Документот на кој работел и истражувачот Зоран Нечев заклучува дека нема ништо спорно во фактот што македонската влада одлучила да се задолжи кај кинеска банка, особено што нејзините каматни стапки биле најниски. Но, предупредува дека кинеската пракса да се даваат кредити со клаузула изведувачи да бидат „препорачани“ компании ја доведува земјата во судир со ЕУ
ХЕКУРАН АКИФИ
До минатото лето, на излез од Скопје, после патарината кај Миладиновци, возачите имаа два избора – да продолжат лево кон Куманово или да свртат десно кон Велес. Сега има и трета автопатска опција – Штип. Автопатот, кој е долг 47 километри, чинеше 309 милиони долари, од кои најголемиот дел или 274 милиони беа позајмица од Кина. Меѓу другото, 1м3 тампон на него чини 2 201 денар, секој сантиметар долен асфалтен слој чинел 106 денари, а горниот 184 денари. Градеше кинеската градежна фирма „Синохидро“, откако земјава се задолжи кај кинеската Ексим банка. Фирмата не беше избрана на тендер, туку преку директни приговори на тогашната влада на Груевски.
Пред да заврши автопатот за Штип, има друга клучка – таа води кон експресниот пат за Кочани. Делницата кон Кочани се гради во моментов и токму кинеската компанија „Синохидро“ е еден од изведувачите. Но, за овој патен правец за кој имало тендер, а не директни преговори, 1м3 тампон чини 572 денари или четирипати поевтино од тој за автопатот до Штип, сантиметар долен асфалтен слој чини 54 денари, или двојно помалку од автопатот, а горниот асфалт чини 70 денари, два и пол пати поевтино од автопатот.
Овие фрапантни податоци за вистинската цена на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, изградени со кинески кредити и со кинески услови за договарање, не се нови, но се подзаборавени. Сега на виделина повторно ги извади Институтот за демократија, во неговата анализа наречена „Истуркани во ќор-сокак: Заблудата за кинескиот корозивен капитал за изградба на автопатите во Северна Македонија“.
Документот на кој работел и истражувачот Зоран Нечев заклучува дека нема ништо спорно во фактот што македонската влада одлучила да се задолжи кај кинеска банка, особено што нејзините каматни стапки биле најниски. Но, предупредува дека кинеската пракса да се даваат кредити со клаузула изведувачи да бидат „препорачани“ компании ја доведува земјата во судир со ЕУ.
„Начинот на кој се договарани овие кредити е преку директно земање кредит и врзување на тој кредит со фирми што можат да го имплементираат, односно да ги градат двата автопата за кои се земени кредитите. Значи, тука недостасува комплетна транспарентност во процесот, бидејќи договарањето на фирмите одело како преку кинеската влада со директен амин на локалната кинеската амбасада во државата, што е всушност спротивно на сите оние вредности и процедури за кои се залагаме и за што сега со почетокот на преговори со ЕУ ќе излезат како проблематични и немањето никаква транспарентност во процесот, што на крај ќе видиме и според бројките ќе доведе до многу грешки во самата изведба. Самата градба на крај резултира со огромна сума пари која државјаните на РСМ мора да ги платат за тие автопатишта да бидат комплетирани“,
Поради нетранспарентната постапка, многубројните недостатоци во постапката и клаузулите во договорот, прв што страда е буџетот.
Делница | Почетна цена | Цена со анекси | Доцнење |
Миладиновци-Штип | 309 мил. УСД | 309 мил. УСД | 663 дена |
Кичево-Охрид | 561 мил. УСД | 772 мил. УСД | 1 249 дена |
Во случајот на Миладиновци-Штип, патот е барем изграден и немаше дополнителни трошоци, но доцнеше речиси две години. Кичево-Охрид првично требаше да чини 561 милион долари, но со анексите неговата цена стигна до 772 милиона долари. Прашање е и дали тоа ќе биде доволно бидејќи сè уште се гради, а ако се оствари новиот рок, ќе доцни три и пол години.
Делница | Првична проценка | |
Миладиновци-Штип | 309 мил. УСД | 309 мил. УСД |
Кичево-Охрид | 561 мил. УСД | 772 мил. УСД |
Камата | 155 мил. УСД | |
Вкупно | 870 мил. УСД | 1,23 милијарда УСД |
Ако се земат предвид и каматите, она што првично требаше да чини 870 милиони долари и да биде во употреба, стигна до 1,23 милијарда УСД и сè уште не готово.
„Треба да се земе предвид дека грејс-периодот за овој кредит бил 5 години, што значи дека првата рата е веќе стигната, имајќи предвид кога е потпишан договорот. Идејата била автопатишта во меѓувреме да бидат завршени, комплетирани, и преку патарини и друг вид земање средства да можат да се исплаќаат самите автопатишта, но како што знаеме, автопатиштата сè уште не се изградени, а веќе првата рата од 22 милиони е веќе е стигната за наплата“, рече Нечев.
Македонија, според истражувањето, беше во позиција да позајмува од Кина за автопати поради интересот на Пекинг да инвестира во државите што произлегоа од падот на социјализмот. Тоа го стори прва на Балканот, откако Кина понуди кредити во т.н. проект „Појас и пат“.
„Па, мислам дека тоа е општа стратегија на Кина, која почна со проектот ‘Појас и пат’. Целта е првенствено да диверзифицира вложувањето со парите кои Кина ги има во резерва, да се вложи во одредени проекти. Секако, истите пари да се вратат преку враќање на долгот и каматите кои секако ќе дојдат и тука е вработување на кинеската ефектива на имплементацијата на проектите за кои се дадени кредити“,
вели Новаковиќ.
Но, како што додава Новаковиќ, преку економската, Кина се обидува да ја зајакне и дипломатската соработка со земјите од регионот. Таа сè уште не се наметнува како опција наспроти ЕУ, барем не во моментов.
„Кина, секако, своите кредити ги пласира заедно со дипломатска иницијатива, ќе ве потсетам, пред некои 6-7 години е воспоставен Форум 16+1, сега 17+1, каде што се собрани 17 земји од Источна и од Средна Европа, заедно со Кина, и каде што се зацврстуваат дипломатските односи и блискоста меѓу Кина и овие земји. Меѓутоа, тоа е далеку од она што Западниот Балкан го има со другите партнери во овој момент“, рече Новаковиќ.
За начинот на кој тогашната влада ги „договори“ кредитите за автопатите, во судот сè уште се води предмет под името „Траекторија“. Дека се невини се бранат поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, ексвицепремиерот Владо Пешевски и ексдиректорот на ЈП за државни патишта, Љубчо Георгиевски. За првоосмничениот, Никола Груевски, делото застари, па неговата улога ќе се памети само по прислушуваните разговори, во кои наводно се договара провизијата.
Н Г. – Ти како процент збориш таму или како бројка точна?
М.Ј. – Па тие го спомнаа тоа и генерално си е океј вака тоа 5 на тоа што ќе понудат, сега зависи од понудата, ама помеѓу 15 и 18 би се движело согласно некои проекции.
Н.Г. – Ќе ти прифатат толку
М.Ј. – Па ако му кажеме ке прифатат да не тоа нешто, и на другото е толку
Н.Г. – Да не е многу бе, а? Да не се претера новинарството?
(360 СТЕПЕНИ)