Ако ја погледнете страницата на некој медиум на Македонците во Австралија нема да видите многу вести за пожарите во таа земја. Уште помалку ќе добиете реална слика за собитијата во земјава. Медиумите таму а под влијание на некои партии од тука, само ја поттикнуваат омразата и социјалната исклученост на тој народ таму
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Во текот на утринската програма на телевизијата Н1 на Божиќ од сараевското студиo пренесе вест за четири возачи со камион од Австралија кои се вклучиле во помош во битката со огнената стихија. Се работи за четворица граѓани по потекло од Босна кои имаат своја превозничка компанија и кои возеле тури долги 1.300 километри за да пренесуваат вода до пожарникарите и граѓаните во загрозените подрачја. Денес е тешко да се најде квалитетна вода, па возеле најпрвин 400 километри до местото каде таа може таа да се купи во поголеми количества. Тие се истакнуваат како примери за совесен и пожртвуван однос кон својата околина, кон земјата во која дошле да живеат.
Не слушнавме за такви примери од нашите иселеници во Австралија. Но затоа некои од пораките кои ги добиваме деновиве од далечниот континент што е во неволја, каде заради временската разлика празниците дојдоа порано, ниту малку не се новогодишни а уште помалку божиќни. Целосно вклопени во воинствената логика која ја најави првиот човек на ВМРО ДПМНЕ деновиве, особено по формирањето на привремената влада, „честитките“ од Австралија се исполнети со омраза, исклучивост и отсуство на чувство за моментот кога тие „честитари“ посегнуваат по лап топот. И повторно пораките немаат респект кон сознанието дека нивото на информираност за земјата од каде што потекнуваат е секогаш редуцирана, па се можни и грешки во проценката.
Во моменти кога Австралија се свива под налетите на големите пожари и кога просто нема излез за живиот свет освен со скок во морето полно со ајкули, опседнатоста на тие сонародници со она „името ни го предадоа“ или со најновата фора „божиќната трпеза е празна, на масата стои само вазна“ е само доказ за нивната социјална инклузивност. Тие се целосно исклучени (или самоисклучени) од околината во која живеат, работат и белким треба да имаат некаков социјален живот. Разбирлива е јазичната бариера, која е честа и наистина предолго трае, ама имаме ли некаков поттик во таа насока што доаѓа од земјава и кој постојано се ободува да ги третира нашите сонародници како билки кои имаат корен, амо искјлучиво со лажните митови и застарените модели на битствување. На сајтот на Фаланга може да се најде дека во поплавите што порано ја зафатија Австралија нашата дијаспора собрала 90 илјади локални долари! Во врска со пожарите има белешка за едно семејство од Битола кое собира продукти за помош на опожарените а 99 отсто од другите информации се однесуваат на Македонија, на политичките збиднувања тука. За обоеноста на тие вести и изборот на личностите да не говориме…
Со такво бомбардирање на информации и со непостоење на социјална инклузија кај македонските „Ози“, резултатот е јасен. Нели, инклузивно општество се базира на заедничко почитување и солидарност. Социјалната инклузија е чувство да сте дел од заедницата, со заеднички идентитет и споделени вредности. Обично, оваа дефиниција се врзува за сиромаштијата ама иселениците таму, особено оние што живеат без прекин со децении во Сиднеј, Мелбурн, Перт или Бризбејн тука се фалат дека се имотни. Но, кога ќе се опуштат во разговорот лесно може да се чувствува дека тие, иселениците, живеат во опскурен свет, дека не припаѓаат никаде надвор од групата соседи Македонци по род, без разлика на тоа какво образование имале или колку финансиски се моќни. Социјалната исклученост не влијае само на лица кои се финансиски немоќни. Од прилика 1 од секој 3 лица во Европа и Централна Азија се социјално исклучени во средината каде што живеат. Ова што се случува во Австралија е само доказ дека фоклорниот пристап кон иселеништвото кај „најнародната партија“ е само опасно калкулантство, бидејќи, освен што добива некакви тропалки на седмиот континент, оваа партија на еден индиректен начин ја блокира инклузивноста на Македонците таму, која мора да има одраз во остварувањето на нивните права од било каков вид, во социјалата, здравството и вработувањето, секако. Меѓу другото и со светогледот кој им се нуди, со облеката на „фалангата“ која им тежи и ги оддалечува од нивните вистински перспективи.
Колку за поповие од МПЦ во Австралија треба да им се порача, дека првата лекција за посетителите на црквите е да нема лоша мисла, каква да е и кон кого и да се упатува таа за Божиќ.