Со оваа техничка иновација се збогатуваат можностите на филмските проследувачи и проучувачи подлабоко да навлезат во аспектиката, естетиката и конкретното производство на филмот. И затоа после три децении можеме да кажеме дека еве „Кинопис“ ја има вистинската достапност до целосната публика кај нас
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Кинотеката на Македонија, не многу по најавата на проектот за дигитализација, деновиве ги направи достапни на својата интернет страница сите досега издадени броеви на „Кинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности.
Кинотека деновиве, во рамките на проектот за дигитализација, скенирање и прикачување на интернет, ги направи достапни во електронска форма сите досега издадени броеви на „Кинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности кое започна да излегува во 1989 година.
Во најавата за проектот стоеше информацијата дека „таквиот процес е до некаде усложнет заради тоа што во изминативе 30 години колку што излегува списанието, технолошките услови за негова подготовка и печатење неколкупати се менуваа“. Сепак, наспроти се порано отколку што се очекуваше „Кинопис“ го почнува својот реален дигитален живот.
„Со ова само ги збогатуваме можностите на филмските проследувачи и проучувачи подлабоко да навлезат во аспектиката, естетиката и конкретното производство на филмот. И затоа после три децении можеме да кажеме дека еве „Кинопис“ ја има вистинската достапност до целосната публика кај нас, а не само на оние заколнати љубители на седмата уметност. Сега и генералната публика може да пристапи и на три клика од себе да ги има оние скапоцени и многу битни текстови кои се објавувани во Македонија и во кои домашните но и светските проучувачи гледаат пред се на македонската кинематографија, но и на странската и на определени бисери од оваа уметност,“ вели Петар Волнаровски, уредник на „Кинопис“.
Говорејќи за овој несекојдневен потфат, дизајнерот професор Ладислав Цветковски, кој графички-ликовно го уредува списанието повеќе од две децении, на својот Фејсбук профил ќе напише:
„Ми требаше месец дена интензивна работа да ги пронајдам и оживеам сите фајлови кои постоеа во мојата домашна архива. Лесно беше со броевите од последните 3-4 години, но ‘забавно’ беше со постарите, затоа што не беше едноставно да се вратат во функција фајловите од 1998 година“, напиша тој.
Од друга страна, Цветковски, која ги донира електронските верзии на „Кинописот“ од бројот 20 па се до последниот, бр.55-56, за истите да бидат поставени на веб-страницата на Кинотеката, заедно со броевите од 1 до 19 кои се скенирани и нивните pdf-верзии се исто така достапни на истата страница КИНОПИС (kinoteka.mk), знае да каже дека за оваа иницијатива со Институцијата зборувале подолго време и дека за чудо во ова време на светска пандемија се појавила можност за да се заокружи идејата за прикажување во дигитален формат на списанието и можност публиката да се користи со него.
„Кинопис според мене е многу значајно списание бидејќи од самиот почеток до денес не само што се врзува со историјата на кинематографијата или кино прикажувањето во Македонија, тоа се врзува исто така и со првите можеби значајни текстови воопшто за фотографијата кај нас, област за која мислам дека сеуште не е доволно истражена и за која сметам дека треба уште многу да се пишува“, истакнува Ладислав Цветковски.
Тој и со појаснување дека за него посебен предизвик во процесот на „оживување на фајловите“ било што како на автор му се оживеале и некои сеќавања во работата со оваа Институција. Дека му се вратила неговата лична „кинотека“ од сеќавања за едно ентузијастично време кога самите креирале македонски фонтови, правописна и граматичка поддршка за софтверите кои денес веќе не се користат, за едно немирно време, за луѓе – соработници од кои некои не се веќе меѓу нас или многу одамна не ги видел, за фирми и технологија кои денес не постојат.
„Драго ми е што од третиот број до последниот број сум дизајнер односно обликувач на ова списание, но она што битно е тоа што можеби нашата соработка, односно мојата лична соработка со Кинотеката, покрај доменот во обликувањето, продолжува со тоа што јас не запирам да ги средувам фајловите коишто ги имам во мојата архива се со надеж за да ги прилагодам за да бидат достапни, да ги донирам на Кинотека и таа да ги постави на својата веб страна. Дури слободно ќе најавам дека публиката може да очекува и други публикации што се надевам ќе бидат и тоа како интересни за пошироката публика која го почитува и следи филмот, посебно домашната кинематографија“, најавува Цветковски.
Во овој контекст, не треба да се заборави дека дизајнерот Ладислав Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката, како плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги и ДВД-а.
Инаку, Волнаровски потсетува дека во оваа прва фаза на дигитализирањето на „Кинопис“ на мрежата се ставени целосните пдф-документи ои така ќе можат да се прегледуваат, а со време планираат тие да се индексираат за да може да биде полесно пребарувањето и по автори и по теми.
„Најбитното е што за публиката, за филмската публика, за сите оние што се заинтересирани за филмот и промислата за филмот, е тоа што во „Кинопис“ за разлика од другите места каде што може да се најде пишан збор филмската уметност и индустрија овде имаме еден малку поинаков пристап, со подлабоки анализи и пошироки аспекти, значи не се само рецензии…и што е исклучително важно на неговите страници има доста теориски и методолошки текстови во однос на самото производство и сегментите на филмот“, смета уредникот на „Кинопис“.
И, чисто за потсетување, свои текстови за историјата теорија и култура на филмот досега објавувале бројни домашни и странски автори, филмски критичари, есеисти како Г. Василевски, М. Чепинчиќ, Б. Иванов, И. Старделов, В. Љ. Ангелов, Б. Куноски, С. Синадинов, В. Димитровски, Р. Јанкулоски, А. Чупоски, Д. Рубен, Д. Трајковски, М. Ковачевски, В. Галевски, С. Милевска, Р. Алаѓозовски, Е. Шелева, Ж. Кујунџиски, Љ. Костовски, С. Тодоровска, Дејан Косановиќ, Марјан Цуцуи, Мато Кукуљица, Хрвое Турковиќ, Ранко Мунитиќ, Петар Карџилов, Анте Петерлиќ, Младен Буриќ, Мирон Черњенко, Рон Холовеј, Вјекослав Мајцен и други.
(РСЕ – опремата е на Глобус)