Овој лидер на скопското крило на Движењето БЕСА има двајца пратеници во Собранието на РМ а за завршување на последната фаза од усвојување на Договорот од Преспа беше неопходен само – еден глас!
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Голем дел од жителите на Македонија со страв го вклучуваа деновиве телевизорот. Трепереше народот чекајќи ја веста за тоа дали е обезбедено мнозинство од 80 гласови на пратениците за да минат уставните измени кои не водат во НАТО и во ЕУ. На крајот на тој процес се чини дека конците ги држеше еден политичар кој има само двајца пратеници во Собранието – Биљал Касами од БЕСА. Или поточно, тој е шеф на скопското крило на оваа поделена партија, односно Движење, која има и второт крило, тетовското.
Биљал Касами во февруари 2018 годин беше избран за претседател на едното крило на Движењето БЕСА, со поддршка од 455 делегати Конгресот го организираше едното крило на „БЕСА“, додека една недела претходно на конгресот во Тетово на другото крило во партијата за лидер беше избран Африм Гаши (sitel.com.mk/biljal-kasami-reizbran-na-kongresot-na-besa-vo-skopje). Касамиевите пратеници во македонскиот Парламент се Фадил Зендели и Теута Биљали, додека другото крило ја има поддршката на Неџбедин Кахремани, Реџеп Мемеди и Африм Гаши (последниот е претседател на Движењето со тетовска адреса). Расцепот на Движењето се случи во јануари минатата година а губењето на статусот на парламентарна група (мора да се има во неа пет пратеници) се закани во мај исто така лани. Судот за легитимна наследничка на Движењето го прогласи Касами (https://tv21.tv/mk/besa-rizikuva-da-ja-izgubi-parlamenta/) но тоа не влијаеше на фактот дека групата на Гаши е посилна со бројот на пратеници. Сега тоа сега е малку релативно. Треба да се напомене дека Касами беше пратеник, ама заради негово учество во локалните избори, како кандидат за градоначалник на Тетово се одрекна од тој статус и го препушти на друг сопартиец (https://sdk.mk/index.php/makedonija/liderot-na-besa-bilal-kasami-podnese-ostavka-kako-pratenik-oti-se-kandidirashe-za-gradonachalnik-na-tetovo/).
Во средината на минатата недела теориски, заради условувањата на Касами, за потребното мнозинство фалеше само еден глас а како што видовме Касами има два, условно, врзани гласови! Ако не се исполнат барањата на неговата Беса, тогаш двајцата пратеници нема да гласаат за уставните измени. Ова го изјави лидерот на Беса, Билал Касами во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21. Ставовите на овој политичар не треба да зачудуваат, туку се негова политичка константа. Тој стои цврсто зад амбициозната цел за „редефинирање“ на Македонија, базирано на принципите на владеење на правото, демократијата и слободата, вели тој. Касами смета дека Македонија може да функционираат врз основа на консензус, со што ќе се спречи концентрацијата на моќ во рацете на една етничка група. „Само тогаш Албанците ќе ги добијат своите индивидуални и колективни права и тоа е главната цел на партијата“, вели Касами за БИРН. Лидерот на скопското крило на Беса нагласува дека Македонија функционира како моноетничка држава и оти нејзините институции не ја одразуваат мултиетничката реалност во државата. Според Касами, повеќе од 40 отсто од населението се припадници на етничките групи (http://www.balkaninsight.com/mk/article/билал-касами-политичар-против-естаблишментот-10-07-2016).
Условите на Беса во конкретната дебата по промените на Уставот се да не стои „македонско“ за државјанство кај Албанците, да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија (/sitel.com.mk/besa-nema-da-glasa-za-ustavnite-izmeni-dokolku-stoi-makedonsko-kaj-albancite). Касами на крајот на уставната дебата се откажа од своите амандмани со тоа што тие би нашле место во закони кои ќе следат. И – амандманите знаеме дека поминаа.
Биљал Касами е роден на 13 јули 1975 година во Тетово. Завршил економски студии на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2000, а во следните четири години работел во царинската управа на Република Македонија. Неговата кариера може да се нарече дека е типична за политичар – прелетувач. Да појасниме дека тој израз се користи за оние политичари кои често летаат од јато во јато, односно од партија во партија, со цел постојано да имаат добра „трамбулина“ за одржување во врвот на општествена сцена.
Така, во периодот 2004 – 2006 бил државен секретар во Министерството за економија како член на ДУИ, но потоа се вратил во царина, каде останал две години. Касами ја напуштил ДУИ во 2008 и се зачленил во Нова Демократија, која згаснала во 2011 по неуспехот на парламетарните избори, одржани истата година. Истовремено бил асистент на Меѓународниот Балкански универзитет (2009–2011), а во политиката се вратил во 2014 со основање на партијата Беса.
Овој полиитчар е оженет со Ајше Касами и имаат две деца.(www.wikipedia.org/wiki/Биљал_Касами). Тој пријавил имот вреден 308 илјади евра и месечно добива 300 евра од закупнина. Но, ниту Касами нема никаков значаен недвижеn имот на свое име?! Целиот имот е пријавен на име на неговите родители, кои поседуваат земјиште и куќа во Тетово, имаат и возило Мерцедес, но и побарувања. Неговата сопруга поседува само златен накит. А Касами, пријавил и дека некому позајмил пари поради што има побарувања. Пријавените трасакциски сметки на лидерот на БЕСА се празни (https://faktor.mk/koj-kolku-tezi-politikata-i-parite).