Незадоволствата и споровите ескалираат и, во овој случај, нема механизам преку кој обете страни би се договориле да се потпрат на надворешен судија со авторитет за фер да пресуди кој е во право – затоа што влоговите се превисоки“, вели проф. д-р Кит Браун во ова интервју за „Критинк“, во кое со него разговараме за улогата на критичкото мислење во науката и, особено, изучувањето на историјата. Разговорот го објавуваме во продолженија, заради должината
„Балканската историја е обликувана од територијалните амбиции и спорови од последните сто години, со што станала ситуација на ‘нулта сума’ – поим од теоријата на игри, кој подразбира дека ако едниот играч добива, друиот автоматски мора да изгуби. Таа, исто така, има добиено и квазирелигиски аспекти, со оглед на тоа што тековните дебати откриваат загриженост за чистотата и загаденоста на основните обвинувања во врска со лојалност и предавство. Незадоволствата и споровите ескалираат и, во овој случај, нема механизам преку кој обете страни би се договориле да се потпрат на надворешен судија со авторитет за фер да пресуди кој е во право – затоа што влоговите се превисоки“, вели проф. д-р Кит Браун во ова интервју за „Критинк“, во кое со него разговараме за улогата на критичкото мислење во науката и, особено, изучувањето на историјата
Кит Браун е професор на Школата за политика и глобални студии на Државниот универзитет на Аризона. Тој е истовремено директор на Центарот за руски, евроазиски и источноевропски студии „Меликиан“. Браун има докторат по антропологија од Универзитетот во Чикаго и најмногу работи во областа на културата, политиката и идентитетот. Дел од неговите обемни истражувања за етнонационализмот и улогата на националните истории на Балканот ѝ се достапни на јавноста преку преводите на книгите „Минатото под прашање: Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“ (2010) и „Верни до смрт: Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ (2014).
Во интервју со порталот за промоција на критичко мислење и медиумска писменост „Критинк“ д-р Браун објаснува колку е важно критичкото мислење при објективното разгледување на прашањата поврзани со историјата.
Колку е важна примената на критичкото мислење кон историјата, односно историографијата и антропологијата?
– Критичкото мислење е многу важно и за историјата и за антропологијата. Скептиците и негаторите понекогаш ги отфрлаат нашите методи како „меки“ или повторуват излитени клишеа како „историјата ја пишуваат победниците“. Но, евалуирање и споредување на извори, проценување како културните и општествените фактори влијаат врз индивидуалните одлуки, се основните компоненти на обете дисциплини. Дополнително, а можеби уште поважно, е што историчарите и антрополозите признаваат дека значењата и хоризонтите се менуваат со текот на времето и во различни простори.
Ова е особено важно при изучувањето на национализмот – начин на политичко организирање и формирање идентитети што придонесе кон распадот на мултиконфесионалните империи во XIX век, а кој често бара легитимитет со тврдења за прастари корени. Состојбите ги комплицира и однесувањето на нациите држави, кои вложуваат многу во пренесување силно чувство за споделена историја кај своите граѓани, која ги разликува од другите. Често, полесно е за луѓето да ги видат неконзистентностите и искривувањата кај визијата на минатото на соседите, отколку да ги стават под знак прашалник и одблизу да ја испитуваат историјата за која сметаат дека го држи заедно нивнoто општество.
Критичкото мислење бара, како еден од првите чекори, да ги земеме предвид нашите сопствени наочници (штитници за очи, дел од оглав со кои коњите се насочуваат да гледаат само во една насока), нашите сопствени предрасуди и области на незнаење. Во полза на критичкото мислење е и водење дијалог, при што учесниците си ги зауздуваат своите ега и не дозволуваат да ги понесат сопствените агенти, туку го мерат успехот не преку тоа колку поени ќе освојат, туку преку тоа колку нови начини на согледување на работите помогнале да се создадат и за себе и за другите.
Политичките естаблишменти во повеќето балкански држави изгледа инсистираат на промовирање на концептот на „национална историја“, во чија основа е селекција на „позитивни“ и исклучување на „негативни“ факти со цел да се креираат или одржуваат официјални наративи (приказни), кои потоа се користат во учебниците од јавниот образовен систем за да се поттикне патриотизмот. Во последните 200 години овој догматски пристап често се користеше како појдовна точка за оправдување на угнетувањето на „другите“. Постојат ли други начини на кои може да ѝ се пристапи на историјата?
Историјата нуди неверојатно богато поле за изучување. Во 2015 година, оралната историчарка Светлана Алексиевич ја доби Нобеловата награда за литература за своите хроники со кои ги зачувува гласовите на граѓаните при распадот на Советскиот Сојуз. Организациите како ЕуроКлио, чии членови се и многу наставници по историја од Балканот и Источна Европа, промовираат изучување на глобалната историја, ги охрабруваат членовите и учениците да ја истражуваат општествената, културната и економската историја. Храбри историчари со отворен ум се често водечките критичари на исклучивоста, која е во срцевината на националните истории. Тоа е случај и во САД, преку напори како Проектот 1619 (за историјата на ропството).
Сметам дека овие видови пристапи имаат огромен потенцијал да го трансформираат разбирањето на минатото меѓу луѓето и да поттикнат размислување за тоа како сегашноста ќе изгледа гледана од иднината. Особено ме радува потенцијалот на микроисторијата, чиј пионер е Карло Гинзбург, преку која се извлекуваат пошироки општочовечки значења со детаљно изучување на еден настан или заедница.
Во Вашата книга „Верни до смрт, Довербата и теророт во револуционерна Македонија“ ги посочувате предизвиците на некредибилност или пристрасност на достапните историски извори од крајот на XIX век, меѓу кои се преписката на британските конзули, зачувана на микрофилмови, во Музејот на македонската борба во Грција и барањата за пензии, кои во периодот меѓу 1948 и 1956 година до новата македонска држава ги поднесувале веќе остарените преживеани револуционери од илинденскиот период, а кои се зачувани во Државниот архив на Република Северна Македонија. Како се соочивте со предизвикот да ги извадите полезните информации од тие записи?
– Прво, имав прочитано многу од тие извори во текот на моите постдипломски студии по антропологија. Свесен дека Илинденското востание од 1903 година се интерпретира на различни начини од научници за кои правилниот контекст била грчка, бугарска, српска, албанска, југословенска, отоманска, балканска или македонска историја, сакав да се приближам колку што е можно повеќе до периодот, преку што поблиска работа со изворите кои, на еден или друг начин, стоеја надвор од таквите референтни рамки.
На пример, ме погоди фактот што, според записите во Државниот архив во Скопје, само неколку истражувачи воопшто барале пристап до досијета со биографии од Илинденската архива. Моето разбирање беше дека овие извори биле отфрлени затоа што, очевидно, биле напишани од личен интерес. Од друга страна, британските, француските, германските и американските дипломатски и конзуларни архиви се третираат како непристрасни, објективни и клинички записи, како нивните автори да биле научно обучени медицински професионалци, кои ги дијагностицирале болестите на империјата што лежела на умирање.
(продолжува во следниот број)