БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Многу интересен феномен е фактот што сите се скандализирани, шокирани и бесни од отворањето на Културен клуб во Битола, и тоа под името на фашистот Ванчо Михајлов. Освен тоа, за шокот да биде со уште поголеми размери, сите се прашуваат како се случи баш бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков, да присуствува на отворање на Клуб во Битола- Ванчо Михајлов?
Но, добро е да се почне од самиот почеток. Или, можеби сепак е најдобро од самиот крај?
Сите македонски политичари, на чело со премиерот Димитар Ковачевски, скандализирани, бесни и огорчени, во неверица повторуваат, како во психоделичен транс, дека е неопростиво што се отворил Културен клуб со името на фашистот Ванчо Михајлов. Насред нашата сакана Битола.
Има ли некој со пристојна интелигенција, дури и со полупристојна не е никаков проблем да ја заврши целата работа, има ли некој таков да се најде и да ги праша наједноставното прашање: Што мислите, како навистина се случи? Како се отвори Клубот? И тоа во Битола?
Веројатно на сите им е познато каде точно се наоѓа Битола? Во Македонија. Сам од себе секако дека не се отворил. Никој нема толкава моќ сам да се создаде, па дури ни нацистичките имиња, како Ванчо Михајлов, славен од неговите бугарски собраќа, приврзаници, обожаватели..
Но, сепак, внимавајте. Бугарската делегација на чело со Кирил Петков дошла во друга земја, дошле во Македонија. Не дошле со оружје, со присила, со насилство да отворат „Клуб Ванчо Михајлов“. Овој Клуб добил дозвола од оваа земја. Веројатно постојат некои институции во оваа земја во кои некој работи. Некој чита нешто, прегледува некакви документи, макар биле на искинати листови, замачкани ливчиња, изгужвани салфетки, тој некој удира врз нив печати, дава дозволи, лиценци, макар врз тие употребени салфетки, исцепкани ливчиња, поткинати листови.
За крај, пред да дојдат важните гости од Бугарија, да го слават нацистот Ванчо Михајлов, за крај, за последен пат некој решава да го светне она што никогаш нема да може навистина. Но, сепак. За крај, ги брише стаклата од Клубот, ја мете улицата, пафта чаршафи, луфтира канцеларии. Плукнува сосема за крај по стаклото, за да се огледаат сите од неговата чистота.
Тој Клуб никогаш нема да може навистина да се исчисти, секогаш ќе биде грд и до лошење валкан, ќе смрди на пцовисан стаорец, онака како што само му прилега на името на Ванчо Михајлов. Она што никогаш нема да им простиме е што дозволија тука да го отворат. Не се Бугарите тие што го отворија. Никој не може дома да ви отвора и затвора, особено не пцојсани нацистички стаорци. Не се сеќавам дека во друга земја тоа е можно. Затоа, најдобро е Владата да го соопшти во оваа држава името и презимето на тој што тоа го сторил. Затоа што, ако молчи и штити некого, после сево ова, ќе сметаме дека таа тоа го сторила. Или, најверојатната опција е дека немала појма што се случува. Како што само му прилега на Клубот на изгубените политичари.