Според Кит Келог, Киев никогаш не би се согласил еднострано да и отстапи четири свои региони на Русија. Сепак, американскиот претставник смета дека Украина може да се подели на сојузнички области

ЕКАТЕРИНА ВЕНКИНА
Украина никогаш нема да се согласи еднострано да и отстапи целосна сопственост на четири региони – Керсон, Запорожје, Луганск и Доњецк – на Русија. Ова на американскиот претседател Доналд Трамп му го кажал неговиот специјален претставник за Украина и Русија, Кит Келог.
Така, Келог, кој, според Политико, де факто е отстранет од преговорите за мирно решавање на конфликтот, се спротивставил на позицијата на специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стивен Виткоф. Тој вчера беше во Санкт Петербург каде се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Келог очигледно предлага поделба на сојузнички зон. Според Виткоф, најбрзиот начин да се постигне прекин на огнот во Украина е да се одржи стратегијата со која Русија би добила сопственост на четири украински региони, објави Ројтерс. На неговиот состанок со Трамп, Келог му возврати на Виткоф велејќи дека иако Украина е подготвена да преговара за некои услови поврзани со голем број територии, таа никогаш нема да се согласи да ја предаде контролата на четирите региони на Москва.
Според Келог, сепак, Украина би можела да се подели „речиси како Берлин по Втората светска војна“ на сојузнички зони – како дел од мировниот договор, рече тој во интервју за весникот „Тајмс“. Келог сугерираше дека британските и француските војници би можеле да ги преземат областите под нивна контрола во западниот дел на земјата како „мировни сили“, со украински сили и демилитаризирана зона меѓу нив.
Ројтерс објави дека средбата меѓу Трамп и Келог завршила без претседателот да донесе одлука за промена на американската стратегија. Главна тема на разговорот на рускиот претседател Владимир Путин и специјалниот пратеник на американскиот претседател Виткоф беа „аспектите на решавање на проблемот со Украина“, соопшти Кремљ.
Претходно, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека следната посета на Виткоф на Русија „не треба да се нарекува судбоносна“ и дека не треба да се очекува пробив на средбата меѓу Виткоф и Путин. Според новинската агенција Интерфакс, Песков не ја исклучи можноста за нов телефонски разговор меѓу Путин и Трамп по средбата во Санкт Петербург.

Американскиот претседател, од своја страна, на социјалната мрежа Truth Social го напиша следново: „Русија треба да продолжи во преговорите за Украина. Премногу луѓе умираат, илјадници секоја недела, во страшна и бесмислена војна – војна која не требаше да се случи и немаше да се случи ако јас бев претседател!!!“.
АРД потсетува дека ова е веќе трета посета на Виткоф на Русија – по неговите посети во февруари и март, кога разговараше и со Путин. По овие разговори, Виткоф го опиша рускиот претседател како „голем лидер“ и „не лоша личност“. Тековната посета се случи ден по размената на затвореници меѓу САД и Русија.
По состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина што се одржа во Брисел во седиштето на НАТО, стана познато дека Киев ќе добие воена помош во износ од 21 милијарда евра. Коментирајќи ја одлуката, германскиот министер за одбрана Борис Писториус рече дека е „импресиониран и благодарен за изјавите и ветувањата, за поддршката од партнерите ширум светот. Ова ќе има влијание на бојното поле оваа година“, ја изрази својата увереност Писториус. Само Германија ќе одвои над 11 милијарди евра за оваа намена до 2029 година.
(авторката е соработник на дузина угледни весници во четири земји од Западна Европа)