ЛИЛЈАНА МАЗОВА
Од неодамна ја имаме и книгата „Сирота мала богата драма“ чии издавачи се Македонскиот центар на ИТИ и Гете институт Скопје, а приредувач е доцент д-р Иванка Апостолова, раководител на ИТИ центарот во Македонија. Книгата, односно единаесетте драми во неа, се објавени/преведени во првиот дел од книгата на англиски јазик, а во вториот дел се објавени на македонски јазик.
„Сирота мала богата драма“ е убав и корисен потфат за запознавање на поширок круг на читатели и театарски творци. Факт е дека со објавените драми читателот се запознава со тековите/интересите и начинот на размислување и пишување на млади македонски автори (или помалку млади) театарски творци. Како концепт посветена е на развојот на современата македонска драма и драматургија. Колку мене ми е познато, чинам ниту една од драмите уште не е поставена на ниту една сцена во Македонија. Значи, секоја од нив ја чека својата праизведба.
Токму ова е и поен плус и за самата книга и за македонската драматургија. Веројатно „Сирота мала богата драма“, вака конципирана има широка можност за читање/поставување на во неа објавените драми. И уште поважно: запознавање на домашната и, пак уште поважно, странска театарска јавност со драмските творби што сега се создаваат во Македонија.
Секоја книга си го наоѓа патот до својот читател. Затоа и мислам дека објавувањето на „Сирота мала богата драма“ колку е важно да допре или да се најде во рацете на домашниот театарџија, уште поважно е да стигне до читателите и најмногу театарџиите низ светот. Да го открива/покажува интересот и драмското писмо на овие македонски автори.
Верувам, со оглед на концептот и неговата реализација, тоа и ќе се постигне. Сега е најважно „Сирота мала богата драма“ (провокативен наслов) да се најде пред што е можно поголем театарски аудиториум. И да повторам, објавените единаесет драми да бидат одиграни и на некои сцени надвор од Македонија.
Токму со тоа авторите (по редоследот на објавените драми) Ева Камчевска (Биолошки чласовник), Надица Трајкова (Сама), Елена Пренџова (Гулаб на прозор), Теа Беговска (Кафе без цигари), Кирил Дончов (Чудни се патиштата чоечки), Игор Поп Трајков (Фонтана), Стефан Марковски (Коџак), Васил Михаил (Паркинг), Лидија Митоска-Ѓорѓиевска (Расипан безобразен лажго), Ирма Башевска (Смени, спаси) и Миа Кантарџиева (Страв – монолог на тема за која ретко се зборува во нашите театри), освен објавата на драмите во едно вакво издание, ја имаат и можноста да бидат поставени и вон македонското јазично подрачје.