„Без наслов“ е именувана последната изложба на македонската уметница Касиопеја Наумоска, што во изминатиот двонеделен период се одржа во Центарот за култура Марко Цепенков во Прилеп, каде прв пат самостојно се претставила и каде многупати досега имала можност да го претстави своето творечко писмо
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Денес сум и многу посигурен зошто ја сакам Каси и нејзината уметност. Има многу “и” за тоа. И-со голема буква. Искреноста во нејзиниот пристап кон уметноста што ја твори. Играта со која владее совршено. Играта на детето во неа, со строгиот Учител над неа. Играта на освоените слободи и заробените страсти во нив. Играта на темното и светлото, на машкиот и женскиот принцип, на рационалното и ирационалното. Интегритетот на сите тие крајности, од кои пресоздава складна композиција. Импулсивноста во играта на линии и форми. Импресивноста со која ја облагородува сопствената експресија и провоцира трајни импресии кај својата публика. Изненадувањата, кога без посебна најава од византиски и шекспировски опскурни амбиенти прегрнати во пурпур, нè пренесува во осветлен раскош од пејзажни амбиенти. Во бои на кои ни небото прегрнато во индиго не им претставува лимит. За Исклучителноста како уметник и ликовен педагог. Како човек, мајка и другариште. За Инспиративноста со која ги дарува сите љубители, не само на ликовната уметност. Бидејќи нејзината уметност и не е само ликовна.
Ова во текстот „Касиопеја. Или уметност испишана со големо И“ и публикуван во каталогот за изложбата „Без наслов“ на уметницата Касиопеја Наумовска во Прилеп, меѓу другото, ќе го напише нејзиниот долгогодишен пријател и проследувач на ликовното творештво д р Васко Шутаров.
Тој во своето писание и со заклучок. Уште што и посакувам? Да дочека многу повеќе спокојни времиња за себе и своите сакани. И посебно добри и спокојни времиња за нејзината прва љубов-сликарството. Да го преоткрива и во годините на зрело доба, она што публиката и го очекува од неа. Она што Оља го нарекуваше, вечност во сегашноста. И да ни го предава нам и на новиве генерации, оној допир од божествениот талент со кој привилегирано токму таа била дарувана. Родениот Уметник. Касиопеја Наумоска.
И, по ваквиот вовед мало прелистување на фактографијата.
Родена 1968 година, Касиопеја Наумоска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Таа зад себе има триесеттина самостојни и повеќе од 120 групни и меѓународни изложби. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и добитничка на повеќе значајни награди и признанија како Остенов уметник на годината во 2015, на два пати највисоките признанија на ДЛУМ за мал формат, награда за сликарство- „Петар Мазев”…и така со ред. За нејзиното творештво поодамна се вели „дека го одликува играта со формите на границата меѓу фигуративното и апстрактното, при што таа создава моќен ликовен израз во кој се испреплетуваат мотивите од секојдневието со оние од нејзината фантазија“. Сепак, она што е најсуштествено кај Наумовска се врутоците од емоции кои бликаат од платната и никого не оставаат рамнодушен. Од таму, нималку не чуди кога вели дека токму во емоцијата се чувствува најкомотно.
По пауза од две години од сликите инспирирани од творештвото на поетесата Долорес Атанасова Лори изложени во галерија Акантус, Касиопеја Наумоска Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ја имаше и својата нова самостојна изложба „Без наслов“. Што е она што се крие зад него? Што сподели овојпат со публиката Наумоска? Какви тоа „тајни врски“ постојат со градот под Маркови кули?
– Прилеп е матицата од каде го влечам моето потекло. Освен тоа, таму ги стекнав првите искуства дружејќи се со уметници од целиот свет, во оганизација на нашиот чичко Бошко. Бошко Бабиќ беше сеемен пријател со големо П во нашето потесно семејство. Воедно, беше првиот организатор на отворени ликовни колонии од ваков карактер на Балканот. Во тоа време, се граделе долгогодишни пријателства, појаки и од семејни врски, што е наследено и од нашите генерации. Во Прилеп ја имав првата самостојна изложба и секогаш се враќам таму, со задовоство, предизвик и сентименталност.
Соработката со Лори никна многу спонтано, се препознаваме со нашите творештва и безрезервно ја прифатив нејзината идеја да се илустрираат неколку нејзини песни од збирката која оваа година беше меѓу номинираните за наградата “Браќа Миладиновци” на Струшките вечери на поезијата. Предизвикот беше дотолку поголем бидејќи сите 8 илустрации, вклучувајќи ја и корицата, беа испечатени во боја, така што двете добивме една убава поетско-сликарска книга.
Како настанаа сликите од актуелниот циклус? Колку требаше да слегуваш длабоко во себе за да потем ги насликаш? Каков е творечкиот процес на Касиопеја Наумоска?
– Не постои пишано правило, едноставно создаваш, порив ли е, потреба ли е, желба ли е? Стоиш спремен пред платното, акумулиран и почнуваш. Каде што се се одвива, тоа е исклучиво лична борба и истражување. Зошто? И тука, немам рационален одговор. Не е воопшто лесно бидејќи ниедно творештво не е хоби. Трошиш енергија која не си ни свесен дека ја имаш за да постигнеш компромис кој никогаш го нема. Мора да се преиспиташ, да пречкрташ многу пати и наново да започнеш. Тоа е и линкот во создавањето, користејќи ги сите можни ликовни елементи и принципи со кои треба да се создаде, раскаже и оформи започнатата творба, а сепак да стоиш зад потписот со кој го прогласуваш платното за готово. Тогаш се предавам на уморот но, со задоволство од постигнатиот резултат, а тоа – најмногу ме исполнува.
