Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во изборната единица 2, ќе биде Владо Мисајловски, политичар со големи прескоци на кариерниот распоредот на неговата партија. Од примерен спортист на неговата општина стигна да биде и министер за транспорт и врски, за потоа да му биде симнат „чинот“. Ќе биде запаметен по тоа што непосредно пред два претходни избори – во 2017 и 2020 година имаше пожари во неговиот дом и фурната на татко му. За едниот од пожарите имаше и обвинување од негова страна дека се работи за подметнат експлозив. Оваа теза никогаш не се докажа
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Иако за Владо Мисајловски од Ѓорче Петров во неговата населба се врзуваат многу приказни, пред сè, за неговата прескакулица од еден во друг спорт (сепак, ништо спектакуларно), па тој така станува локален претставник со доволна биографија. Овој носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 2 е врзан за своето место на живеење. Таа позиција ја имаше и на претходните парламентарни избори, а беше и кандидат на локалните избори во 2017 година, кога убедливо изгуби од противкандидатот од СДСМ.
Мисајловски (39) има завршено на Факултет за општествени науки на Универзитетот на ЈИЕ (попознат како Штуловиот). Пред да стане министер, Мисајловски бил вработен како помлад соработник во Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија, за потоа да ја извршува функцијата министер за транспорт и врски. Ова секако беше крупен скок за почетник во политиката, но неговиот експресен пат до министерска фотелја е објаснив ако се погледа поширокото семејно милје.
Имено, токму кога Владо Мисајловски стана министер во мај 2015 година, неговиот брат Ацо се повлече од сопствеништвото на екстремно вмровскиот портал „Курир“, познат и по донациите од надвор. Дали е тоа некој вид компензација или само маскирање на она што стои во бекстејџот на овој скок во кариерата на Владо?
Нов газда на порталот станува дотогашниот уредник Саше Стојановски. Но тоа е само врвот на ледениот брег. Новиот сопственик, Стојановски во исто време е и сопственик на телевизијата „Канал еден“ од Велес, што ја купил кон крајот на декември 2014 година. Претходно, сопственик на оваа телевизија била фирмата НВСП, чиј газда е Владислав Стајковиќ.
Тоа е крупно, иако затскриено име на подземната држава во земјава. Да потсетиме дека НВСП се спомнуваше и во аудио разговорите на опозициската СДСМ („бомбите на Заев“) каде се договара фирма преку која треба да се „провре“ провизијата од договорот со Израелците за опрема на прислушкување.
Тоа е дил меѓу НВСП и Секјурити Груп Сервисис (СГС). Вторава потоа добива голем број тендери за обезбедување, а за која „бомбите“ обелоденија разговори со кои се тврди дека зад фирмата стои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
НВСП беше формален сопственик и на „Радио Слободна Македонија“ која по појавувањето собра 50 отсто од вкупните пари кои одеа претходно на сите радио станици во зермјава! Всушност, беше форма преку која ќе се плаќаат ликовите како што се Миленко Неделковски, Јанко Илковски, Ивица Боцевски, Тања Каракамишева и други. Има тука уште еден правен субјект кој го држи НВСП а тоа е „Три телевизија ДООЕЛ Куманово.“
Владислав Стајковиќ е сопственик на споменатата НСВП кој е воедно и директор на „Мобико“, фирмата на кумашинот на Сашо Мијалков – Жарко Луковски, инаку генерален директор на Т-Мобиле Македонија (почина во 2019 година). Дали сега се осветлува барем малку амбиентот и заднината на ненадејниот подем на Мисајловски? И фактот дека, освен што беше министер, беше и државен секретар во МНР!? Без ден минат во дипломатијата.
И дека сето тоа нема врска со приказните од скопскиот асфалт дека Кендо, како што го викаат во Ѓорче (или локално Џорче). Те играл фудбал во „Кокта“, па баскет, те бил фајтер…
Едно време бил и советник за меѓународна политика (туф, туф!) во Општина Центар, кога во ек беше антиквизацијата на градот.
Факт е дека онаму каде што зад нето не стоела сенката на Мијалков и другите моќници, односно каде што требало да оди „еден на еден“ како во трката за градоначалник на Ѓорче Петров во 2017 година, му донесе чист пораз од кандидатот на СДСМ.
Не предизвика ветар во неговиот грб ниту кога изби пожар во фурната на татко му на 3 октомври 2017 година. Идентична ситуација имаше пред изборите во јули, 2020-та, кога на 21 јуни таа година одново имаше пожар во споменатата фурна. Владо Мисајловски тогаш изјави дека се работи за подметнат експлозив. Иако тогаш министер за внатрешни беше Чулев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, истрагата не покажа ништо!
На локалните избори во 2021 победи ВМРО-ДПМНЕ, но со друг кандидат, не со Мисајловски. Пожар тогаш немаше!
(Специјално за медиумската платформа на ЦИВИЛ)