АНА ЧУПЕСКА
Доколку Србија и Косово успеат да се договорат во рамките на ОБ ќе може да се надмине структирниот проблем за учество на сите земји со што би се постигнала комплементарност на траекторијата на целосна интеграција во економскиот простор на ЕУ
Асоцирањето на РСМ во ЕУ е во состојба на клиничка смрт, како поради нашите локални самоубиствени пориви и невозможноста да дојдеме до национален консензус, за ова прашање, така и поради актуелната идеолошка војна на демократскиот и недемократскиот свет, која и тука добива свои манифестации при што недемократските сили се и најголемите кочничари на асоцирањето.
Дека состојбата на европско тло е предизвикувачка не е спорно, но ситуацијата на Балканот е уште попроблематична. Оваа недела се очекува поместување на позициите на српско – косовските преговарачки процеси од кои зависи европската иднина на целиот регион. Ние веќе 20 години чекаме да се отворат вратите на ЕУ, добивме и нова методологија, но западниот Балкан по типичен и уникатен самоуништувачки синдром се уште не успева да ги реши своите инфантилни потреби. Состојбата на лимбо, несигурна иднина, слаби институции и нашироко распространета корупција, се уште е непремостлива пречка за членство во унијата на целиот Западен Балкан. Иако интересот на унијата е стабилен Балкан, особено ослободен од руско – кинески интереси, во согласност со геополитичката автономија на унијата од друга страна интересот на ЗБ се несомнено поврзани со економската корист од членството, гаранциите за мир и забрзаниот демократски развој.
Од оваа перспектива уште од минатата година почна да се заговара достепен процес за асоцирање на Западен Балкан како и На Молдавија и Украина. Првото ниво подразбира интеграција со економскиот пазар на унијата со гаранции за членство во економската област, а по примерот Лихтенштајн, Норвешка и Исланд. Значи станува збор за економска интеграција од која се очекува да има политичко-трансформативен карактер но и ова изискува далеку поголема посветеност на земјите во борбата со корупцијата, владеење на правото и секако зголемено владеење на демократијата.
Во 1994 година Финска, Шведска и Австрија. прво беа вклучени во Европската економска област па после една година станаа рамноправни членки.
Оваа идеја гласно ја промовираше Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност, со образложение дека ваквиот формат се очекува да ги забрза и засили мировните аранжмани и индицирање на забрзана демократизација.
На ЕУ каква таква сепак и е потребен стабилен и просперитетен Балкан по нејзин терк, а на балканските економии им е потребно да се интегрираат во ЕУ пазар. Во спротивно Клаус смета дека уште многу долго балканот ќе остане заглавен и беспомошен.
Идеjата е да го направат тоа што го направија Романија, балтичките земји и Словачка кои рапортираа реален раст на БДП.
На друго ниво дебатата за проширувањето се одвива на тн призма на синтагмата: продлабочување (deepning) пред проширување. Ова подразбира реформирање на начинот на одлучување во ЕУ што е тежок а најверојатно и неизводлив процес, па оттука циркулираат идеи за членство со рестриктивен вето капацитет, поточно евентуално новите членки одреден период да немаат право на вето во советот.
Во рамките на овие две опции за кои се разговара во ЕУ, ние имаме неколку можности. Прво доколку Србија и Косово успеат да се договорат во рамките на ОБ ќе може да се надмине структирниот проблем за учество на сите земји со што би се постигнала комплементарност на траекторијата на целосна интеграција во економскиот простор на ЕУ па така од таа позиција влогот на земјите од ЗБ би бил далеку повредуван во поглед на вето рестриктивното присуство во советот на ЕУ.
Од кога ги имаме овие согледби пред нас не е лошо малку да ја заборавиме темата за уставни измени и да се зафатиме за стручна па и јавна дебата за можностите кои произлегуваат од овие опции. Така би излегле од дневнополитичката тиња и би биле конструктивни наместо малодушни. Така може и ќе се разбудиме од клиничката смрт.