Актуелнава поставка како на виделина да го вади сето она што го работеше откако во 2016 во белата Галерија во МКЦ ги изложи „бајковитите приказни“. Свесно си даде малку повеќе простор за акумулација на други, свежи идеи. Колкава пауза и е потребна на уметницата за да реално ги заокружи новите визуелни стории? Што ја „дразни“, „предизвикува“ во последно време? Внатрешниот или насилниот надворешен свет? Можеби времево во кое живуркаме.
– Во 2016 година во галеријата на МКЦ настапив со големи формати, тешки не само за консумација туку и за мене, борба од неколку години, без пауза на тогашниот личен водич -умот, поривот и барањето да се доискажам или обидам да пронајдам еден поинаков ликовен ракопис но, сепак да остане личниот печат.
За среќа 2019 година, во Клуб Ресторанот на МКЦ, си дадов слобода да во една атмосфера, далеку од интимна, се презентирам со 30 тина и повеќе слики во мал формат. Поводот беше прославата на мојот 50-ти роденден, во еден поинаков простор надвор од рамките на галерискиот. Изложбата траеше три месеци, сликите се вклопија во модерниот простор, заживеаа и ги проследија многу актуелни настани за тој период.
Паузата е потребна, но тоа не значи дека во тоа време не размислувам за сликарството. На сила ништо не може да се направи. Најмалку, пак да се создаде творба. Тоа не е нарачка па си седам и – ми текне, е сега ќе се релаксирам и ќе си бојам. Таков пристап никогаш не сум имала. Шкртам секогаш нешто, најчесто мал формат кој ми помага како основна идеја каде би сакала да се упатам.
Имаше ли простор по заокружувањето на „Без наслов“ Наумоска да зачекори еден чекор настрана, да твори…или условите ја натераа да ги едуцира своите ученици, своите деца… Стана ли предизвик сега и овде да се размислува реално за утре, за она што ни го носи секој нареден ден?
– Секој ден е утре. Секојдневните обврски не се бројат, тоа е само баланс или одење по жица, а и како и поинаку? Тука сме сите реално засегнати. Не знам поинаку, секогаш било вака.
Како педагог што е она што денес најчесто им го советуваш на своите ученици, своите потомци… Какви лекции сега ним им требаат?
– Секогаш е предизвик да се работи како ликовен педагог, а со самото тоа да им овозможиш да го разгледаат светот со многу креативност и фантазија.
Тоа не значи дека зборуваме исклучиво за уметност, педагогијата е многу покомплексна, а задоволството го гледам на веќе оформените, да ги наречам “фиданки”, кои кастрејќи ги, свесно или несвесно влијаам врз нивната трансформација во возрасни и здрави личности.
Ќе смени ли ваквиот живот нешто во творештвото, во уметноста што допрва ќе се создава? Во идните средби со публиката. Ќе се пресели ли уметноста во виртуелниот простор или…како и многупати досега ќе ги надживее премрежињата?
– Не ја гледам лично разликата, бидејќи ликовното творештво е секогаш изолирано, виртуелнот простор е неминовен, создаден токму за брз пристап и лесна комуникација, тоа е само алатка плус, која овозможува широка интернационална публика, но уметноста е таа што ќе остане да сведочи.
А, ќе може ли во некое идно време да се живее од уметност?
– Не сум кадра да одговорам на ова прашање, можеби и живеаат, добро ако е така, но овде сеуште не, освен…познатите партиски уметници кои имавме и имаме прилика да ги живееме и гледаме.
Што по завршувањето на „Без наслов“ во Прилеп? Ќе има ли некакви шанси оваа поставка да ја види публиката во земјава? Иако е неумесно да се праша, сепак има ли шанси вашето творештво да излезе од дадениве државни, па и регионални отсечки? Работите ли на тоа или, согласно условите, кренавте раце од таквите планови?
– Веќе сум доволно возрасна, а се надевам и малку искусна, за да одберам каде сакам да кинисам. Не кревам раце, но и не скокам. Прилепската галерија конкурираше за изложбата и така се оствари соработката со која се заокружи еден веќе завршен дел од создавањето. Нешто многу желба и немам да пакувам слики за изложби надвор од државата но, секако ако има прилика – не кажувам категорично „не“.
Летово, сликавте за публиката во Подградец, Албанија. Како поминавте таму, имавте ли можност да остварите некакви контакти со тамошната ликовна сцена, со колегите. Ќе има ли барем можност за наново творечко претставување во оваа соседна земја?
– Соработката со организаторот во Албанија, чие име е Саимир Амети, трае уште од 2012 година. Тој е музиколог, организатор на театарски претстави во и вон Албанија, музички концерти и интернационални ликовни колонии во различни градови низ Албанија. Таму не сум прв пат со перформанс. Бев 2012, 2018 во Фиер, 2020 во Поградец, пријателството и соработката вроди една долгогодишна соработка, контакти, познанства со врвни уметници. На мое задоволство.
И, конечно што е она што си го пожелувате како ликовен творец да ви се случи во иднина? Какви фасцинации и инспирации?
– За цел свет сакам да не го живееме “Artificial Intelligence” од Спилберг. Децата да не ни се претворат во “Дејвид “, носечкиот совршен андроиден лик со уникатна можност за емоции, која е и главната потресувачка порака во филмот, а со тоа и во сегашноста. Тука ја гледам иднината, пораката, емотивноста, тагата и желбата, да не станеме зависни од технологијата, а да ја изгубиме емпатијата кон кревките и сите останати, бидејќи не’ голтаат и мелат сегашниве настани.
За себе сакам нов штафелај, многу енергија и баланс за се’ ова што ни следи и живееме.