Умре заборавен од неговата фела која не најде сила да организира барем некаква свечена академија. Му дадоа некои награди пред крајот на неговиот живот, просто натрупани. МРТВ прикажа еден набрзина – што би рекле Србите – „напабирчен прилог“ за него. И сите си замина на грчките плажи, да ја фатат евтината тарифа
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Без да се напие ништо, освен вода, па дури ниту кафе, Киро во последната деценија знаеше во кафеана да отвора секогаш интересни теми. На пример, на една од последните средби, а можеби и последната, којзнае, ја отворивме темата за појавата на новата левица во соседна Грција. Ценевски многу добро ја експлицираше тезата дека левицата во Грција е дел од по малку анархо-синдикалистичката интернационала, бидејќи голем дел од нејзиното население, една четвртина, живее од поморството. Не може, велеше тој, морнарите, кои излегуваат на копно по големите пристаништа, да не ја омирисаат идеологијата на нестандардната левица, значи не онаа која падна на плеќи, меѓу кои и стереотипните комунисти (а за ПАСОК да не говориме). Неговото предвидување дека Сириза ќе биде големата ѕвезда на грчкото политичко небо, беше создадена далеку пред за тоа некој да се клади на континентот. Навистина, тоа беше секако време кога Ципрас делуваше заедно со Варуфакис, уште пред да станат изборни фаворити, ама од автентичните анализи на Ценевски излегуваа точни прогнози. За оваа и други сентенци на животот.
Ценевски сакаше да седи со нашето друштво, најпрвин во некогашниот „Париз“ во ГТЦ а потоа, по затворањето на ова светилиште на духот, во нашата нова адреса – „Пелистер“. Ова се должи веројатно заради фактот што ние не бевме агресивни во испитувањето за неговото здравје, за тоа со кого и како живее, му стига ли пензијата и се така а создававме други приказни околу теми кои беа дел од балканските турбуленции, со нови извори поврзани за националната историја. Од друга страна, ние не му бевме некои кои би ги дефинирал како луѓе кои му мислеле лошо или не дај боже му нанеле зло – некои од нас пишувале за неговите филмови, други биле гледачи на неговите дела… На два пати, есента 2016 и зимата, за Божиќ 2018 година, се сретнавме некаде околу пазарчето Буњаковец. Тој носеше торби главно полни со овошје, што укажуваше дека ги слуша лекарските совети (а тоа го потврдуваше и со фактот дека во кафеана не пиеше дури ниту вода). Тој праша дали се уште одиме на истото место, кои се’ седат на нашата маса и вети дека ќе дојде. Не онака цврсто како некогаш, не сакаше да лаже, едноставно како да говореше во стилот „би сакал“… Но, не дојде и ние само го споменувавме и ги прашувавме луѓето од неговото некогашно милје дали се сретнале со филмаџијата. Се помалку имаше такви. Како да се насетуваше неговата самотност.
Ценевски обично велеше дека тој преку своите филмови се пресметува со „четирите волци“ на Македонија. Ако кај „Црно семе“ е јасно за кого се работи, преку глутницата војници истоваени на грчките острови, каде беа затворени многу членови на ДАГ, голем број жители на Беломорска Македонија, јасно е и дека во „Јазол“ (1985) а по сценариото на Славко Јаневски се работеше за градење на негова пресметка со бугарскиот агресивен нацонализам. Германски и „братски“ окупаторски офицер играат руски рулет со домашен затвореник, жртва на европските кројачи на мапите. Тие негови филмски приказни правени по однапред поставена теза, заради генералната иновација во филмскиот јазик и заради паралелизмот со паневропскиот отпор кон режимот на четирите грчки потполковници, столбовите на тогаш актуелниот режим во Атина, во „Црно семе“ се споија во полесна разбирливост. Па и заради редуцираноста во приказната и нејзината сведеност на метафори, чисти и јасни како егејските мермери.
Кај „Јазол“ беше тешко да се дефинира таа теза за земјава и народот како жртва на историските германско-бугарски релации, иако времето на отсликаниот настан се поклопува со еврејскиот егзил во логорите (одново тие страшни зандани и геноциди), но Ценевски не сакаше премногу да стави на таа карта.
Уште потешко беше да се објасни неговиот втор филм – „Јад“ (1975) кој визуелно беше раскошен, но тежок за разбирање на начин на кој самиот Ценевски тоа би го посакал – како расчистување на односот меѓу словенството и византиската доминација, преку појавата на богомилството а со силно присуство на нејасните, но видливи двојби кај домицилното население. Иако проектот се базираше на речиси неограничени средства и со ангажирање на многу ресурси во земјава, филмот немаше поголеми успеси и тоа го направи притисокот врз Ценевски како автор кој ќе остане само со едно дело зад себе! Уследија поголем број долгометражни документарни филмови, кои некои критичари ги оценија како „бајадери“, поврзани со Струшките вечери на поезијата.
„Оловна бригада“ (1980) е дело снимено во македонски рудник и одразува префрлување на Ценевски на „домашен терен“, на современа работничка тема: пропаста на симболите на социјализмот, неизмерното благо кое останува во длабочините на окната недопрено… Ова дело можеби идните генерации подобро ќе го вреднуваат, но сепак тоа требаше да биде навестување на пропаста на едно општество, се најави уште еден волк кој ќе дојде и ќе не разјадува одвнатре.
За разлика од неговата генерација која во средината на 70-тите во Вардар филм умееше да се потпира на некаква национална пролет, често и преку разни ефемерности (да речеме некој филмаџија добил патен налог да оди во Грција, ама е пишано дека лицето ќе оди во Егејска Македонија!) кои завршуваа залиени со литри вино во некоја меана, Ценевски многу позрело и со јасен смисол за проценка умееше да ги вреднува и постарите и младите јавни личности. Тешко е да се говори денес за тоа, ама тој никогаш не прозборе ниту збор во прилог на антиквизацијата на Македонија.
Болен, долго лекуван, оставен и од двете големи групации во земјава тој не доживеа ни почесно простување при заминувањето (17 јуни годинава). Сите свечени академии и слични форми на оддавање на почит се одложени за некое идно време. Ова само ја кажува збунетоста на одговорните во филмската култура во однос на она што од нив го налага елементарната пристојност.