Многу малку родители се против вакцина, а многу поголем број се збунети од различните информации што ги добиваат од здравствените професионалци, но и од социјалните мрежи и интернет-форумите. Мојот став е апсолутно „да“ за вакцина, рече во понеделникот директорката на Детската клиника проф. д-р Катерина Ставриќ во Топ Тема на телевизија Телма. Ставриќ нагласи дека зборува од позиција на имунолог кој 20 години работи во струката. Напомена дека проблемот е комплексен и оти е неопходна едукација и на родителите и на докторите.
Мора, потенцираше директорката, да се врати довербата во здравстевниот систем. Според неа, нема сто отсто заштита со вакцините, но тие се цивилизациска придобивка.
– Зошто до пред пет години имавме релативно висок опфат на вакцинација, а сега нивото падна? Ние не бараме виновници. И лекарите и родителите и властите придонесоа за ваквата состојба. Генерално, се изгуби довербата во здравствените работници, родителите многу повеќе им веруваат на интернет-форумите, отколку на здравствените работници, истакна Ставриќ.
И претседателот на Комитетот за имунизација проф.д-р Александра Грозданова смета дека социјалните мрежи имаат големо влијание врз одлуката на родителите дали да ги вакцинираат своите деца. Според д-р Јадранка Бибан, гинеколог-акушер, оној родител што одбива да го вакцинира детето, всушност сака да го заштити. Таа рече дека не е против вакцините, но лекарите мора да прифатат дека е 21 век и оти свеста на луѓето расте и се менува.
– Она што го научив во мојот работен век е дека никогаш кога мене ќе ме праша пациент за совет, не му посочувам законска регулатива. Никогаш не велам, законот вели така. Мене законот не може да ме води. Ние лекарите работиме со живи луѓе. Седнуваме со пациентот, ја анализираме целата негова состојба и донесуваме заклучок најдобар за него, посочи Бибан.
„Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата. Во постојан контакт сме со Министерството за образование, ќе ги усогласиме ставовите. Не е точно дека работиме на тоа дека децата нема да се запишуваат во градинка или во училиште ако не бидат вакцинирани. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни“. Ова го истакна заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој рече дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете, меѓутоа како Министерство за здравство мора да водат сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња
– Колективната безбедност не само на децата, туку општо во државата е многу важна работа. Министерството за здравство во изминатиот период ниту работело, ниту ќе работи во скратување на правата, а посебно на правата на децата, односно правата на децата за кои одлучуваат родителите. Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – рече Чакаровски пред почетокот на одбележувањето 65 години од основањето на ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата Козле. Потенцираше дека огромен број пратеници го поддржуваат овој став дека мора да се води сметка за колективната безбедност односно колективната сигурност на децата. – Тие во последните денови излегоа со изјава дека секаде во земјите каде е намален процентот на имунизација треба да се работи против тие антивакцинални кампањи, додаде Чакаровски.
– Директорот на ЈЗУ Институт по белодробни заболувања кај децата Козле, Ангелчо Андоновски рече дека вакцинацијата е потребен сегмент на едно општество, треба да е услов за упис во училиштата и е ставена во законски рамки.