали се разговарало за одблокирање на евроинтеграциските процеси.
„Кои се резултатите од тие средби? Кој е бенефитот за граѓаните и за државата од тие средби, а во контекст на помошта што најмногу ни треба во моментот од САД, а тоа е за одблокирање на евроинтеграцискиот процес? Дали нешто се разговара на тема САД да ни помогнат во дијалогот со Софија? Тоа што сакам да кажам е дека апсолутно граѓаните и државата треба и мора да добијат информации кои се тие официјални средби коишто премиерот Христијан Мицкоски ги имаше во Вашингтон, што се разговараше на нив, која е таа поддршка и помош што можеме да ја добиеме од САД и апсолутно сè она што оди на линија на поддршка и помош на развојот, напредокот, интеграцијата на Република Северна Македонија, СДСМ нема што друго освен да го поздрави и да го поддржи“, вели заменик-претседателката на СДСМ.
Таа го нагласува стратешкото партнерство со САД и ЕУ и вели дека токму во мандатот на претседателот Доналд Трамп Македонија го потпиша Преспанскиот договор и стана членка на НАТО. Таа смета дека во моментов не треба да се заземаат страни во глобалната политика.
„Република Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. И апсолутно сметаме дека во овој момент, овој деликатен момент за целиот свет не е воопшто паметно да се зазема ниедна страна. Напротив ние мора да работиме на тоа Соединетите Американски Држави и Европската Унија колку може поскоро повторно да ги усогласат или да додржат на идентичните ставови кога станува збор за безбедносната политика во светот и глобално, затоа што само така ќе и помогнеме на нашата држава. Никому не му оди во прилог, нам како држава којашто е мала и лоцирана централно во Балканот, најмалку ни оди во прилог во оваа ситуација да одбираме било каква страна“, изјави заменик-претседателката на СДСМ.
Таа ги отфрла обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ е за промена на прозападниот курс и за дистанцирање од нашите стратешки партнери, а исто така смета дека во моментов нема ниту еден официјален претставник на САД којшто гласно и официјално кажува за промена на политиките на САД во однос на регионот и на Македонија.
Прашана што би се случувало доколку се создаде вакуум во регионот во однос на влијанието кое САД го имаа во Западен Балкан како фактор за стабилност и поддржувач на демократскиот развој, заменик-претседателката на СДСМ одговара дека Република Северна Македонија географски, култролошки, образовно, историски припаѓа на Европа и не смее да скршне од тој курс.
„Европа и европскиот континент е граден на основите на просветителството. ЕУ е градена на темелите и на борбата на антифашизмот, ЕУ е темелена и градена на принципите на демократијата, на човековите права, на слободите, на различност итн. И мислам дека темелите на нашата држава се базираат на овие вредности што ги спомнав претходно. И во тој контекст ќе видиме како геополитички, работите се менуваат од час во час, не знаеме кои ќе бидат новите контури, ако воопшто има нови контури. Но, она што за СДСМ како државотворна партија е важно и она што како вредносен темел на нашата партија е важно, е дека Република Северна Македонија и граѓаните апсолутно се залагаат и нема да отстапат ниту од демократијата ниту од слободите ниту од антифашистичката борба, ниту од почитувањето на различностите и се што тоа подразбира“, одговара Каранфилова-Пановска.