Скопскиот универзитет Св.Кирил и Методиј, охридскиот универзитет Св.Апостол Павле и штипскиот универзитет Гоце Делчев се трите високообразовни установи од земјава кои имале најголема соработка со кинески универзитети и институции во изминатиов период
Кинеското влијание врз македонското високо образование е сконцентрирано првенствено на неколку државни универзитети во Македонија, и тоа преку континуирана соработка низ годините што резултирала со размена на студенти и универзитетски кадар и со потпишување на договори и меморандуми за соработка.
Во соработката предничат три универзитети и тоа најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Свети Апостол Павле“.
Една од формите на влијание на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија е токму во делот на македонското високо образование. Соработката со Кина на дел од македонските универзитети низ годините се зацврстува, а достапните информации покажуваат дека бројот на заминати студенти во Кина од земјава расте, заедно со бројот на студенти кои го изучуваат кинескиот јазик преку Институтот Конфуциј во Скопје.
ДОМАШНО ИСТРАЖУВАЊЕ Во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“ на авторката Ана Крстиновска, кое во издание на ЕСТИМА и Фондацијата „Конрад Аденауер“ беше објавено на крајот од минатата година, се наведува дека веројатно најважната и долгорочна стратегија за зацврстување на кинеската мека моќ во Северна Македонија е отворањето на Институтот „Конфуциј“ во Скопје, на најстариот и најреномиран јавен Универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ во 2013 година.
Исто така, истражувањето на ЕСТИМА покажува дека Кина повеќе од 20 години обезбедува стипендии за македонските студенти.
„Првично почнувајќи од 1-2, во моментов бројот на стипендии достигнува приближно 10 годишно и, според зборовите на претставник од Министерството за образование, тие секогаш се искористуваат. Стипендиите се обезбедуваат во соработка помеѓу македонското Министерство за образование и наука и кинеското Министерство за образование, поточно Кинескиот совет за стипендии. Повремено, кинеското Министерство за трговија или Институтот Конфуциј даваат дополнителни можности за студирање или патување во Кина“, се наведува во истражувањето на ЕСТИМА.
И кратката анализа на Авери Едвардс на тема „Кинеското неделовно влијание на Балканот“, во делот на Северна Македонија се наведува постоењето на Институтот „Конфуциј“ во Скопје. Во оваа анализа се посочува дека кинеското влијание на Балканот расте со текот на времето, особено кај институциите на културата, образованието, политиката и новинарството, кои се насочени кон настојувањето земјите од Балканот да постанат зависни од Кина.
Во насока на осознавање на дополнителни податоци во делот на кинеското влијание врз македонското високо образование, Мета.мк на 11 април испрати барања за добивање информации од јавен карактер по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до 21 македонски државен и приватен универзитет, како и до Министерството за образование и наука.
До истекувањето на законскиот утврдениот рок за доставување на бараните податоци од институциите, Мета.мк доби одговори од вкупно 17 приватни и државни универзитети во земјава, додека четири од високообразовните институции не одговорија на нашето барање (Високата стручна школа Факултет за бизнис економија-Скопје, Европскиот универзитет-Скопје, МИТ Универзитетот-Скопје и Факултетот за исламски науки-Скопје).
ИНСТИТУТОТ „КОНФУЦИЈј“ ОТВОРЕН ЕДИНСТВЕНО ЗА УКИМ
Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека соработката во областа на науката и технологијата е заснована врз потпишаната Спогодба за научна и техничка соработка помеѓу македонската и кинеската влада на 7 март 1995 година.
Со оваа спогодба се овозможува спроведување на активности за научно-истражувачки проекти меѓу двете земји, но и можност за склучување меморандуми за соработка директно меѓу македонски универзитети и сродни институции од Кина.
„На конкурсот за научно-технолошка проектна соработка во 2020/2021 се пријавија 38 проекти а Комисијата за Заедничка комисија за научна и технолошка соработка меѓу РС Македонија и НР Кина одлучи да финансира 20 заеднички македонско-кинески проекти“, информираат од МОН.
За склучените меморандуми, договори и други документи за соработка, повеќе податоци добивме од самите универзитети. Од доставените информации може да се заклучи дека државните универзитети од земјава предничат во соработката со Кина во изминативе години. Како што е наведено и во истражувањата на Ана Крстиновска и Авери Едвардс, Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) од Скопје е единствената високообразовна установа, која во нејзини рамки го има востановено Институтот „Конфуциј“.
Од УКИМ за Мета.мк информираат дека на Институтот Конфуциј во летниот период во периодот од 2015 до 2019 година имале по 10-15 слушатели на возраст над 18 години од курсевите по кинески јазик, кои учествувале на двонеделниот летен камп во Ченгду, кој е организиран од страна на нивниот партнер-Југозападниот универзитет за финансии и економија.
„На летниот камп курсистите имаа можност да посетуваат часови по кинески јазик, предавања за кинеската историја, култура, уметности, културно-историски знаменитости, како и одблиску да се запознаат со современата кинеска култура и општество“, се наведува во одговорот од УКИМ.
Од УКИМ додаваат дека на крајот од секоја академска година, се одржува националниот квалификациски натпревар за Меѓународниот натпревар по кинески јазик „Кинески мост“. Победникот во категоријата студенти има можност да ја претставува нашата земја и универзитет на меѓународно финале што се одржува во Кина.
За периодот од 2015 до 2019 година, победникот во категоријата студенти учествувал на меѓународниот натпревар. Една од наградите која се доделува на учесниците на финалето е едносеместрална стипендија која студентот има можност да ја искористи на било кој кинески универзитет.
(vistinomer.mk – опремата е на Глобус)
(продолжува)