Комунистичкото раководство на Кина го слави крајот на Втората светска војна во Азија, искривувајќи ја историјата. Победата над Јапонија треба да послужи како аргумент за тврдењата на Пекинг дека е водечка сила во светот.

ЈЕРГ АНДЕРС
„Ова е последна шанса за трупите на јапонскиот цар да го кренат белото знаме. Предадете се!“, извикува статист преправен како војник од кинеските комунистички единици. И бидејќи нема реакција, војниците напаѓаат, постигнувајќи победа над Јапонија. Сцените, придружени со лажен чад од барут, ги гледаат стотици луѓе во цивилна облека, вооружени претежно со мобилни телефони и чадори за заштита од сонцето – ова е уште една постановка со која овие денови во Кина потсетуваат на крајот на Втората светска војна, пренесува АРД.
РЕКОНСТРУКЦИИ ВО ЧЕСТ НА КОМУНИСТИЧЛКАТА ПАРТИЈА Германските медиуми објаснуваат дека целта на претставите на отворено не е само да нè потсетат на историските настани и злосторствата извршени од јапонските единици на кинеска почва – сето ова е поврзано и со сегашната политика на кинеското раководство.
Факт е дека Кина страдаше многу подолго од Втората светска војна отколку Европа, потсетува АРД. Голем дел од земјата е во урнатини, најмалку 13 милиони луѓе загинаа. Во 1937 година, Јапонија започна голема офанзива во Кина – речиси две години пред нападот на нацистичка Германија врз Полска. А дури и пред тоа, Јапонија ја окупираше Манџурија во североисточна Кина.
Тешко вооружената јапонска армија ја нападна Кина додека таму беснееше граѓанска војна – помеѓу Чанг Кај-шек и неговата Националистичка партија, Куоминтангот, и неговиот архиривал, Мао, кој ги предводеше комунистите. Двете страни, по потреба, се обединија против јапонските трупи, но не го завршија својот спор.
КОМУНИСТИТЕ ОДИГРАА СПОРЕДНА УЛОГА Германските јавни медиуми забележаа дека Куоминтангот го понесе најголемиот дел од војната против Јапонија. А трупите на Мао водеа повеќе герилски битки зад јапонските линии. Според проценките, загубите на Куоминтангот на крајот беа осум пати поголеми од загубите на комунистите.
Сепак, во сегашните реконструкции, токму трупите на Мао ја победуваат Јапонија. „Да живее Комунистичката партија!“ скандираат непрофесионалните изведувачи, а публиката се придружува. 60-годишна селанка мавтајќи со антички пиштол вели: „Многу сме благодарни на Комунистичката партија што ги истера Јапонците. Да живеев во тоа време, и јас ќе се приклучев во борбите.“ Млад човек кој носи играчка пиштол извикува: „Одлично е да се натера јапонскиот ѓавол да избега.“ Како што истакнува британската историчарка Рана Митер за ARD, комунистичките напади во тоа време одиграле важна улога, но не биле одлучувачки за победата над Јапонија. Главните битки ги воделе националистите. Сепак, во Централниот воен музеј во Пекинг, работите се претставени на сосема поинаков начин, опишува ARD – насекаде има фотографии од Мао, од различни моменти од војната.
ОБИД ЗА СОВЛАДУВАЊЕ НА НАЦИОНАЛИСТИЧКОТО НАСЛЕССТВО На улогата на Куоминтангот во овој музеј ѝ е даден многу малку простор. Историчарот Митер го гледа ова како обид на Комунистичката партија да го „преземе“ наследството на Куоминтангот. По завршувањето на Втората светска војна, Кина беше меѓу основачите на Обединетите нации, но потоа беше под водство на Чанг Кај-шек, пред да биде протеран од комунистите во Тајван.
Сегашното раководство на Народната Република ги оправдува своите претензии за посилна геополитичка улога токму со статусот на Кина како победничка земја во Втората светска војна. Дури се тврди дека Кина е чувар на меѓународниот поредок. Според официјалниот наратив, лекцијата од Втората светска војна беше дека е потребна силна комунистичка Кина со силна армија.

ГЕОПОЛИТИКАТА ВЛИЈАЕ НА ИСТОРИЈАТА Комунистичкото раководство на Народна Република постојано нагласува дека Кина е мирољубива земја. Но, многу земји околу Јужното Кинеско Море се исполнети со загриженост за вооружувањето на Кина и нејзините територијални претензии. Исто така, факт е дека постои закана Кина да воведе насилна контрола врз демократски управуваниот остров Тајван.
Геополитичката ситуација е одразена и во воениот музеј – има само една мала фотографија од одлучувачкиот настан што доведе до поразот на Јапонија: атомските бомбардирања на САД. Од друга страна, се нагласува улогата на советската поддршка против Јапонија во раните години од војната – очигледно како знак на блиските односи меѓу Кина и Русија, кои се колнат во нивното блиско партнерство, кое Кина не го напушта и покрај руската војна против Украина.
КОМЕМОРАЦИЈА СО УЧЕСТВО НА АВТОКРАТИ Ова е очигледно и од фактот дека шефот на Кремљ, Владимир Путин, ќе учествува на големата воена парада на 3 септември во Пекинг заедно со севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун и други гости. Парадата, со учество на илјадници војници со најново оружје, ќе биде по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна. На овој начин, комунистичкото раководство на Кина сака да ја нагласи својата моќ, пишува ARD. Земјата има најголема армија и најголема морнарица во светот.
Сепак, наративот за историското пријателство со Москва за време на Втората светска војна има и пукнатини. Како што истакнува историчарот Митер: „Меѓу сите сојузници, токму Советскиот Сојуз остана неутрален кон Јапонија поголемиот дел од времето – до август 1945 година, непосредно пред крајот на војната“.
Комунистичка Кина се смета за прва линија на историската војна против фашизмот, истакнува германскиот јавен медиум. Сепак, на парадата во Пекинг ќе присуствуваат главно претставници на авторитарни држави.
(ард)