ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Има и такви, би рекол зли јазици, кои тврдат дека и вработени во Управата за безбедност и контразузнавање со часови, денови, месеци и години слушале и прислушувале секакви телефонски разговори, но дека освен редовната плата не добиле ниту еден денар бонус?!
Никако, несетно, ми се наметна впечатокот дека се што се однесува на Катица Јанева ми доаѓа во темпирани временски термини. Да бидам искрени ни самиот не знам како да го опишам тоа чувство и затоа можеби најлесно ќе бидан разбран ако кажам дека информациите ми доаѓаат „на рати“.
Всушност, некако почна со информациите за подарениот мебел за кој прво беше кажано дека е подарок, па дека подарокот е од „блиски луѓе“ на Јордан ( Орце) Камчев и дека во него биле инсталирани прислушни уреди. Продолжението на „сагата“ на Катица Јанева дојде веќе следниот ден, односно кога таа била изведена на распит пред судија на претходна постапка. Имено, низ судските кулоари се прераскажуваа информации поврзани со плачот и запомагањето на Јанева во кој, наводно, била споменувана и нејзината штотуку почината мајка. По ова беше испорачана уште една „рата Катица“. Во јавноста беше лиферувана уште една вест според која од станот на Јанева, освен мебел, биле подигнати и 50.000 евра. Работата е премногу сериозна за да би била смешна, но само еден ден по упатување на Јанева на издржување на мерката куќен притвор на јавноста ѝ беше соопштено дека притворот се укинува поради тоа што таа е самохрана мајка на нејзинот син, инаку поранешен маркетинг директор во „инсајдерската“ телевизија на сега обвинетиот Боки 13.
Оваа информација продолжува со нова која вели дека за Катица не биле приложени никакви гаранции во пари или во недвижнини, како што тоа било сторено првиот пат, кога Апелација ги отфрли гаранциите и Јанева си остана во „Шутка“. Серијата, односно „ратите“ продолжија со сензационалната информација за енормните исплати на пари што ги земала Јанева, се разбира, откако таа самата ќе ја одредела висината на износот на средства, односно на бонуси за доверливост од преслушани снимки од незаконски снимените телефонски разговори. Во конкретниот случај е утврдено дека Јанева примила 175.000 евра и веројатно дека исплатениот износ треба да биде некаква гаранција дека таа ќе молчи за се она што го слушнала без оглед на тоа дали се работи за снимка – доказ или за нечиј приватен разгвор.
Сега, има и такви, би рекол зли јазици, кои тврдат дека и вработени во Управата за безбедност и контразузнавање со часови, денови, месеци и години слушале и прислушувале секакви телефонски разговори, но дека освен редовната плата не добиле ниту еден денар бонус?!
Но, како и да е Катица Јанева освен што е информација само по себе, таа како да е интересна и како лик за обложување. Ова, „лик“, треба да се земе со резерва дека токму ликот на Катица Јанева кој не се виде во моментите кога таа го напушта затврот „Скопје“, поточно полициското комбе стана предмет на обложување.
Два дена по отпочнување на мерката куќен притвор Јанева беше фотографирана како седи на терасата од станот на нејзиниот син. Иако сум на ставот дека „папараци“ фотката на Јанева не требаше да се случи, сепак со истата јасно се потврдува дека тоа е таа, а не некој(а) друга.
Објавата на фотогтрафијата се уште не е никаков доказ за поединци кои тврдеа дека не се крие Јанева зад качулката, дека жената што ја видоа сите е „малку послаба“, дека најверојатно се работи за некоја актерка и уште ред други слични „логични заклучоци“.
Мене, лично, не ми е спорно дека Катица Јанева е Катица Јанева и дека таа е во куќен притвор во домот на нејзиниот син, но ми се допаѓа кога ќе слушнам дека и Катица побегнала. Некако ме тера на смеа….Што знам? Еве го 3 декември и почетокот на судењето за предметот „Рекет“.