Егзистенцијалните проблеми, кариерата, иселувањето… сѐ повеќе го одлагаат мајчинството, а ин витро и другите репродуктивни техники овозможуваат жените да се реализираат како мајки и по половина век живот
Највозрасната родилка во Македонија имала 56 години и се породила во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Неодамна, еден ден пред големиот празник Василица, по долгогодишната битка со неплодноста, 52-годишна мајка роди женско бебе во болницата „Плодност“ во Битола, каде што и претходно имале случаи да се породат пациентки на оваа возраст, а наскоро очекуваат принова да добие и 53-годишна трудница. Очигледно возрасната граница за мајчинство се поместува, доаѓајќи дури до граници кои не биле сфатливи во минатото. За успешноста придонесуваат и ин витро – ИВФ постапки и примената на сите техники на репродуктивна хирургија.
– Македонија го следи примерот на европските земји и САД, така што секоја година процентот на повозрасни мајки се зголемува. Но, за среќа, сѐ уште сме под светските статистики, иако постои тренд на зголемување на просечната возраст на прворотките. Изминатата година околу 36% од родилките беа на возраст над 35 години, што претставува речиси третина – вели тимот од експерти од „Плодност“ со кои разговаравме: прим. д-р Таше Трпчевски, специјалист гинеколог-акушер, супспецијалист по инфертилитет-стерилитет, м-р сци. мед. Стефан Матиќ, клинички ембриолог и андролог, и Николче Огненовски, инженер по биологија, клинички ембриолог и андролог.
Причината за трендот на повозрасни мајки е подоцното стапување во брак, одлуката на жените да се посветат на кариерата и образованието и да бидат лидери на работното место, финансиската ситуација, миграцијата, недоволната едукација за влијанието на напреднатата возраст на мајката врз репродукцијата и друго.
Оптимална физиолошка возраст за забременување е од 20-тите до раните 30-ти години
Според специјалистите од „Плодност“, оптимална физиолошка возраст за бременост е онаа од 20-тите до раните 30-ти години бидејќи покрај опаѓањето на можноста за забременување по оваа возраст, значително се зголемуваат и компликациите и ризиците за мајката и за бебето. Жена на возраст од 20 до 30 години има 25-30% шанса да забремени во даден месец, додека веќе на 40 години овој процент изнесува 5% и драстично продолжува да опаѓа по 40-тата година.
М-р д-р Александар Бојаџиев, специјалист по гинекологија, акушерство и асистирана репродукција од „Аџибадем Систина“, вели дека и кај нив сѐ почести се пациентките што доаѓаат на поодминати години и сакаат да се остварат како мајки. Тој посочува дека во Македонија во 1980 година просечната возраст кога мајките го родиле првото бебе била 22,9 години, во 2019 – 27 години. За споредба, во Италија во 1980 година во просек мајките го добивале првото бебе на 25 години, а во 2019 просекот бил 31,3 година. Зачнувањето и на поодминати години може да биде по природен пат, но како што се зголемува возраста на партнерите, се зголемуваат и потенцијалните проблеми и потребата од методите на асистираната репродукција, вклучувајќи го и ин витро оплодувањето.
Спонтан абортус, хромозомско нарушување – ризици кај поодминатите бремености
– Повозрасните родилки имаат зголемен ризик за спонтан абортус. Ризикот за спонтаниот абортус се зголемува со возраста на жената. На 35-годишна возраст ризикот е околу 20%, на 40-годишна возраст околу 40%,, а на возраст од 45 години тој е 80%! Еден од ризиците кај повозрасните трудници е послабиот квалитет на јајце-клетките во јајчниците, односно зголемената појава на хромозомски абнормалности што нормално настапува со стареењето на жената. Тоа објаснува и зошто постарите мајки имаат зголемен ризик да имаат бебе што ќе има некоја хромозомска аномалија. Ризикот да имаат дете со Даунов синдром се зголемува како што стареат. На 20-годишна возраст 1 од 1.480 деца ќе се роди со оваа состојба. Но, на 40-годишна возраст овој ризик се зголемува до 1 на 85 – вели Бојаџиев.
Повозрасните родилки, покрај зголемениот ризик за спонтан абортус, имаат и зголемен ризик за појава на гестациски дијабетес (кој првпат се појавува за време на бременост) и гестациска хипертензија (висок крвен притисок). Подоцнежната бременост може да влијае и врз големината на бебето. Ако забремените на 40 години, ќе имате поголем ризик за бебе со поголема родилна тежина.
Ин витрото е поуспешно со замрзнати јајце-клетки од пациентки на помлада возраст
Доколку не дојде до спонтано забременување, според лекарите од „Плодност“, во нивниот Центар за асистирана репродукција се изведуваат сите ИВФ-постапки и се применуваат сите техники на репродуктивна хирургија. Лекувањето може да се изведува конзервативно (со примена на терапија), оперативно (применуваат минимално инвазивна репродуктивна хирургија), како и со примена на ин витро оплодување.
– Според успешноста на ИВФ-постапките, предничиме на национално и на регионално ниво во последните 10-ина година, со процент на успешност од 53,76%. Секако дека со зголемување на возраста и процентот на успешност се намалува. Но, кога зборуваме за успешност на ИВФ-постапките во поодмината возраст, мора да наведеме дека успешноста и на таа возраст останува прилично висока доколку се користат јајце-клетки кои самата пациентка ги замрзнала на помлада возраст (т.н. социјално замрзнување или зачувување на плодноста, кога жените кои сакаат да го одложат мајчинството замрзнуваат свои јајце-клетки на помлада возраст и ги користат за ИВФ-постапки во подоцнежните години) или со користење донирани јајце-клетки од млади донаторки – вели докторите Трпчевски, Матиќ и Огненовски од „Плодност“.
Тие додаваат дека процентот на ИВФ-пациентки на поодмината возраст кои успешно се породуваат во голема мера зависи од самата возраст, бидејќи успешноста на е иста кај пациентка која има 40 години и друга на 50 години. Исто така, зависи и од примарната дијагноза, покрај возраста, поради која парот се упатил на ИВФ, состојбата на матката, како и дали се работи за ИВФ со сопствени или со донирани јајце-клетки. Генерално, кога се работи со сопствени јајце-клетки, процентот на генетски абнормални ембриони на возраст под 36 години е околу 60%, додека на возраст од 44 до 46 години околу 95%. Кога се работи со донирани јајце-клетки или ембриони, процентот е одреден од возраста на донаторката.
Сепак, новите методи и техники им овозможија на многу луѓе да ја доживеат радоста да станат родители. Или како што рекол Винстон Черчил: „Нема подобри инвестиции за едно општество од бебињата“.
(fakulteti.mk)